НЕМА ПЛАТИ ОД 1.000 ЕВРА, АМА ИМА НАД 600 - општините „вријат“ од огласи за вработување
Објавено во: Економија 10 Јуни, 2021 10:31
Платите можеби не се многу високи, ама очигледно за граѓаните е примамливо да се вработуваат во општините.
Тие, пак, преку Агенцијата за администрација секојдневно објавуваат нови и нови огласи за вработување на службеници, од соработници и советници, па до референти и инспектори, со плати некаде и до 37 илјади денари.
Само во последните два дена Град Скопје распиша огласи за пет вработувања, додека, пак, општина Центар најави дека има намера да вработи шестмина извршители.
Ова покажува дека колку и властите да се колнат и декларативно да најавуваат намалување на јавниот сектор, во кој влегуваат вработените во локалната власт, во реалноста тоа воопшто не е така, туку општините се трупаат со нови и нови кадри, за кои и од самите огласи се гледа дека за нив нема некоја реална потреба.
Не е исклучено дел од овие луѓе за кои сега се објавуваат огласи за вработување, да биле досега ангажирани хонорарно или со договори на дело во општините, а сега да се брза да добијат трајно решение, односно регулирање на работното прашање, пред да се распишат локалните избори, кои треба да се одржат наесен оваа година. Како што е познато, вработувањата во јавниот сектор се забранети пред изборен период, со цел на тој начин да не се влијае врз гласачкото тело во државата.
Еве какви профили се бараат во администрацијата на метрополата, односно на Град Скопје.
Најплатениот ќе биде Раководителот на секторот за заштита и спасување, кој ќе зема плата од близу 38 илјади денари, или прецизно 37.625 денари.
Град Скопје ќе вработува и виш референт за евиденција на податоци, потоа, советник комунален инспектор, соработник за обработка на податоци за состојбата на локалната економија, како и советник за податоци на материјали и документи за изградба на инфраструктурни и комерцијални објекти. Нивните плати ќе бидат меѓу 15.681 денар, до 26.278 денари.
Општината со која раководи градоначалникот Петре Шилегов и во март годинава имаше распишано оглас за вработување на 23 градски службеници.
Во последниве два дена општина Центар бара шест извршители. Се бараат виш соработник за правни работи, советник одговорен сметководител, соработник за спроведување на јавни набавки, раководител на Одделение за уредување на градежно земјиште, помлад соработник Ex-ante финансиска контрола, како и помлад соработник за подигање на материјали и документација, а платите се од 22 па речиси и до 30.000 денари.
Фактор и на почетокот на април пишуваше за голем број огласи за вработување во општините. Ресен, Могила, Куманово, Делчево, беа само дел од општините кои преку огласи бараа работници.
Податоците на Агенцијата за администрација говорат дека во јануари годинава, таа за институции од локалната власт објавила 11 јавни огласи за 26 работни места, со 26 извршители. Во февруари за институции од локалната власт објавени се 18 јавни огласи, за 30 работни места со 63 извршители, додека во март се објавени 43 јавни огласи за 116 работни места, со 126 извршители. За април, пак, што е последен податок, за институции од локалната власт објавени се 32 јавни огласи, за 61 работни места со 62 извршители. И покрај тоа што бројките за март и јули уште ги нема, факт е дека во последниве два месеци имаше голем број огласи за вработување во општините.
Инаку, како што е познато, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на почетокот од годинава соопшти дека голем дел од вработените според Рамковниот договор ќе бидат распределени во општините низ земјава.
Лани, според бројките на Агенцијата за администрација, во институциите на локалната власт биле вработени вкупно 371 лице. Вработувањата биле ставени во мирување неколку месеци поради распишувањето и одржувањето на предвремените парламентарни избори во јули, 2020 година.
На веб страниците на општините можат да се најдат речиси секакви податоци, но најмалку за бројот на вработени во таа општина.
Н.Н.Ф.Можеби ќе ве интересира
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото
ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји




