09 Мај, 2024
0.0249

Ни војна ни мир

Објавено во: Колумни 13 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Иронија на политиката. Во Минск на едно место се собраа силни личности, а домаќин им беше, ни помалку ни повеќе, најобвинуваниот за тоталитарен стил на владеење во Европа, белорускиот претседател Александар Лукашенко. Тој ги дочека, ги поздрави и им посака успешна работа на авторитарниот претседател на Руската Федерација Владимир Путин, претседателот, преставник на украинската клептократија, Петар Порошенко, претседателот-швалер Франсоа Оланд и Ангела Меркел, германската канцеларка, премачкана со источни и западни бои. Само за на филм или некој роман. Но цинизмот настрана. Последниве четворица решаваа дали светот ќе оди кон трета светска војна или пак таа ќе чека некои други времиња. Заседаваа, велат, подолго од 16 часа. Епилогот од таквата работа е решение кое украинската криза ја води кон состојба ни војна ни мир. Во предвечерието на средбата, пак малку цинизам, првиот човек на хегемонот САД, Барак Обама, го побара Путин да му шепне, притисне, многу да не се занесува и сериозно да си ја сфати работата со Оланд и Меркел. Во Русија велат никој на Путин не може да му кажува што да прави, исто како и за Порошенко што велат во Украина. Но, како и да е Обама се јави. А, што всушност донесе целоноќната сесија на таканаречениот „нормандиски квартет“? Ако се суди според Оланд и Меркел, тие се здволни од завршената работа, но предупредуваат дека работите ќе се разјаснат во следните часови, а најмногу на полноќ во саботата кон недела. Тогаш треба да стапи во сила прекинот на огнот. Некои ги поддржуваат одлуките, други се против нив, трети велат дека ова е само земање здив до нова војна, овој пат со вклучување на САД. Имајќи го предвид искуството од Минскиот договор, од септември минатата година, јасно е како ден дека нема ништо од мирот. Тогаш и војската и приватните војски на Украина и сепаратистите потпомогнати од Русија го нарушуваа примирјето, за работите до денес да кулминираат со стотици цивилни жртви. А токму тоа доведе до оваа средба на таканаречениот „нормандиски квартет“. Која е причината? Немањето доверба. Се сеќавате како дојде до Охридскиот договор кај нас? Не седнаа на маса „шумарот“. Но Украина не е Македонија. Таму интересите на Запад се подруги отколку овде. Тие ќе го поддржуваат Порошенко во судирот со Русија, но не ќе можат да го спасат од неговите внатрешните непријатели. Не станува збор за сепаратистите. Оние другите изродени од благородната идеја на „Мајдан“. За нив Петар Порошенко е дивеч за отстрел. Тој колку и да се труди да работи за добро на државата има вжештени глави кои можат да му направат нов „Мајдан“. Тој постојано вика, „Украина ќе биде унитарна и украинскиот јазик ќе биде единствен државен на целата територија на државата“. Тоа го вика за да се храбри себе си и да им удоволи на оние сили во земјата кои донекаде го имаат за заложник. Сега, според документот, Украина практично се откажува од контролата само врз териториите заземени од сепаратистите, значи не врз целата Доњецка и Луганска област,барем во догледно време. Треба да дозволи формирање на народна милиција во нив, која сигурно ќе ја составуваат луѓе од сегашните воени формации на сепаратсистите, па да води сметка за јазикот, па за судовите и згора на се за социјалните работи, пензии и сл....Ќе треба да се амнестираат вооружените сепаратисти. Ќе треба да се донесе нов Устав кој ќе води сметка за правата на жителите во источните региони. Да се организираат локални и парламентарни избори во тие делови. Од друга страна сепаратистите ќе треба да заборават на руска конкретна воена поддршка. Областите што ги контролираат остануваат дел од Украина. Значи се гарантира нејзиниот суверенитет и територијален интегритет. Ќе треба да се дозволи целосна државна контрола на границата со Русија на делот што го држат сепаратистите, а кој е долг околу 450 километри! Треба разоружување..заминување на борци дојдени од надвор.... Во документите има и други работи. Но една отсуствува. Крим. Никој не го споменува. Дали тоа значи дека тој е завршена работа? Полноќта во сабота спрема недела нема да ја чекаат само четворицата учесници на разговорите во Минск, гаранти на договореното. Американците, чија основна задача не е заштита на Украина, туку казнување на Русија, помно ќе следат се што се случува. Рускиот претседател Путин, мора да го фати последниот воз, бидејќи санкциите го прават своето, а неговиот потпис под Минската декларација нема многу да му наштети на рејтингот дома. Многу од работите предвидени со документите тешко ќе поминат кај оние кои Порошенко го сметаат за свој заложник. А тоа значи нова внатрешна нестабилност во Украина која би можела да се манифестира со нов вител на воени дејства со „виновниците“ за неа. Дали Порошенко ќе биде жртвено јагне? Ако Украинците бидат чесни пред себе, тие ќе треба да му дадат целосна поддршка, зашто тој извлече максимум во моментов. И ако се постигне мир, тогаш тој треба да биде славен како негов втемелувач. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина