НИШТО НЕ ДОАЃА ПРЕКУ НОЌ: Како да направиме парите да работат за нас?
Објавено во: Економија 28 Јануари, 2025 07:47
Многу млади луѓе во денешно време сакаат да си обезбедат пасивни приходи, но тоа не доаѓа брзо и лесно. За да генерирате пасивни приходи, потребно е да имате одлични активни приходи. Постојат луѓе кои со години работеле во странство, потоа купиле недвижен имот и денес заработуваат од кирија од истиот. Има и јутјубери и блогери кои со години снимале видеа, и вложиле многу труд за да создадат пасивни приходи.
Проф.д-р Шекеринка Ивановска вели дека секој во својот работен век има можност да генерира активен приход (приходи од вработување-плата) и има можност да заработува од пасивен приход. Околу 90 отсто од луѓето имаат активен приход. Пасивниот приход особено последниве години добива на значење како можност и одличен начин за дополнување на редовниот–активниот приход.
„Која е врската помеѓу активниот и пасивниот приход? Едно е јасно, ако имате добра основа на активен приход можете да размислувате за создавање на пасивен приход. Значајно за секој млад човек е преку активниот приход да создаде база, основа, за добивање пасивен приход. Пасивниот приход не доаѓа брзо и лесно, за тоа треба потрошен труд, време, (освен ако не се работи за наследство на недвижнини, пари и слично). Пасивниот приход како дополнителен извор на средства, може да се заработи на повеќе начини: инвестиции, изнајмување на недвижен имот или земјиште, мал бизнис на пример, авто-сервис за миење автомобили, приход од камати, приход од онлајн бизнис, онлајн продавници, маркетинг, отварање на Јутуб канали. Пасивниот приход, пред сè создава финансиска слобода и можност да посветите време за други поважни работи. Бидејќи на училиште не се посветува многу внимание на пасивниот приход, останува секој сам да чита и дополнително да се образува, да следи искуства од успешни практики“, објаснува Ивановска.
Додава дека на новите генерации им се нудат голем број нови можности за остварување на пасивен приход особено преку интернет канали, блогови и слично. Но, за сето тоа треба посветеност, работа, креативност, да размислувате како да се издвоите од конкуренцијата и да постигнете успех.
„Но, едно е јасно: зад целиот тој пасивен приход, стои многу работа и потрошено време (пример: да создадете блог кој ќе биде интересен и читан: Да акумулирате средства за да купите стан треба да имате добар активен приход, за потоа да го изнајмувате; Или да потрошите време и труд да напишете книга која добро ќе се продава и да добивате пасивни приходи). Без многу работа нема многу пасивен приход. Пасивниот приход не е пат за да се збогатите, но, дава можност да изберете кога и колку ќе работите и да почувствувате финансиска слобода. И добро е да си овозможите да ги имате и двата вида: и активниот и пасивниот приход“, вели Ивановска.
Освен почетен капитал, за создавање на пасивен приход потребно е стекнување знаење во што да се инвестира и преземање на ризик.
„Кај мене 80 отсто од соседите, куќите ги адаптираа за издавање. Ќе земат кредит и инвестираат. Има голема конкуренција за издавање. Секоја втора куќа издава, апартман или соба и стандардите се кренаа. Секој луксуз се плаќа и веќе не е како пред 10 години, гостите си бараат подобри услови. Патот до пасивни приходи не е лесен. Не е дека не се заработува, ама ако некој вложил во тој недвижен имот, неколку години ќе му требаат да ја поврати инвестицијата, па дури потоа да заработува. Инаку, јас имам викендичка покрај езерото и ја издавам“, вели охриѓанка.
Државите во Европа како Португалија, Шпанија, Ирска, Малта, Кипар, поради даночниот систем и развиениот туризам, поради кој постојано се бараат недвижнини за изнајмување, се смета дека се добри дестинации за луѓето кои сакаат да создадат пасивни приходи.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
Можеби ќе ве интересира
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото




