ПЕПЛОСАНА ШУМА И ЗАШТИТЕНИ ДРВЈА: Албанија се бори со 16 големи пожари
Објавено во: Балкан 24 Јули, 2017
Властите во Албанија се борат со 16 големи шумски пожари, вклучувајќи и во близина на главниот град Тирана, објави новинската агенција АТА повикувајќи се на Службата за цивилна заштита. Огнот продолжува да е опасно блиску до Скадар, Валона, Елбасан, Ѓирокастро, Лежа, Кукс и Фиер. Два пожари се веќе изгаснати.
„Повеќе од 100 пожарникари, 15 возила, 85 доброволци, 50 припадници на силите за брза реакција и хеликоптери се борат со огнот“, се вели во соопштението.
Во реонот на Тирана изгореле 4 хектари шума во близина на селото Иба и околу хектар заштитени дрвја во националниот парк Дајти во близина на селото Хекал. Во околината на Ѓирокастро пожарот пеплосал 10 хектари обработливо земјиште.
Министерот за внатрешни работи Дритан Демир изјавил минатата среда, дека владата на Албанија побарала помош од НАТО за гаснење на пожарите во јужниот и источниот дел на земјата.