28 Април, 2024
0.0273

Омразата и стравот на Алексеј Наваљни, најважниот политички затвореник во Русија

Објавено во: Колумни 14 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Изминативе денови во опозициониот The Moscow Times беше публикувано писмото од Алексеј Наваљни под наслов „А, што има лошо во тоа“? – како национална идеја. За авторот не треба многу да се објаснува. Политичар, автор на истраги за корупција во Русија. Тој беше приведен по враќањето во Русија од Германија, каде што беше лекуван по труењето со хемиски агенс, кое Русија го смета за невистина. Тој моментно одлежува казна за случај на измама. Обвинителите го обвинија и за создавање екстремистичка заедница и неодамна го осудија на дополнителни 19 години затвор. Очигледно властите решиле 47 годишниот Алексеј пензијата да ја дочека во затвор.

Како што објасни медиумот Алексеј Наваљни во неговото писмо се обидува да одговори на прашањето од каде и како  е дојдена сегашната власт во Русија и зошто граѓаните и се толку лојални. Реакциите на писмото се различни. Од тоа дека тоа не е пишувано од Наваљни, туку од негови соборци кои го „наместиле“, па дека го повторува наративот од деведесеттите години, кој е прифатен во Кремљ, па се до тврдењето дека тој е во право, но неговите заклучоци дека Русија ќе има уште една историска шанса не се точни. Затоа што сите шанси завршиле. Наваљни почнува со омразата. За неа го прашувале многу. Го мразиш ли судијата? А Путин уште повеќе го мразиш? -А јас многупати досега сум кажал дека омразата е главната работа што треба да се надмине во затвор. Има толку многу причини за неа, а твојата немоќ е најмоќен катализатор на процесот. Така што, ако и дадете на омразата слобода, таа ќе ве убие и ќе ве изеде, вели Наваљни. Но, признава дека се’ уште ја има во себе. А неговата голема омраза не е насочена кон судијата кој му дал 19 години затвор. Не кон цајканите, затворениците, крадците од затворската колонија. Не кон офицерите на ФСБ кои ги командуваат. Па дури, ќе се изненадите, не и кон Путин. „Во такви моменти ги мразам оние што ги сакав. За кои страдав, поради кои  спорев до засипнатост. И се мразам себе си поради фактот што некогаш ги сакав“, пишува Наваљни.

Па раскажува за книгата од Натан Шарански, уапсен во 1977 година, „Јас нема да се плашам од злото“, објавена во 1991 година. „Тогаш имав една година. Книгата е објавена во СССР во 1991 година. Тогаш имав 15 години. И сега имам 47 години и додека ја читам неговата книга, понекогаш се тресам со главата за да се ослободам од чувството дека го читам моето лично досие“, вели Наваљни. Шарански  е дисидент во СССР во седумдесеттите години од минатиот век, кој во 1986 година беше разменет и замина за Израел. Тој таму имаше и своја партија , а два пати беше и министер во израелската влада.

ВИРУС НА СЛОБОДНО РАЗМИСЛУВАЊЕ

Во предговорот (ве потсетувам, ова е 1991 година), вели Наваљни,  Шарански пишува „дека вирусот на слободно размислување е зачуван токму во затворите и се надева дека КГБ нема да најде „противотров против овој вирус“. Шарански згреши. Пронајден е противотров. Да, таков што сега во 2023 година, се чини дека има повеќе политички затвореници во Русија отколку во времето на Брежњев-Андропов. „Но, каква врска има КГБ со тоа?, прашува Наваљни додавајќи: „Кај нас немаше никаков притаен или очигледен пуч предводен од луѓе од специјалните служби. Тие не дојдоа на власт, оттурнувајќи ги од неа демократите-реформатори. Овие сами ги повикаа. Тие самите ги поканија. Сами ги научија како се лажираат избори. Како да се украде имот од цели индустрии. Како да се лаже во медиумите. Како да ги промените законите по свој терк. Како со сила да се потисне опозицијата. Па дури и како да се организираат идиотски бездарни војни„. „Затоа, не можам да се воздржам и жестоко, лудо ги мразам оние што продаваа, пиеја, ја прокоцкаа историската шанса што ја имаше нашата земја во раните деведесетти“, нагласува Наваљни.

