Обама нема да го помилува Сноуден, со Трамп ќе биде уште потешко
Објавено во: Свет 19 Ноември, 2016
Едвард Сноуден, поранешниот агент на ЦИА и НСА нема да добие позитивен одговор од претседателот во заминување Барак Обама за негово помилување во случајот кој се води против него за шпионажа.
- Не можам да помилувам некого кој претходно не се појавил на суд и не го изнел својот случај, истакна Обама за германското списание „Шпигел“.
Според Обама, дури откако Сноуден или неговите адвокати се согласат да го изнесат случајот пред судските институции, тогаш ќе може да се зборува за помилување.
Тој се согласува дека Сноуден го свртел вниманието кон некои проблеми, но сепак смета дека објавувањето тајни податоци не е во согласност со процедурите и праксата на разузнавачките служби.
По ова судбината на Едвард Сноуен е неизвесна, му се заканува можна егзекуција од страна на агентите на ЦИА,а доколку реши да се врати во САД го очекува судење за предавање на американски тајни кое довело до тешки последици, па нема да може да се брани дека тоа го сторил во име на јавниот интерес. Сноуден практично нема одбрана на која може да се повика пред суд, а за тоа специјално се погрижи јавниот обвинител.
Човекот кој ги откри тајните за масовното прислушкување без одобрение на милиони граѓани и поборник за заштита на приватноста како клучна за остварување на демократските принципи се уште ќе се крие во егзил со милоста на руските власти кои не дозволуваат негова екстрадиција.