28 Април, 2024
0.0541

Пехчевски од Еко-свест: Ако одговорот на властите е јаглен, мазут и дизел, тогаш животната средина и здравјето се секундарни

Објавено во: Македонија 30 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Се зголемува бројот на домаќинства и во деловите што не се покриени со централното греење, се зголемува бројот на автомобили додека истовремено се зголемува нивната просечна старост, повеќе помали и поголеми индустрии се префрлаат на позагадувачки горива заради цената итн. Мерките што се спроведуваа или се планирани се недоволни за да го амортизираат сето ова. Дури и некои од мерките што можеше да донесат подобрување на долг рок, како подобрувањето на јавниот превоз, се целосно ставени на пауза, алармира во денешното интервју за Фактор, Давор Пехчевски, експерт за квалитетот на воздухот од Еко-свест. Истовремено оценува дека доколку главниот одговор на кризата од страна на властите е јаглен, мазут и дизел, тогаш пораката што е испратена до граѓаните е дека се е дозволено за да се обезбеди енергија и дека животната средина и здравјето се секундарни.

Деновиве сме сведоци на една фотографија која се шири по социјалните мрежи, а тоа е Амстердам во 70-те години кога асфалтот на улиците не се гледа од стотиците возила. На овој град му требаа само неколку години да се претвори во град на велосипеди и простран пешачки простор, град во кој новите генерации не знаат што е загадување на воздухот, бидејќи направиле правилни одлуки во меѓувреме. Ве прашувам како експерт за квалитет на воздухот, каде грешиме?

Има две клучни причини зошто ваквите измени, па и други, кај нас скоро воопшто не се воведуваат. Можеби најважно е што кај нас споро се прифаќаат и воведуваат позитивни примери, но, и не се учи од туѓите грешки. Примерот на Амстердам и во други земји повнимателно се воведува, ама сепак се воведува. Поврзано со ова е и свесното намалување на амбициите и целите затоа што „ние не сме Амстердам“, па тоа да функционира и кај нас.

Токму затоа и многу често работиме со неконкретни и половични решенија што не носат значително подобрување на долг период. Токму сообраќајот во Скопје е одличен пример за ова. Иако имаше подобрување и зголемување на велосипедската мрежа, таа не беше проследена со мерки за дестимулација на автомобилскиот сообраќај или оптимизација на јавниот транспорт за да може да се комбинира со немоторизиран транспорт. На овој начин, иако има мало зголемување на употребата на велосипеди, па и електрични тротинети, во Скопје, тоа не е проследено со генерално намалување на употребата на автомобили.

Дали за Вас е прифатливо, топланите Исток и Запад да работат на дизел наместо на природен гас, со оглед што дизел горивото е многу штетно за животната средина, како што Еко-свест веќе реагираше на таа тема. Дали ова ќе биде една од најголемите грешки?

Не само топланите Исток и Запад во Скопје, туку и кое било навраќање кон зголемување на употреба на високо-загадувачки фосилни горива е неприфатливо во 2022 година. Ние изминативе две години во земјава се соочуваме со интензивен увоз на јаглен, реактивирање на електрана на мазут, а еве сега и прилагодување на топланите да работат на дизел. Ова, покрај другото, е и огромен одлив на финансиски средства што би требало да се инвестираат во енергетската трансформација на земјата кон зголемена употреба на обновливи извори на енергија. Дополнителен проблем е што овие средства се потрошени нетранспарентно и нема никаква информација што точно, во колкави количини и со каков квалитет е набавено.

Конкретно за решенијата за загревање на домаќинствата, веќе постојат понови технологии базирани на обновливи извори, што се истовремено и поевтини и поефикасни. Исто како што се интензивира дискусијата за инсталирање на соларни системи за производство на струја како дел од мерките за надминување на кризата, мораме да почнеме да зборуваме и за воведување на обновливи извори за загревање и ладење.

Одредени анализи за емисиите на загадувачките супстанции од секторот греење домаќинствата во Скопската котлина упатуваат дека загадувањето ќе се зголеми за 30% до 2025, а бројките најверојатно ќе бидат уште повисоки ако се додадат емисиите и од другите сектори, како на пример транспортот. Имаме ли системски мерки за намалување на емисиите и дали почнуваат постепено да се имплементираат?

Тешко е да се процени како ќе се движи загадувањето на амбиенталниот воздух затоа што зависи од повеќе фактори, но, точно е дека се очекува зголемување на емисиите од сите сектори во Скопската котлина. Се зголемува бројот на домаќинства и во деловите што не се покриени со централното греење, се зголемува бројот на автомобили додека истовремено се зголемува нивната просечна старост, повеќе помали и поголеми индустрии се префрлаат на позагадувачки горива заради цената итн.

Мерките што се спроведуваа или се планирани се недоволни за да го амортизираат сето ова. Дури и некои од мерките што можеше да донесат подобрување на долг рок, како подобрувањето на јавниот превоз, се целосно ставени на пауза.

Дел од она што мора да се почне да се спроведува за да се спречи ваквото зголемување на емисиите во Скопје е интензивно да се работи на промена на начинот на загревање и тоа со посебен фокус на социјално-економски ранливите категории, да се започне со воведување на локални системи за централно греење базирано на обновливи извори во приградските населби како Драчево и Сарај, да се реорганизира и модернизира јавниот превоз, да се зголеми просторот за немоторизиран сообраќај и пешачење на сметка на просторот за автомобили, да се воведат сразмерни и одвраќачки казни за индустриите што загадуваат, да се спроведат плановите за управување со отпадот и да се воведат мерки за намалување на емисиите од градежни и земјоделски активности.

