Николиќ: За да влезе Србија во ЕУ, треба да го признае Косово
Објавено во: Балкан 22 Февруари, 2017
Признавање на независноста на Косово и воведување на санкции против Русија ќе бидат условите за прием на Србија во ЕУ. Ова го изјави за националната телевизија РТС претседателот на Србија Томислав Николиќ.
Тој посочил дека за време на една од последните посети на Белград, комесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан ги поставил условите за интеграција на Србија.
„Во негово присуство реков дека г-дин Хан ми кажа дека не можеме да одиме напред ако не потпишеме обврзувачки добрососедски договор со Косово и Метохија, што, според мое мислење, е признавање на независноста на Косово. Тој исто така рече дека без заедничка надворешна политика ние не можеме да станеме членка на Европската унија“, се потсетува Николиќ.
Потоа беа воведени санкции против Руската Федерација, во кои ние не се вклучивме и треба да се вклучиме, ако сме членови на ЕУ. За овие два услови јас соопштив прв. Многумина во Србија оспоруваат дека никогаш не слушнале за тоа, но тоа се условите кои ќе ги чуете утре“, вели шефот на соседна Србија.
Николиќ наведува дека засега овие барања не се официјален став на ЕУ, но дека ги „предвестуваат парламентите на многу земји, кои ќе треба да го одобрат нивното влегување во ЕУ, вклучувајќи го и германскиот парламент, кој ќе има клучна улога“.
Истовремено Николиќ објави дека актуелниот српски премиер Александар Вучиќ ќе биде следниот претседател на Србија.
„Јас навистина мислев да поднесам кандидатура. Но партијата не ме поддржа, Александар Вучиќ е изборот на партијата. Затоа решивме заедно со Александар Вучиќ да продолжиме да работиме за Србија. Можам само да кажам дека Вучиќ ќе биде претседател на Србија“, потенцира Николиќ.