07 Мај, 2024
0.0235

Нови насади на маслинки, оранжерии и рибници во Македонија

Објавено во: Агробизнис 12 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска објави јавен оглас за давање под закуп на 5.140 хектари државно земјоделско земјиште во реонот на Куманово, Прилеп, Свети Николе, Велес, Кочани, Ресен, Струга. Времетраењето на закупот е до 50 години за подигање маслинарници, до 30 години за подигање долгогодишни насад (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам, а до 20 години за рибници и до 15 години за одгледување други земјоделски култури и ливади.

Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица кои ги исполнуваат условите наведени во огласот.

Лицата кои ги немаат намирено обврските по основ на закупнина за претходно склучени договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост немаат право да учествуваат на огласот, исто како и правните лица за кои е отворена стечајна постапка. Законска можност да  аплицираат немаат ниту непрофитните организации. Заинтересираните физички и правни лица со апликацијата се должни да достават и понуда за износот на годишната закупнина. Рокот за аплицирање е 20 дена од денот на објавување на огласот, а потребниот образец за аплокација може да  се подигне во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.