Онлајн-промоција на романот „Лекцијата на месечарот“ од португалскиот писател Фредерико Педреира
Објавено во: Мои пари 27 Март, 2024
Раскошниот автобиографски роман „Лекцијата на месечарот“, од португалскиот писател Фредерико Педреира, ќе биде претставен пред македонската публика со онлајн-промоција, која ќе се одржи в петок (29 март), со почеток во 19 часот. Во разговорот со авторот, кој ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на „Арс Ламина“, ќе се вклучат уредничката Бисера Бендевска и преведувачката од португалски јазик, Весела Моловска.
Книгата е дел едиција „Порта Европа“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Дизајнот на корицата е дело на дизајнерката Катерина Соколова, чиешто идејно решение беше избрано за победничко на конкурсот за млади дизајнери во рамките на проектот „Порта Европа“.
„Лекцијата на месечарот“ е приказна за форматирањето на личноста на нараторот уште како дете, кое долгите летни распусти ги поминува во домот на своите баба и дедо, во митската „зелена куќа“, преполна спомени и предмети од предците што имаат света важност за него. Опседнатоста со бескрајното гледање на видеоснимката од финалето во Купот на европските шампиони во фудбал, помеѓу Милан и Бенфика во 1990 година, и деноноќното шутирање во замислениот гол во дворот, ја заменува со бедемите книги во библиотеката на неговиот прадедо, инаку личен пријател со Фернандо Песоа. Токму откривањето на чудесниот свет на книгите ќе го определат неговиот младешки пат и студиите по книжевност во странство. Далеку од детството и од „зелената куќа“, младиот човек првпат ќе ја преиспитува својата припадност во новата средина и идејата за космополитизмот. А, таму... го чека нова приказна.
„Лекцијата на месечарот“ е дел од проектот „Порта Европа“ во чии рамки се објавени шест извонредни прозни остварувања од млади европски автори, добитници на Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија.
Проектот „Порта Европа“ е кофинансиран од Европската унија.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“, како и онлајн на www.literatura.mk на следниот линк: https://www.literatura.mk/biografii-i-memoari-publicistika/49400-lekcijata-na-mesecarot
ПР објава