Изминативе години главниот град Скопје речиси секојдневно беше на онаа неславна листа на најзагадени градови во Европа, па и во светот. Дали веќе може да говориме дека аерозагадувањето во земјава ги надминува сите безбедносни нивоа?

Загадувањето на воздухот во земјава одамна ги надминува сите безбедносни нивоа и тоа за повеќе пати. Доколку се погледнат извештаите за квалитетот на воздухот во Европа од Европската агенција за животна средина, ние редовно сме во топ три најзагадени земји според концентрациите на ПМ 2.5 честички. Здравствените последици од ваквото загадување се страшни и според анализите се движат од 3000 до 4000 прерани смртни случаи годишно, проследени со  многу повеќе случаи на хронични заболување на респираторниот и кардиоваскуларниот систем. Ова е, исто така и огромен товар на здравствениот систем и финансиските импликации се движат во десетици милиони евра годишно здравствени трошоци.

Еден од главните проблеми во Македонија се и мерните станици на аерозагадувањето, пред сè затоа што ги немаме во доволен број, а освен тоа станува збор за мерни станици со застарени инструменти. Дали нешто се презема на овој план?

Една од работите што се подобрија периодов е што се прошири мрежата од мерни станици и се заменија голем дел од старите инструменти. За разлика од претходните години, сега имаме доста подобар проток на информации за квалитетот на воздухот. Се надевам дека ова ќе донесе и уште поголема свесност кај граѓаните, но и кај институциите за потребата од итни инвестиции за намалување на загадувањето.

И секако клучно за чиста животна средина, за чист воздух, за зелена држава е свеста на луѓето. Може ли да се влијае на подигнување на јавната свест бидејќи изминативе децении навистина сме сведоци на бројни кампањи, форуми, конференции и така натаму, но реалноста е дека државата само повеќе и повеќе станува алармантно загадена? 

Јавна свест е нешто што некогаш се менува и во период од еден ден. На пример, и највнимателните граѓани во време на економска и енергетска криза може да се префрлат на позагадувачки начин на загревање само затоа што е поефтин. Затоа улогата што ја играат институциите тука е клучна и тие ја даваат насоката во која треба да се размислува и да се бараат решенија за кризата. Доколку главниот одговор на кризата од страна на властите е јаглен, мазут и дизел, тогаш пораката што е испратена до граѓаните е дека се е дозволено за да се обезбеди енергија и дека животната средина и здравјето се секундарни. На овој начин наместо да се спречи користење отпадни материјали за загревање, тоа се нормализира. Сите кампањи се залудни во овој случај, пораката е веќе испратена и штетата е веќе направена.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ: Бидејќи Еди Рама го прогласи Али Ахмети за „пионер на Отворен Балкан“, и Белград да го прогласи за почесен граѓанин

ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ: Бидејќи Еди Рама го прогласи Али Ахмети за „пионер на Отворен Балкан“, и Белград да го прогласи за почесен граѓанин

СЕ ОГЛАСИ ПРОФЕСОРКАТА НАЈЧЕВСКА - Алтернатива на СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ, не е ни ЗНАМ, не е ни Левица

СЕ ОГЛАСИ ПРОФЕСОРКАТА НАЈЧЕВСКА - Алтернатива на СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ, не е ни ЗНАМ, не е ни Левица

МАПАТА НА ТОПЛОТНИТЕ АНОМАЛИИ ПОРАЧУВА: ЛЕТОТО ЌЕ БИДЕ ПЕКОЛНО - подгответе се за екстремни појави

МАПАТА НА ТОПЛОТНИТЕ АНОМАЛИИ ПОРАЧУВА: ЛЕТОТО ЌЕ БИДЕ ПЕКОЛНО - подгответе се за екстремни појави

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Јас предвидов дека на 8 мај ќе има политички вулкан

СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА: Јас предвидов дека на 8 мај ќе има политички вулкан

АДВОКАТОТ МИТРОВСКИ: Спасовски намерно или не, му намести пенал на Палчо да аргументира пред турските судови дека во Македонија го чека политички монтирано судење

АДВОКАТОТ МИТРОВСКИ: Спасовски намерно или не, му намести пенал на Палчо да аргументира пред турските судови дека во Македонија го чека политички монтирано судење

ВАНКОВСКА ЈА ПРАШУВАЛЕ ЗА КОГО ДА ГЛАСААТ НА 8 МАЈ: Еве што им одговорила

ВАНКОВСКА ЈА ПРАШУВАЛЕ ЗА КОГО ДА ГЛАСААТ НА 8 МАЈ: Еве што им одговорила

ПОЛОГРАФОТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОКАЗ ВО ЕДНА ПОСТАПКА: Еве што велат експертите

ПОЛОГРАФОТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОКАЗ ВО ЕДНА ПОСТАПКА: Еве што велат експертите

НИШТО ОД СКАРА ЗА ПРВИ МАЈ: Ќе биде топло но ќе има можност за невреме

НИШТО ОД СКАРА ЗА ПРВИ МАЈ: Ќе биде топло но ќе има можност за невреме

ПАЦИЕНТ СО КОНГО КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА ХОСПИТАЛИЗИРАН НА ИНФЕКТИВНА: Тој е изолиран и моментално е во стабилна состојба

ПАЦИЕНТ СО КОНГО КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА ХОСПИТАЛИЗИРАН НА ИНФЕКТИВНА: Тој е изолиран и моментално е во стабилна состојба