Тој вели дека го мрази Борис Јелцин со „Тања и Ваља“, Анатолиј Чубаис и останатото корумпирано семејство кое го ставило Путин на власт. „Тања и Ваља“ се ќерката на Борис Елцин, Татјана Јумашова и нејзинит втор сопруг Валентин Јумашов. Во деведесеттите години беа дел од „фамилијата“ која ја кроеше судбината на Русија. Но и го стави темелот врз кој до ден денес живее земјата. Наваљни во писмото пишува дека мрази измамници, „кои поради некоја причина ги нарековме реформатори“. „Сега е јасно како ден дека не се занимавале со ништо друго освен со интриги и сопствена благосостојба. Во која друга земја толку многу министри на „реформската влада“ станаа милионери и милијардери? Ги мразам авторите на најглупавиот авторитарен устав, кој, нам на идиотите ни го продаваа како демократски, давајќи му уште тогаш на претседателот овластувања на полноправен монарх“, вели тој.

Наваљни пишува дека посебно ги мрази сите од тоа време, поради тоа што немало дури ни сериозен обид да се тргнат основите на беззаконието. Да се спроведе судска реформа, без која сите други реформи се осудени на неуспех. Во 1991 година, уште во РСФСР, беше усвоен добар концепт за реформи во правосудството, но веќе во 1993 година започнаа контрареформи, насочени кон градење на судска вертикала. Тогаш сите политички сили сакале фер судови. Имало целосен консензус во општеството. Ако се создаде независно судство, тогаш нова узурпација би била невозможна или многу тешка. Затоа, порачува Наваљни, „не правете грешка: она што сега се изрекуваат казни од 8, 15, 20 години на невини, почна да се гради многу пред Путин“. И тврди дека сега е јасно дека во Кремљ и владата од деведесеттите, никој не сакал независен суд. Затоа што таквиот суд би станал пречка за корупција, фалсификување избори, претворање на губернаторите и градоначалниците во неотстранливи кнезчиња.

ПЛАЌАЊЕ НА СМЕТКИТЕ

Наваљни посебно е огорчен на настаните од 1996 година, кога Елцин победи на изборите со манипулации, нарушувања на изборните правила и сесрдна помош на американски политтехнолози. Па вели: „Ги мразам „независните медиуми“ и „демократската јавност“, кои обезбедија целосна поддршка за една од најдраматичните пресвртници во нашата модерна историја - лажните претседателски избори во 1996 година. Повторувам, јас тогаш бев активен поддржувач на сето тоа. Не на фалсификувањето на изборите, се разбира, тоа ни тогаш немаше да ми се допадне, но направив се’ тоа да не го забележам, а општата неправедност на изборите ни малку не ми пречеше. Сега плаќаме за тоа што во 1996 година сметавме дека фалсификувањето на изборните резултати не е секогаш лоша работа. Целта ги оправда средствата“.

Не остануваат настрана ни олигарсите. „Го мразам олигархот Гусински (иако долго време не е олигарх) поради фактот што демонстративно го ангажираше заменик-шефот на КГБ, Бобков, кој беше задолжен за прогон на дисидентите. Тогаш им се чинеше дека тоа се шеги: ха ха, тој затвораше невини, а сега работи за мене. Некако, како мечка во ливреи. Не само што немаше лустрација - имаше охрабрување за никаквеците. И сега буквално, оние кои работеа кај Бобков како млади соработници, ги затвораат Јашин, Кара-Мурза и мене“, пишува Наваљни. Инаку Филип Бобков во 1992 година стана раководител на аналитичкото одделение на групата „Мост“ на Владимир Гусински, еден од осумте први олигарси во Русија. Самољубието на Гусински беше потхранувано од тоа што непознатиот до вчера организатор на комсомолски празници е опслужуван од легендарниот и опасен чекист – генерал на армија. Гусински за ангажирањето на Бобков во една изјава вели дека „без размислување на работа ќе земат и ѓавол, ако тој ни гарантира безбедност“. Исто така дека „тие луѓе можат да се споредат со автомобили од висока класа. Тие ќе одат онаму каде што ќе ги возат.. Тие се професионалци, а не политичари..“ Па оттука  и „Бобков е како добар автомобил. Кад ќе тргне автомобилот зависи од тоа кој е зад воланот“.

Најважниот политички затвореник во Русија, вели дека: „Често се слуша дека владата на Јелцин не можела да направи ништо затоа што комунистите им се спротивставиле во парламентот. Сепак, тоа не ги спречи аукциите за заеми за акции од 1996 година. Аукциите за заеми дојдоа во предизборието во 1996 година. Јлцин, државата немаше пари, па за „мотивирање“ на пензионерите за да излезат на избори требаше да се најдат една милијарда долари. Тогаш 12 претпријатија дадоа кредити за државни акции. После победата на Јелцин државата не ги врати акциите, туку им ги даде на „црвените директори“ и олигарсите. Се разбира со дисконт на државните пакети. Најмногу на директорите кои ги водеа државните претпријатија. И на банкарите.

Го мрази Наваљни целото раководство на Русија, кое во 1991 година (по пучот) и во 1993 година (по пукањето врз парламентот) имаше апсолутна моќ и не се ни обиде да направи очигледни демократски реформи. Но, поради некоја причина, реформата во судството и реформата на специјалните служби се попречија. За разлика од она што се правеше во Чешка, Полска, Естонија, Литванија и други земји од Источна Европа, кои станаа демократски држави со економски подем. „Се разбира, тогаш на власт беа различни луѓе. И многу добри, искрени, и чесни исто така. Но, ова ситно малцинство, со својата очајна и неуспешна борба уште подобро ни ја покажува корумпираноста и недостатокот на совест на тогашната владејачка елита, пишува Наваљни.

Појава на стравот

Наваљни продолжува. Ова не е со Путин во 2011 година, туку со Јелцин, Чубаис, олигарсите и целата комсомолско-партиска банда што се нарекуваа себеси „демократи“, во 1994 година не отидовме во Европа, туку во Централна Азија. Нашата европска иднина ја заменивме за вилите „Тања и Ваља“ на „островот на милионерите“ Сент Барт. И кога озлогласените офицери на Путин на КГБ/ФСБ добија слободен пристап до политичките позиции, тие не мораа да прават ништо. Само да погледнат наоколу и изненадено да извикнат: што, тоа беше можно? А ако правилата на игра се такви што можеш да крадеш, да лажеш, да фалсификуваш, да цензурираш, а сите судови се под наша контрола, тогаш ние сме тука, сметај, дека добро ќе се развиваме. Значи, во принцип, функционерот на Путин од ФСБ не смисли и не може да смисли ништо друго освен да изгради огромна куќа и да ги затвора оние што не му се допаѓаат.

 Инаку ќерката на Елцин, Валентина, своевремено изјави дека нема никаков имот во странство, а ако најдат можат да си го земат. Една независна истрага го најде имотот, вреден 15 милиони долари. па најде дека нејзиниот сопруг има компанија, која пак има акции во компании на руски олигарси. Имотот на Карибите го купил Роман Абрамович, па веројатно им давал делови и на децата на Елцин и на Јумашов, како оддолжување за годините поминати, кога Јумашов беше раководител на претседателската администрација, а потоа долго време остана и советник во неа.

По ова Наваљни се префрла на стравот. Тој разбира дека подобро е воопшто никој да не мразиш, туку да размислуваш тоа да не се повтори. И тука се раѓа голем страв кај него. Тој вели дека Русија пак ќе има шанса. Тоа е историски процес. Дека Русија одново ќе се најде на крстопат. „Во ужас и ладна пот скокам навечер на затворскиот кревет, кога ми се чини дека повторно имавме шанса, но повторно тргнавме по истиот пат како во деведесеттите. Според индикаторот „целта ги оправдува средствата“. Каде што уште со мали букви пишува: „фалсификување избори не е секогаш лошо“, „погледни го овој народ добро, кај од него поротници“, „не е важно што е крадец, туку технократ и е за велосипедски патеки“, „на овие луѓе дајте им одврзани раце, тие таков ќе изберат“, „Владата е сè уште единствениот Европеец во Русија“ и друга мудрост на просветениот авторитаризам.

НАЦИОНАЛНА ИДЕЈА

-Тоа што го напишав за деведесеттите не е историска вежба, не размислување и не бесмислено кукање, вели Наваљни. Тоа е најважното и најитното прашање од политичката стратегија на сите поддржувачи на европскиот пат и демократскиот развој. Тука тој се „нафрла“ врз Алексеј Венедиктов и Ксенија Собчак. Двајца кои важат како луѓе со либерални гледања. Фондот за борба со корупцијата на Наваљни и соработниците направиле истрага и утврдиле дека тие добиле десетици и стотици милиони рубљи од буџетскиот фонд, кој служел како „заедничка каса“ на „Единствена Русија“. Згора на тоа, Венедиктов добил 550 милиони токму во времето кога го водел штабот за набљудување и директно организираше кражба на гласови. „Тој беше личност, агитатор и контролор на електронското гласање, чија цел е да го земе вашиот глас и да го стави во купот на „Единствена Русија“. „Фалсификациите на системот за електронско гласање се темелно докажани и нема сомневање“, вели Наваљни, додавајќи дека Венедиктов сега тврди дека е „против војната“. И навистина Венедиктов, кој беше главен уредник на радиото „Московско ехо“ од власта е прогласен за „странски агент“. Радиото е затворено, а дел од соработниците се во странство и работат од таму. Инаку експерти сметаат дека низ електронскиот систем на гласање во 2019 година околу 14(!) милиони гласови се префрлени на контото на „Единствена Русија“.

