28 Март, 2024
0.0262

(Не)возможна мисија на папата за мир во Украина

Објавено во: Колумни 08 Мај, 2023

Добивај вести на Viber

Минатата недела пишувавме за почетните напори на Кина за прекинување на војната во Украина. И за можноста нејзиниот претседател Шји Џинпинг да стане глобален мировник. Нему на овој план конкуренција, засега, му прават бразилскиот претседател Лула да Силва и францускиот претседател Емануел Макрон.  Но, некако незабележано помина изјавата на папата Франциско за мисијата за мир во Украина.

Кина во февруари, на годишнината од почетокот на војната, излезе со нејзиниот план за мир во Украина. Во документот од 12 точки Пекинг повикува да се почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, откажување од менталитетот на студена војна, проширување на воените блокови и обидите да се обезбеди безбедноста на било која земја за „сметка на други“. Па прекинување на воените дејства во Украина, избегнување на ескалација и поддршка на движењето кон дијалог на Киев и Москва, засилување на хуманитарната работа во зоната на конфликтот. Во тие рамки, со помош на ОН, договарање за размена на воени заробеници, осигурување на безбедноста на украинските атомски централи, откажување од користење на оружје за масовно уништување, во тие рамки и нуклеарно, поддршка кон извозот на украински жита, откажување од политиката на еднострани санкции, освен во рамките на ОН, и за таа цел да не се користи светската економија, и помош во постконфликтното обновување, во што Кина, како и во други инцијативи е подготвена да учествува.

Францускиот претседател по посетата на Кина се јави и рече дека и тој има план, но неговата реализација ќе почека да дојде летото. Веројатно надевајќи се дека ќе има почиста слика за составување на планот, по завршувањето на веќе одамна најавуваната пролетно-летна офанзива на украинските сили. Иако се чини дека таа во моментов е некаде заглавена. Дали во кабинети. Дали на фронтот или кај сојузниците не е јасно. Како и да е, таа не е откажана. Претседателот на Бразил, Лула да Силва, пред две недели во Мадрид, повика да се „прекине со барањето виновни“ за војната во Украина. И да се почне со барање мирно решение. Тој како и по посетата на Кина во април и сега повторно повика за создавање на „група за мир“ за склучување договор меѓу Русија и Украина. Тој посочи дека засега Бразил и Кина се подготвени да бидат дел од таква група. Но сигурно смета дека во неа можат да се вклучат и други држави. Како Индија на пример.

МИРОВНА МИСИЈА НА СВЕТИОТ ПРЕСТОЛ

Папата Франциско кон крајот на април беше во посета на Унгарија. Пред посетата од Будимпешта беше соопштено дека посетата на Папата може да придонесе кон постигнување мир во Украина. Претседателката на Унгарија Каталин Новак сметаше дека Папата Франциско може да одигра клучна улога во воспоставувањето на мировни преговори за решавање на ситуацијата во Украина. „Тој е оној кој што може директно да зборува со двете страни на конфликтот и нивните партнери, оној којшто може да изгради мостови и да урне карпи. Токму затоа неговата личност е толку важна“, изјави во предвечерието на посетата претседателката Новак.

За време на летот од Будимпешта во Рим Папата изјави, некои велат можеби предвремено, за постоење на мировна мисија на Светиот престол, повикана да ја сопре војната во Украина. Оваа изјава ги изненади спротивставените страни. Се чини, барем јавно и според изјавите, дека засега ни Русија,ниту Украина не знаат ништо за тоа. Веста беше многу неочекувана. Киев набрзина издаде соопштение дека ја демантира изјавата на папата.  На украинската страна „не и е ништо познато“ за дипломатските чекори на Ватикан. „А доколку има преговори тие се водат без наше знаење и одобрение“, беше соопштено. Во Киев не се задоволни од тоа како папата ја интерпретира војната во Украина. Демек, папата Франциско стои на исто растојание од двете спротивставени страни и вели дека во сегашната ситуација нема лоши и добри, заборавајќи дека конфликтот почна со руска агресија и нарушување на сите постоечки меѓународни правила. Украинската страна исто така отфрли какво било учество на Светата столица, иако Франциско во неделата на 30 април изјави дека:„Мисијата е во тек, но таа не е обнародена: кога ќе се обнароди јас ќе ви раскажам за неа“. И Кремљ од своја страна даде до знаење дека и тој не е во тек со таква мировна инцијатива. Прес секретарот на претседателот на Русија, Димитриј Песков, не зборуваше многу и беше ладен. „ Не. Ништо не е познато“, рече тој.

Тогаш што имаше предвид папата Франциско кога зборуваше во авионот за тој дипломатски проект на Ватикан, којшто треба да ја прекине војната? Италијански весници пишуваат дека веројатно се дава до знаење, зад Тибар, дека Римскиот папа  има намера да испрати двајца свои емисари во Киев и во Москва, за да ги замолат страните да разговараат една со друга. Онака како што тоа го направил папата Јован Павле Втори пред разурнувачката војна во Ирак. Кога САД и Британија исконструираа лажни докази дека Ирак има оружје за масовно  уништување, за да го нападнат. Тогаш од Ватикан полетале двајца емисари во САД и во Ирак. Емисарот во САД не бил удостоен да биде примена од Буш, иако бил личен пријател на семејството Буш. Тој понижувачки чекал во предворјето на Белата куќа  за да биде примен од некој чиновник. Емисарот во Ирак бил примен од вториот човек на Ирак, Тарик Азис, христијанин. За жал последниот дипломатски обид на тогашниот папа не успеал да ја спречи војната и сите последици од неа, исламски екстремизам и друго. Никој не го слушал Папата. А нему му било јасно дека војната за контрола на нафтата веќе била изучена и испланирана на маса. Сеедно што историјата вели дека Папата бил во право, се покажало дека интересите се и над папските желби и дела.

ЛАЕЊЕ ПРЕД ВРАТИТЕ НА РУСИЈА

Во Италија сметаат дека папата Франциско, веројатно, размислува за сличен чекор, водејќи сметка за сегашните ограничени можности за маневар. Некои медиуми дури шпекулираат дека принципиелно, нема никаков план на папата, туку мисија. Па се пишува дека „Папата Франциско, зборува за мировна „мисија“, а не за план. Ватикан, се чини, сака да се откаже од идејата да го предводи посредништвото меѓу страните во војната.  Па така, не ни постои план за кој пишуваат разни медиуми“. Инаку, државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин по реакциите на Украина и Русија изјави дека и двете земји биле информирани за мировната мисија на папата Франциско. Паролин тврди дека „Мировната мисија ќе се одржи. Јас сум зачуден дека Киев и Москва рекоа дека не знаат за тоа“.

Од почетокот на војната во Украина, Папата постојано повикуваше на мир.  Даваше изјави кои не беа многу пријатни за учесниците во војната и нивните сојузници. Па така во јуни лани тој изјави дека дејствата и однесувањето на НАТО можеле „на некаков начин да ја испровоцирале или не предупредиле“ руската операција во Украина. Тој на средби со новинарите ја осудил жестокоста на руските војници, забележувајќи дека во таа војна нема „метафизичко добро и зло“. Папата Франциско исто така изјави дека неколку месеци пред почетокот на војната се сретнал со некој државен лидер, кој ги споделил со него загриженостите во однос на насоките кон кои се движи НАТО. Папата го прашал соговорникот зошто НАТО провоцира вознемиреност во Европа, а тој му одговорил дека „тие лаат пред вратите на Русија“. Според Римскиот папа тој државен лидер сфаќал што се случува. Ако порано зборуваше за војната како делумно „испровоцирана“ од НАТО во последно време тој за разгорување на војната ја обвинува воената индустрија. „Таму се измешани империски интереси, при што не само на Руската империја, туку и на други“, ќе изјави Папата, додавајќи:„ За империите општо карактеристично е што ги оставаат другите земји на второ место. Украина е воено поле, каде што војуваат сите. Тоа не тера да се замислиме за воената индустрија“. Војната во Украина за него е светска војна. Конечно, Папата  Франциско даде изјава во која вели:„ Јас мислам дека војната почнува тогаш кога империјата почнува да слабее. И кога има оружје кое е потребно да се искористи, да се испита и да се продаде. Во игра се ставени многу работи. За која или кои империи зборува Франциско?

Ваквите изјави на Папата тераат некои експерти да дојдат до заклучок дека тој во однос на конфликтот во Украина зазел позиција која го става во еден ред со Пекинг, Њу Делхи и Бразилија, а не со Вашингтон, Лондон или Брисел. Дека тој сака да стави крај на снабдувањето на Украина со западно оружје и да се постигне договор за итно прекинување на огнот. Но со изјавите дека има некаква мисија, тој од себе оттурнал многу играчи, а чија поддршка ќе му биде потребна за неа. Но и покрај тоа дејствувањето на Франциско не е ниту волунтристичко, ниту ирационално. Тоа е намерен логичен одговор на тоа како се менува и ќе продолжи да се менува католичката црква во 21. век. „Денес повеќе католици, отколку кога да е порано, живеат надвор од пределите на запад и конфликтот во Украина не го оценуваат исто како што го гледаат во Европа и САД. Ако позицијата на Франциско се сфаќа во таа светлина, тогаш таа само ја предвидува иднината на црквата како геополитичка сила, која многу помалку ќе отстапува во однос на Западот“, пишуваат експерти.

ДРЖЕЊЕ ДО ЗАПАДНИОТ КОНСЕНЗУС

Оттука и забелешките дека Франциско ја донел првата „повеќеполарна геополитичка стратегија на Ватикан“. Му се забележува дека „наместо да се држи до западниот консензус, како и обично, Франциско почна да бара нетрадиционални сојузници во неговиот стремеж да најде мирно решение во Украина без да го отфрли учеството на Русија во него. Меѓу нив, на пример, е и авторитарниот унгарски премиер Виктор Орбан. Во таа насока, Папата и неговите врвни помошници повикаа на заживување на Хелсиншкиот процес, но во верзија на 21. век. Кога се зборува за „држење до западниот консензус“ се мисли на политиката на сите досегашни папи. Најкарактеристичен е папата Јован Павле Втори, кој му помогна на Западот или обратно, беше обилно поддржан од Западот да се урне железната завеса и да дојде до распад на Варшавскиот пакт, и на Советскиот Сојуз. Се разбира и овде главна движечка сила беа интересите на Западот.

Сепак се смета дека главна причина за „новата стратегија“ на Ватикан е демографијата. Во 1900 година во светот имало околу 267 милиони католици од кои над 200 милиони живееле во Европа и САД. Црквата  се’ уште била како неколку векови претходно. Во 2000 година во светот веќе има речиси 1,1 милијарда католици, но само 350 милиони од нив се во Европа или во САД. Најголем дел, 720 милиони живееја во Латинска Америка, Африка и Азија. Само во Латинска Америка живееја над 400 милиони луѓе. Затоа се тврди дека папството на Франциско и неговата позиција во однос на Украина делумно претставува почеток на пастирското и политичкото изразување на црквата на новите геополитички и демографски реалии во кои таа постои. Па оттука, велат експертите, најдобар начин да се разбере Франциско е да не се прават шеми „леви против десни“ или дури „исток против запад“. Станува збор за север против југ. Во Глобалниот југ украинскиот конфликт го сметаат за чисто европска работа во кој нема очигледен „херој“ или „злосторник“. Повикот на Папата да се сопрат испораките на западно оружје во Украина, да се прекинат борбените дејства и да се почнат преговори, кои би биле поддржани од сите страни се совпаѓа со мислењето на мнозинството католици, коишто не живеат во земјите членки на НАТО.

Папата Франциско веројатно својата мисија ја замислува како оние на Јован Павле Втори. Кога вели дека не сака да биде посредник, значи ќе бара посредници. Ќе бара тим од посредници. Но треба да му е јасно, а сигурно му е јасно дека од Западот не ќе може да очекува никаква поддршка. А ќе се бара согласност и од Русија и од Украина. Во таков случај идејата на Франција за посредништво отпаѓа. Се чини отпаѓа и онаа на Кина, затоа што во таков случај светот ќе добие нов светски лидер – Шји Џинпинг, што нема да им се допаѓа на Западот, а пред се САД, Британија и нивните вазали. Еден авторитарен претседател да биде светски лидер и мировник! Најверојатно најприфатлив би бил Бразил. Односно претседателот Лула да Силва, иако посредно и тој е критичар на Западот за „пумпањето“ на Украина со оружје и за стратегијата „оружје за мир“.  А згора на тоа од најголемата католичка држава во Латинска Америка. Успехот на Јован Павле Втори со распадот на комунизмот и неуспехот за спречување на војната во Ирак му се доволен показател на Франциско. Како да ги усогласи интересите на главните играчи. САД и Британија, од една страна, пред се’ и Русија. Украина им служи за плакнење на устата. (Не)возможна мисија. Но сепак треба да се направи обид.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?