Од вторник: Во Унгарија ќе можат Кинези, но не и Македонци
Објавено во: Балкан 13 Јули, 2020
Од следниот вторник, Унгарија ќе забрани пристап на својата територија за граѓаните на африканските, јужноамериканските и за повеќето азиски земји, како и некои европски земји, при што унгарската влада ќе се повика на зголемување на случаите на нов коронавирус во светот.
Почнувајќи од полноќ во вторник, Будимпешта ќе воведе систем според кој жителите на државите класифицирани како „црвена зона“ нема да можат да влезат во земјата до понатамошно известување.
„Мора да ја чуваме безбедноста за да не се увезува вирусот од странство. Стапката на инфекција кај нас е мала и сакаме таа да остане на тоа ниво“, изјави за новинарите шефот на канцеларијата на премиерот Гергел Гулиаш во Будимпешта.
Мерката гиопфаќа сите африканските, јужноамериканските како и азиските земји, со исклучок на Кина и Јапонија. Во Европа, станува збор за Албанија, БИХ, Северна Македонија, Косово, Белорусија, Црна Гора и Украина.
На Унгарците кои се враќаат од овие дестинации ќе им биде дозволено да влезат во земјата, но ќе биде потребно да поминат дијагностички тест и да бидат ставени во карантин две недели.
Системот за класификација исто така вклучува и „портокалови и зелени зони“. Патниците од портокаловата зона треба да бидат ставени во карантин во случај да немаат негативен резултат во дијагностичкиот тест во рок од 5 дена по нивното пристигнување. Во оваа категорија спаѓаат: Бугарија, Португалија, Шведска, Романија, Велика Британија, Норвешка, Србија, Русија, САД, Кина и Јапонија.
Нема да бидат наметнати ограничувања на патниците од земјите од „зелената зона“.