03 Мај, 2024
0.0315

Нечесни аранжмани помеѓу менаџерите и доминантните сопственици!

Објавено во: Колумни 05 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Додека индексите на водечките светски берзи, ги надминаа и највисоките вредности остварени во бумот пред избувнување на глобалната криза, македонскиот берзански индекс (МБИ 10) сеуште неможе да се оттурне од дното забележано во екот на кризата. Македонскиот пазар на капитал веќе одамна ја има изгубено врската со реалните вредности на фирмите кои го сочинуваат македонскиот берзански индекс. На ова ниво на индексот, цените на акциите на фирмите што го сочинуваат се исклучително потценети односно цените се под реалните вредности на фирмите што при силно ефикасни пазари е сигнал за купување и за остварување на капитални добивки. Кај нас тие се значително под нивните книговодствени вредности и се наоѓаат на нивото од пред 2004 година. Меѓутоа, во тој период се направи пробив кон воспоставување на врска меѓу реалните вредности на фирмите со нивните пазарни цени. Дури и без посебни мерки за поттикнување на работата на берзата. Само врз основа на понудата и побарувачката на акции, при што во побарувачката значајно влијание извршија странските инвеститори. Во овој контекст, се поставува прашањето: што е тоа што акциите на македонска берза ги прави недоволно атрактивни, дури и кога е очигледно дека нивните сегашни цени се потценети, а надлежните прават напори да ја заживеат работата на берзата? Кои се причините за незаинтересираноста на инвеститорите да остварат капитални добивки,   во услови кога е укинат и данокот на капитална добивка? Симптоматично е што стагнацијата во работата на берзата не се пробива ниту со тоа што се зголеми и бројот на фирмите кои задолжително треба да котираат на берзата (се зголеми понудата на акции). Очигледно, причините се во недоволната мотивираност на инвеститорите своите слободни средства да ги вложат во акции. А зошто, кога цените се ниски? Јасно е дека не е се’ во цените. Од досегашната практика тие сфатија дека не е доволно цените на акциите да се ниски, бидејќи, за да инвестираат во  определена акција,  тие бараат соодветен повраток на вложените средства или како дивиденда и/или како зголемување на задржаната заработувачка (односно соодветно зголемување на книговодствената вредност на акциите).  Без јасна претстава за овие параметри  интересот на инвеститорите се стишува. Нема сомнение дека токму тоа сега се  случува на берзата. Од податоците што се објавуваат на сајтот на берзата повеќе од јасно се гледа дека опаѓа бројот на фирмите што исплатуваат дивиденда. Многу од фирмите остваруваат ниски заработувачки во однос на вложените средства. Некои дури и ги подјадуваат средствата, вложени и акумулирани во изминатите години. Се’ се ова процеси кои ја дестимулираат побарувачката на акции. Уште повеќе што, додека се девастираат (пустошат) вложените и досега акумулираните средства, менаџерите на фирмите ништо не ги лази. Тие се неприкосновени. Особено во фирмите во кои на различни начини оствариле доминантна сопственост. Тие „колат и бесат“. Се’ е подредено на нивните интереси, а нив можат да ги остваруваат и на штета на интересот од фирмата. „Малите акционери“ можат само да ги трпат последиците од нивното работење, бидејќи, најчесто, тие се вработени во фирмата и се плашат да не ги загубат работните места доколку ги постават своите акционерски барања за поуспешно работење на менаџерите, со намера да изнудат  остварување на задоволителна добивка од која би можело да се исплати дивиденда или со делот кој се задржува, во наредниот период, да се оствари поголем профит. Лош сигнал е кога и со зголемување на задржаната заработувачка добивката што се остварува не само што е мала туку и постојано се намалува. За остварување на пресврт во работењето на берзата очигледно е дека треба да се наруши комоцијата на менаџерите да управуваат со акционерските средства, а притоа да не испорачуваат соодветен повраток на вложените средства. Во овој контекст, тие не можат да се покриваат ниту со „поддршката“ од доминантните сопственици, бидејќи познати се патиштата по кои тие можат да ги остварат сопствените интереси (преливања на доходот во други фирми), ако менаџерите работаат во нивна полза, а не во полза на сите акционери. Затоа има оправдување да се размисли за предлогот да се воведе задолжителна исплата на дивиденда во определен износ од остварената добивка за компании кои котираат на официјалниот пазар и одлуката за распределба на добивката да се носи со согласност на мнозинството на малите акционери. Менаџерите што не можат да ја обезбедат  не заслужуваат да ги водат фирмите.  А, доминантните сопственици ? Тие треба да разберат дека само на тој начин можат да обезбедат реално вреднување на вредноста на нивните фирми. И норамално дури тогаш можеме да зборуваме за фактот дека берзата , како организиран пазар на капитал претставува вистинска рефлексија за случувањето во националната економија. До тогаш, остануваат сомневањата за нечесни аранжмани меѓу менаџерите и доминантните сопственици. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина