19 Април, 2024
0.0778

Петар Атанасов по неполна година си поднесе оставка со писмо до премиерот Заев

Објавено во: Македонија 24 Јуни, 2019

Добивај вести на Viber

Петар Атанасов по неполна година откако беше назначен за заменик-министер во министерството за образование објави дека си поднесува оставка. Професорот вели дека размислувал за ваквиот потег уште пред премиерот Зоран Заев да ја објави владината реконструкција. Оставката ја соопшти преку писмо упатено токму до Заев во кое вели дека очекуваните промени во образованние не го дале посакуваниот ефект, односно не се остварувале. Вели дека бил член на „Шарената револуција“, но дека не смее да се остави истата „да ги изеде своите деца“.

„Почитуван Претседател на Владата г-дин Зоран Заев, Сакам да Ве известам Вас и јавноста дека поднесувам оставка од позиција на заменик министер во Министерството за образование и наука. Ова ви го соопштив уште пред реконструкцијата, но еве сега може и да се процесуира. Едноставно, мојата позиција станува неодржлива и неефективна. Истовремено, давам оставка и на сите дополнителни функции во рамките на Министерството за образование и во Владата која Вие ја предводите! Во изминатите неполни 10 месеци, со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем кој со години не само што не се менувал, туку и многу назадувал и еродирал. Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! “, се вели во писмото на Атанасов.

Додава дека неговиот ентузијазам бил дочекан со кочници и не му било дозволено да формира тим за промени во образовната програма која со години трпи критики, но никако да се промени.

„Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме. Нејсе! Во овој кус период во МОН работев на повеќе прашања и проблеми и се обидов да се вклучам во што повеќе процеси. Морам да истакнам дека уште од самиот почеток не ми беше дозволено да формирам тим со што ефектите од мојата работа би биле многу поголеми“, тврди заменик-министерот кој на оваа позиција дојде во август минатат година.

Понатаму споменува и други мерки и предлог-решенија кои не биле прифатени од страна на повисоките инстанци, како и во пониските слоеви од хиерархијата.

„Првите два месеца заедно со една поголема група изготвивме решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Кабинетот на министерот. Неколку месеци работев, заедно со неколку креативни луѓе, на дизајнирање на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Вашиот Кабинет. Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции, заради воспоставување на директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование. За жал ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализира поради инертноста и спороста на образовните институции. А треба многу работи да се менуваат!“, смета Атанасов.

Сепак тврди дека во ресорот имало и стручни лица кои ги имале потребните квалификации и желба да се спротивстават на ригидноста на системот. Дава отчет и на она што успеал да го сработи.

„Кај мал дел од вработените во МОН наидов на одлични соработници за неколку прашања и процеси. Луѓе кои се долго во образованието, но ретко добиваат шанса да покажат што знаат и можност да напредуваат. Имав интензивна соработка со структурите и научноистражувачките центри во Брисел, особено со експертска фела. Пред еден месец на моја иницијатива кај нас започна пилот проектот СЕЛФИ, самоевалуациска алатка која многу ќе им помогне на наставниците во нивните планови и програми. За ова во Скопје допатуваа неколку преставници на European Training Foundation - ETF. Станав дел од Управувачкиот одбор за формирање на Меѓународен институт за одржливи технологии во Југоисточна Европа. Во таа мрежна соработка на ниво на регион би можело да се работи и на поголеми проекти. Пред една недела, заедно со неколку претставници на Министерството за образование и Министерството за економија остваривме регионални контакти и разговаравме за интензивирање на изработката на Стратегијата за паметна специјализација. Уште една бриселска алатка за поефикасно планирање на приоритетите на социоекономскиот развој, но и на образовниот процес. Тука ќе застанам, иако имаше многу повеќе“, пишува тој.

Понатаму се осврнува и на тоа што треба да се работи во иднина за да се подобри образовната програма и процесите во овој комплексен систем.

„Главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање на поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред се, на учениците. Но за ова, најпрвин, треба да се промени филозофијата на целото образование. Еден закон, или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати. Пристапот мора да биде холистички, за што повеќе пати елаборирав во многубројните јавни настапи и интервјуа“, истакнува Атанасов.

Еден од неговите совети до премиерот Заев е и да се подобри интеркултурализмот во образованието.

„Во недостиг на простор и можност за поголеми промени во образованието, најголем дел од моето време во изминатите 10 месеци го посветив на процесот за подготовка на „Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам“. „Едно општество“ е мој концепт и визија за иднината на државата, кој беше вклучен во програмата на партијата, а потоа и во програмата на Владата. Заедно со неколку одлични соработници од повеќе институции влеговме во процес на градење на овој концепт за едно општество. Како што јавно говорев и аргументирав, во нашето општество паралелно се одвиваат два процеса поврзани со општествената (дез)интеграција. Едниот процес го форсира национализмот, етноцентризмот и изолацијата, додека другиот процес, концептот што ние го понудивме, во преден план ги става соработката, интеграцијата и заедништвото. Во оваа стратегија голем дел е посветен на образованието, како основа за идните политики и законски решенија, кои во една пристојна временска димензија би поддржале процеси на интеркултурно живеење и комуникација, без разлика на сите наши специфичности и различни припадности. Без суштински и добро осмислени и реализирани промени во образованието, ниту оваа стратегија нема да може да фати корен“, вели Атанасов

За понатамошните активности најавува дека се враќа на својата стандардна професија и дека идеалите на „Шарената револуција“ се доведени под знак прашалник.

„Моја намера и лична желба е да се вратам на академската кариера, затоа што револуцијата што ја покренавме почна да ги јаде сопствените деца. Годинава навршувам 30 години професионална работа и професионални ангажмани во неколку клучни и различни сектори, исполнети со потраги по нови предизвици. За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија. Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува“, завршува Атанасов.

Можеби ќе ве интересира

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за прекршувањето на изборниот законик од страна на Академијата за судии и обвинители

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

БОШЊАЦИТЕ МУ ПОДНЕСОА КРИВИЧНА НА СТОИЉКОВИЌ: Велат го исмевал и негирал геноцидот во Сребреница

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ОСМАНИ ОСТАНУВА НА СВОЈОТ СТАВ: Владата ќе одлучи за иднината на Отворен Балкан

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

ГРЕШКА СО ЗНАМИЊАТА: Македонската армија се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

АПАСИЕВ ЗА ИЗЈАВАТА НА МИЦКОСКИ: Не верувај им на ДПМНЕјците, дури и кога ти носат подароци

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

Директорот на „Стрежево“ купил 4,5 пати поскап ратрак на старо

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

ДАВКОВА ИЛИ ПЕНДАРОВСКИ, ТАРАВАРИ ИЛИ ОСМАНИ, ВМРО-ДПМНЕ ИЛИ СДСМ - еве кој води на најновата анкета на ЦРПЦ

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

Боки 13: Да се расчисти случајот „Рекет“ и да се каже каде се парите

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо

МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА НА ГОЛЕМИ МАКИ – најевтина кирија е 1.000 евра, во големите градови уште поскапо