01 Мај, 2024
0.0289

ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ СЕ ТРЕТИРАНИ СО ПЕСТИЦИДИ: Еве како со едноставни трикови да ги намалите штетните ефекти

Објавено во: Агробизнис 27 Октомври, 2023

Добивај вести на Viber

Овошјето и зеленчукот кои ги консумираме се третирани со пестициди. Но, постојат едноставни трикови со кои можеме да ги минимизираме штетните ефекти.

Нутриционистот Маја Велковска вели дека е потребно темелно миење пред да ги зготвиме намирниците.

„Овошјето или зеленчукот, можете да ги ставите во вода и сода или вода и оцет, одвоено, да не се мешаат двете и така да отстојат 15 до 20 минути, по што треба убаво да ги измиете. На тој начин од надворешниот слој се отстрануваат пестицидите“, вели Велковска.

Исто така, доколку варите храна за која знаете дека е прскана, добро е првата вода да ја истурите и да ја земените со нова.  Нутриционистот објаснува дека во САД ги тестираат намирниците и објавуваат кои овошја и зеленчуци имаат најмногу пестициди, што како информација е многу корисна за потрошувачите.

Агрономот Весна Севдинска објаснува дека по вкусот и изгледот самите граѓани можат да препознаат која овошка или зеленчук е третиран со пестициди.  Таа додава дека јадрите овошки кои ги среќаваме на пазарите, кои светат, имаат убава текстура, се премачкувани со посебно средство за да имаат убав естетски изглед, но и да траат подолго.  Тие се примамливи за купувачите затоа што убаво изгледаат.

„Дали производот е прскан се забележува по вкусот, делува неприродно, но и по изгледот. Доматот или некое овошје ако се скоро прскани, на површината имаат бели дамки. Граѓаните треба убаво да ги измијат продуктите пред да ги готват. Треба да се внимава и на грозјето, затоа што лозјата многу ги прскаат. Ако купите грозје, нека стои подолго во вода пред консумирање. Исто ако видите поситни јаболка на пазар и ако во 20-30 од нив, во едно најдете црв, треба да знаете дека тоа или не е прскано, или ако е прскано, тоа било пред два – три месеци, со што каренцата поминала“, рече Севдинска.

Летово имаше проблем со одредени типови овошје и зеленчук од Србија, кои беа вратени од хрватската граница поради висока концентрација на пестициди, а истото се случи и со ајварката од Македонија. Висока концентрација на токсичен пестицид е откриена во свеж зеленчук од Турција, објави во средата европскиот систем за брзо предупредување за прометот со храна РАСФФ. Пестицидите присутни во храната можат да бидат фактор за развој на многу болести кај луѓето.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/vwalakte

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?