18 Јули, 2024
0.0293

ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ СЕ ПРОДАВААТ И НА ПАРЧЕ: Дали овој трик на трговците е поисплатлив за купувачот?

Објавено во: Агробизнис 17 Јуни, 2024

Добивај вести на Viber

Зеленчукот и овошјето најчесто се продаваат на килограм, а дел од производите повремено се нудат и на парче. Ова се случува со тиквиците, модрите патлиџани, бостанот, а понекогаш и со пиперките. Во маркетите и на пазарите има вакви ситуации. Може да се случи во различни периоди од годината, две тиквици да тежат килограм и да се продаваат за 100 денари, но и помали да ги најдете на пазарите и да имаат цена од 20 денари за парче.

Трговците велат дека прават баланс меѓу понудата, побарувачката и ја земаат предвид расипливоста на производите, односно се трудат што побрзо да ги продадат намирниците дури се свежи и да не бидат во загуба.

„Подобро е кога ги продаваме на парче, затоа што кога оди на килограм се размерува и така губиме. Има периоди кога се продава на парче, а има периоди кога се продава на килограм. Кога има поголема количина, цената на зеленчукот паѓа и затоа продаваме на парче“, објаснува трговец кој продава на пазарот во Куманово.

Но, и потребите на граѓаните се различни, зависно од тоа колку членови брои семејството. Некому е доволно едно парче од одредена намирница, а некој има потреба од поголема количина.

„Кога е скапо, продаваме на килограм, а сега кога е евтино, цената е на парче“, вели Нада Милошевска, земјоделец.

Друг момент е дека поради нискиот стандард, на некои купувачи им одговара да купуваат храна на парче.

„Лубеница на пола, диња на пола. Не може секој да си дозволи да купи лубеница од 10 килограми. Тие производи не можат да стојат, а сега е сезона на праски, кајсии, тоа скапува брзо. На овие високи температури, тоа не може да издржи. Истото важи и за јагодите. Најдобро е истиот ден да се продадат. Еве сега доаѓа сезоната на малината и ако не се продаде истиот ден, треба да се чува во ладилник. Таквите овошки ги продаваат во канче. Црвена и црна рибизла, во Берово обично се продава на канче“, рече Весна Севдинска, агроном.

Во години кога има голем наплив на зелка, земјоделците се случува да одредат фиксна цена и за неа на пазарите. Ако имаат поголема количина за продавање и родот е со приближно иста големина, зелките ги нудат со фиксна цена. 

„Тоа е на база на понуда. Кога има поголема понуда, а потрошувачката е иста и кога производот е на парче и на килограм, луѓето мораат да се прилагодуваат. На парче оди тиквицата, лутата пиперка. Се гледа да се продаде, да не се фрли. Два – три дена може да стои робата на пазар, ништо повеќе на ова топло време. Сите градинарски култури се осетливи на високи температури“, рече Ристо Велков, од Сојузот синдикат на земјоделски производители.

Настапува период во кој граѓаните ќе одат на одмор и со тоа дополнително бројот на купувачи ќе се намали.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/EyeEm