Наваљни сретнал твит:„А, што има лошо во тоа“-како национална идеја. Па сликовито кажува дека под тоа може да се подразберат и повиците на Михаил Ходорковски за земање оружје во раце и приклучување кон одредите на Пригожин. Наваљни тврди дека тоа„совршено покажува дека и сега, во 2023 година, на позадината на репресиите, затворањата и војната, сè уште лојалноста кон принципите се доведува во прашање и многумина ја сметаат за наивна, романтична... Личната лојалност, пак, припадноста на корпорацијата, старите пријателства, многумина ги сметаат за поважни“.„Во никој случај не предлагам да се стрела Алексеј Венедиктов, или да се обеси или уредно да му ја скратите косата(алузија на неговата невообичаена фризура). Не се потребни ѕверства. Но, на крајот на краиштата, не можете да го одобрите тоа што тој го направи (и го прави, продолжувајќи да кажува дека  електронското гласање не е фалсификувано), и да не го сметате за политички сојузник. Зашто, извинете, ако за нас политички сојузник е тој што ни ги продава гласовите на „Единствена Русија“, тогаш кои сме ние воопшто, за што сме потребни“, вели Наваљни?

ПРИНЦИПИ И РЕАЛПОЛИТИКАТА

Наваљни прави алузија на некои изјави на Собчак во кои таа тврди дека „И понатаму смета дека ако во Русија има и најмала шанса неако да се извлече од пи*даријата, тогаш таа шанса е поврзана со луѓе како Сергеј Собјанин, (градоначалникот на Москва). Да, уште и Мишустин, (сегашниот премиер). И обајцата е пулени на Путин. Особено Собјанин. Па Наваљни со иронија  повикува да се приклучат кон „Единствена Русија“, со фракција од цврсти собјанисти. Па ќе има многу пари за Венедиктов, Собчак и слични на нив.. „Ние цврстите собјанисти, иронизира Наваљни, бараме: : веднаш отстранете го од нас лошиот Путин и дајте ни добри Собјанин и Мишустин, Шувалов и Ликсутов.Тој укажува на опасноста истото од минатото да се повтори.

Па со иронија повикува:„ Затоа, не двоумете се. Утре ќе има нова шанса - истиот тој прозорец на можности, утре ќе треба да се справиме со оние кои веруваат дека треба да се откажат или да се фалсификуваат избори на некои места („инаку ќе изберат екстремисти“), нормално е да поткупуваат новинари („ние не плаќаме, само пријател олигарх да го купи овој ТВ канал“), подобро е да ги држиме судовите на јадица („во спротивно ќе поткупат судии и поротници“), кадровската база на моќ не треба да се промени ( „Тие се професионалци, не можеме да регрутираме луѓе од улица“), и така натаму, и така натаму. До тој степен што договорот за изградба на тој мост не треба да се даде на тендер, туку на „сигурен изведувач“, со кој долго време работиме. А луѓето со такви идеи воопшто нема да бидат путинисти или комунисти - тие повторно ќе почнат да се нарекуваат себеси демократи и либерали.

Алексеј Наваљни има уште долго да седи во затвор. Барем додека Владимир Путин е на чело на државата. Тој е свесен дека вистинскиот живот е сложен, тежок и полн со компромиси со непријатни луѓе. Тој се плаши дека битката за принципи може да се изгуби под паролата на реалполитиката. И бара совет како да се ослободи од омразата и стравот. За да констатира дека „засега, ми се чини, не можете да смислите ништо подобро од тоа да останете верни на себе и неуморно да им објаснувате на луѓето користејќи ги бројните демократските принципи - прагматизам, независен суд, фер избори и еднаквост на сите пред законот – дека се најдобрите механизми за суров реален живот на патот кон просперитетот. А тајните фондови-„заедничките каси“ и соништата за добар диктатор се химера и наивна глупост“.

И заклучокот дека:„ Само кога огромното мнозинство во руската опозиција ќе го сочинуваат оние кои во никој случај не прифаќаат лажни избори, неправилни судски постапки и корупција, тогаш ќе можеме правилно да ја искористиме шансата што сигурно повторно ќе дојде. За никој да не ја чита книга од Шарански во затворска самица во 2055 година, мислејќи: леле, сè е како кај мене“.

Би додал дека секое совпаѓање, на она што го тврди Наваљни за историскиот крстопат на Русија, со развојот на Македонија во изминатите 30 години и денес е случајно.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД