ИНТЕРВЈУ СО ПРОФ. Д-Р ИГОР КАФТАНЏИЕВ, МЕДИЦИНСКИ ДИРЕКТОР НА „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“
НЕГУВАМЕ ИМИЏ НА МОДЕРНА ЕВРОПСКА БОЛНИЦА, ОСТАНУВАМЕ ПОСВЕТЕНИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕТО НА УСЛУГИТЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ И ВЛОЖУВАЊЕ ВО НАЈСОВРЕМЕНА ОПРЕМА
Објавено во: Македонија 27 Декември, 2022
Кон почетокот
на следната година се очекува во Клиничка болница „Аџибадем Систина“ да биде
инсталирана и да се стави во функција првата „хибридна" ангиографска сала.
Таму ќе може да се изведуваат најсложени васкуларни интервенции на различни
крвни садови, вели во интервју за „Фактор“ новиот медицински директор на болницата,
проф. д-р Игор Кафтанџиев. Оваа сала ќе може да се користи и за неврохируршки
интервенции, но и за различни интервенции во спиналната хирургија, со што
дефинитивно, како што вели Кафтанџиев, ќе биде единствена од ваков вид во
државата и регионот. Со Кафтанџиев разговаравме и за другите планови и
новите вложувања што оваа болница ги планира за следната година. Вели дека тој
процес на инвестиции во современа технологија и во кадар никогаш не запира, а
„Аџибадем Систина“ негува имиџ на најдобра и европска клиничка болница во
регионот.
Од неодамна сте на чело на Kлиничка болница „Аџибадем Систина“ како медицински директор, каков предизвик е ова за Вас?
Кафтанџиев: Ако со една реченица може да се опише КБ „Аџибадем Систина“, можам да истакнам дека таа денес претставува современа медицинска институција на европско ниво која нуди широка палета на медицински услуги, почнувајќи од најсовремени дијагностички процедури сѐ до соодветен терапевтски третман кој се изведува од страна на стручен и посветен медицински кадар и со право може да се истакне дека денес претставува медицински бренд во земјата.
По изминати триесет години работа во јавниот здравствен сектор и на Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје, од пред неколку месеци сум поставен за медицински директор на КБ „Аџибадем Систина“. Да се биде медицински директор на една ваква установа би рекол дека е навистина своевиден предизвик, затоа што менаџирањето на медицинскиот дел на болницата не е едноставна и лесна работа, но секако е работа со посебна одговорност ако се има предвид што претставува денес „Аџибадем Систина“. По изминатите речиси две години во кои здравствениот систем работеше во посебни услови наметнати од ковид-пандемијата, би рекол дека се враќаме кон нормалното функционирање, кое сепак се изведува во изменети околности и услови наметнати со другите проблеми со кои се соочува светот, а кои секако имаат рефлексија и врз државата, но и врз здравствениот систем во неа, а со тоа и врз КБ „Аџибадем Систина“, како дел од тоа. Тоа ја прави работата уште потешка, знаејќи со какви сѐ предизвици се соочуваме во постигнување на поставените цели.
„Аџибадем Систина“ е лидер во регионот во делот на приватното здравство и нуди услуги на европско ниво. Веќе најавивте и некои новитети, какви придобивки имаат граѓаните?
Кафтанџиев: Накратко, иако тоа е веќе добро познато за јавноста, КБ „Аџибадем Систина“ е приватна здравствена болница, која како дел од групацијата на „Аџибадем“ од Турција постојано вложува во најсовремена медицинска опрема, но и во стручно оспособување на медицинскиот кадар, со цел да се применуваат современите медицински дијагностички терапевтски постапки, а сето тоа го става на располагање на здравствениот систем на државата, во што се гледаат и нејзината општествена одговорност и значење, а тоа се несомнено придобивки што треба да се препознаат. Квалитетот на медицинските услуги што се добиваат во болницата постојано се проверува и докажува преку исполнување на меѓународни стандарди, како што се ИСО(MKC EN ISO 15189:2013) за дијагностичките лаборатории и претстојната реакредитација на болницата според ЈСИ (Joint Commission International).
Треба да се потенцира дека за одредени медицински процедури, кои се изведуваат само во КБ „Аџибадем Систина“, пациентите не мора да се испраќаат за лекување надвор од земјата, што претставува придонес на болницата за државата и нејзиниот здравствен систем. Со тоа средствата на осигурениците од ФЗО остануваат во земјата, без нивно дополнително финансиско оптоварување. Во тој дел можеби треба да се направи напор услугите што се добиваат во болницата, а се покриваат од страна на ФЗО, да се прошират и на новите дијагностички и терапевтски процедури за кои досега било потребно праќање на пациентите во странство.
Постојаното вложување во најсовремена медицинска опрема и кадар и следење на најновите трендови во различни медицински области им даваат можност на пациентите од земјава и регионот да добиваат медицински услуги на европско ниво, со што болницата е лидер во државата.
Кои се клучните точки и проекти на кои ќе се фокусирате следната година, особено во делот на услугите, опремата и кадарот?
Кафтанџиев: Планираме проширување на дејноста на интервентната радиологија, воведување на минимално-инвазивните васкуларни и неваскуларни интервентни процедури. Тоа ќе се овозможи со употреба на софистициран ангиографски апарат во државата со кој ќе се овозможи изведување на комплексни васкуларни интервенции, како што се стентирање на крвни садови, емболизации на тумори, емболизации на аневризми во мозокот и други делови од телото, апликација на најсовремени уреди на крвните садови во мозокот. Истовремено, овој апарат ќе овозможи и надополнување на веќе постојниот дијапазон на интервентни кардиолошки интервентни процедури. Интервенции од областа на интервентната онкологија, како што се хемоемболизација и радиофреквентна и микробранова аблација на тумори, веќе започнаа да се изведуваат со одличен успех, а криоаблацијата и иреверзибилната електропорација се очекува да започнат да се практикуваат во текот на следната година.
Покрај ова, во почетокот на идната година се очекува да биде инсталирана и да се стави во функција првата хибридна ангиографска сала во нашата болница, каде што ќе може да се изведуваат најсложените васкуларни интервенции на различни крвни садови, но треба да се истакне дека таа ќе може да се користи и за неврохируршки интервенции, но и за различни интервенции во спиналната хирургија, со што дефинитивно ќе биде единствена од ваков вид во државата и регионот.
Во оваа прилика треба да се истакне и воведувањето нови минимално инвазивни уролошки процедури, како и новата кадровска екипираност на уролошкиот тим.
Но, тоа се само некои новини што ги воведовме оваа година и се во плановите за развој на болницата и унапредување на здравствените услуги идната година. Сепак, вредно е да се истакне дека одредени новини има практично во сите медицински области и услуги кои се нудат во болницата, а кои се дел од медицинските процедури што ги изведуваат новодојдените врвни медицински стручњаци од различни области.
Денес со право може да се констатира дека во КБ „Аџибадем Систина“ работат доктори што претставуваат врв во својата област во земјата, но и во регионот. Но, постојаното следење на современите медицински трендови и воведување на нови дијагностички и терапевтски процедури и во другите медицински гранки бараат и ангажирање и вложување во млад, стручен, професионален медицински кадар кој ќе треба да се оспособи да ги изведува и најсложените медицински постапки кои досега не се изведувале во земјата, а што треба да стане рутина во болницата. Вложувањето во медицински кадар е многу значаен дел во остварување на посакуваните цели. За тоа е потребно да се препознаат вистинските професионалци, да им се даде можност да ги практикуваат своите знаења и вештини. Истовремено, треба да постои тенденција за унапредување на мултидисциплинарниот пристап кон пациентите како тренд во современата медицина, но и како императив во однос на приодот кон пациентите што тука се лекуваат. Во функција на тоа, постојниот систем во кој денес болницата функционира треба да се зајакнува и унапредува затоа што тоа е неопходно кога го имаме пациентот како главен фокус. Задоволството на пациентите од лекувањето во болницата и градењето на нивната доверба треба да бидат главен мотив и наша крајна цел.
Земјата подолг период се соочува со недостиг на млад и стручен кадар, се случува и процес на мобилизирање на наши стручњаци во странство. Каков е Вашиот фокус, веќе најавувавте и некои проекти за едукација?
Кафтанџиев: Акцент во иднина ќе треба да се стави на презентирање на сето она што денес се работи во болницата, а користејќи го досегашното искуство, да се направи негова стручна презентација, со можност за активно учество на семинари, симпозиуми и конгреси, како и објавување трудови во медицински списанија. Со тоа и на стручната јавност од различните медицински области ќе ѝ се покаже нивото на медицинските услуги во болницата, што истовремено ќе значи и професионална промоција на болницата, но и препознатливост како центар на врвна медицина во државата и надвор од неа.
Оттука се наметнува и потребата да се продлабочи и унапреди соработката со високообразовните институции во државата и странство, да се изгради еден систем во кој болницата ќе го пронајде своето место и ќе придонесе за едукација на млади доктори преку можностите што постојат во однос на медицинската опрема и стручниот и наставниот кадар. Од таквата соработка може да се роди и некоја нова идеја, која ќе значи и унапредување на медицинската едукација на генерации идни доктори.
Плановите се КБ „Аџибадем Систина“ да стане регионален медицински, едукативен центар, каде што ќе се изведуваат најнови и најсложени медицински процедури и постапки, препознаени и од стручната јавност. Но, најважно е да биде препознаена од пациентите, кои како и досега ќе бидат сигурни дека тука ја добиваат најдобрата медицинска услуга во регионот во еден систем, кој постојано се гради и унапредува, со што ќе се оправда нивната доверба, што за мене претставува обврска и професионален предизвик.