16 Март, 2025
0.1119

Недрата на Украина нов фактор во војната

Објавено во: Колумни 10 Февруари, 2025 09:46

Добивај вести на Viber

Неделава во Минхен ќе се одржи Минхенската конференција за безбедност. Главна тема – Украина. Доаѓа висока американска делегација. Но не помалку високи претставници од Европа. И Владимир Зеленски на чело на украинската делегација. Американскиот претседател, Доналд Трамп, продолжува во својот стил. Дома создава хаос, а надвор воведува нови правила на игра. „Америка над се’“. Бизнисот, зделките, одат паралелно со политиката. Влегува и во војната во Украина. Како да подзабораваме зошто почна војната?

Минатава недела Доналд Трамп изрази подготвеност за продолжување на помошта на Украина под услов таа да им дозволи на Американците достап до нејзините недра. Во прв ред ретките метали, а потоа нафтата и гасот. Би платил 500 милиони долари. Истовремено бара компензација на трошоците на САД за војната. Спомнува бројка од 300 милијарди долари, кои Трамп сака да бидат „компензирани“ од страна на Украина. Со нагласка дека американската помош многу ја надминала помошта од другите украински сојузници. Тој изјави дека Џо Бајден не барал од Европа пари за Украина, туку трошел американски пари.

Очигледно Трамп веќе има добиено сигнал за такво нешто, за достап на САД до украинските недра, од страна на украинското раководство. Паралелно Трамп зборува за некаков прогрес во решавањето на руско-украинскиот конфликт. Тој го очекува Зеленски во Вашингтон неделава. Изјави дека веќе разговарал со неговиот руски колега, Владимир Путин. Во Москва, ниту го потврдија тој факт, ниту го демантираа. Сето ова значи дека  се бараат некакви решенија за мир. Мир кој го сакаат и Русите и Украинците. Но, по која цена?

Пред некој месец, кога беше актуелен „планот за победа“ на Зеленски, со потсмев беше прифатен делот, според кој Украина би била главна, со оглед на военото искуство на нејзината војска, во безбедноста на Европа. Демек Америка би можела да го намали своето воено присуство за сметка на украинските војски. Истовремено од планот се дозна дека Украина е подготвена да им даде достап на сојузниците до нејзините стратешки важни природни ресурси.

ЗЕМНИ БОГАТСТВА

Украина веќе имаше подготвен договор за потпишување со САД за користење на нејзините природни ресурси, но ги одолговлекуваше работите. Иако се очекуваше договорот да биде потпишан со администрацијата на претседателот Џо Бајден, Украинците „намирисаа“, дека неговиот брод ќе тоне и договорот остана непотпишан. Тие знаеја дека Трам е „дил ориентид“, што би рекол нашиот некогашен премиер. И играа на таа карта. Згора на тоа, во септември, Зеленски на средбата со Трамп во предвечерието на изборите му го претставил својот план и делот за земните богатства, што секако го заинтригирало идниот американски претседател. Според украински извори на нејзината територија се наоѓаа околу пет проценти од светските резерви на критички важните руси, вклучувајќи ги ретките земни елементи. Тие вклучуваат 17 метали, литиум, скандиум. итриум. лантан, титан, ураниум...Секако тамошните резерви не спаѓаат во првата петорка во светот, но сепак се значајни. Тоа се гледа и од интересот на САД. Инаку број еден производител на овие метали во светот е Кина.

Приказната за земните богатства на Украина не е нова за Американците. Во септември 2023 година Линдзи Грем ја нарече помошта на САД на Украина „добра инвестиција“ за Америка. „Украинскиот народ за 18 месеци си врати половина од територијата и не загина ниту еден Американец. НАТО се прошири. Руската економија се урива, армијата е уништена. Тоа беше добра инвестиција за американскиот народ“, рече Грем. Според него Украина е „„партнер за кој јас мечтаев. Тие се готови да војуваат. Ним им треба само наша економска и воена поддршка...Ние ја уништуваме руската армија без да загубиме ниту еден војник“.

Неколку дена подоцна на една предизборна дебата на републиканците сенаторот од Јужна Каролина, Тим Скот, изјави дека практично, целата помош што се дава на Украина не е неповратна. „Осумдесет проценти од финансиите што ги праќаме во Украина се кредити“, изјави Скот. Линдзи Грем, кој често патуваше во Украина нејзините рудни богатства и кредитот ги спомна во февруари лани. Демек, помошта да се дава на кредит или пак со американско користење на земните богатства на Украина. „Јас сакам пакетот помош да се претвори во кредит и тоа за мене има смисла...Ние имаме долг од 34 трилиони долари. А Украина има богати руди и многу ресурси, рече Грем во едно интервју. Тој тогаш кажа дека тоа е идеја на Доналд Трамп. Спомнуваше дека Украина има земни богатства вредни од 10 до 12 трилиони долари и дека таа би можела да биде најбогата земја во Европа. „Јас не сакам тие пари и тие активи да му се дадат на Путин за тој да ги подели со Кина. Ако сега ние и помогнеме на Украина, таа ќе стане најдобар бизнис партнер, за кој ние би можеле само да мечтаеме. И тие пари да бидат користени од Украина и од САД..“, изјави Грем.

ТЕСНО ПАРТНЕРСТВО

Украинската реакција на најавите на Трамп дојде од претседателот. Владимир Зеленски изјави дека нема намера да им ги дава минералните ресурси на Украина на американските власти или на други западни партнери. Може да се разговара само за заедничка експлоатација во „тесно партнерство“. Моделите за инвестирање можат да бидат разни. И партнерите можат да се договорат за тоа. Зеленски вели дека можат да бидат двајца, понекогаш тоа е 50 на 50 проценти. А може да бидат и повеќе партнери. САД, според Зеленски имаат приоритет поради досегашната помош, а ним прво им беше претставен планот за користење на земните богатства. Тие најмногу и помогнале на Украина, но не се исклучени и други сојузници. New York Times повикувајќи се на украински извори соопшти дека Украина од Трамп во замена за зделката сака „доволни“ гаранции за безбедност за да „не се дозволи тие ресурси да паднат во рацете на Русија“.

Реакцијата на Кремљ на бизнис муабетите меѓу САД и Украина беше воздржана.  Димитриј Песков, портпаролот на Путин рече дека идејата за соработка меѓу двете земји по ретките земни метали е давање помош врз комерцијална основа. „Веројатно, ако работите се кажат со своето вистинско име, тоа е предлог да се купува помош. Т.е. да не се продолжи да се дава на неповратна или друга основа, туку да се обезбеди нејзина комерцијална основа. Секако, подобро е да не се дава никаква помош и на тој начин да се придонесе за завршување на конфликтот“, изјави Песков.

Според Washington Post за шест месеци војна Русија ја проширила контролата врз некои од најбогатите наоѓалишта на корисни минерали во Европа. Се оценува дека вредноста на ресурсите на освоените територии од страна на Русија е 12,4 трилиони долари. Минералите на освоените територии се користат за се’, од детали за авиони до смартфони. Според различни оценки, на освоените територии има од една половина до две третини од украинските природни богатства. Во Украина сметаат дека Русија во целост ќе ги покрие своите трошоци за војната и тоа неколку пати. Премиерот на Украина во времето на претседателот, Виктор Јанукович, Николај Азаров, изјави дека наоѓалиштата со ретки земни метали, кои Зеленски му ги нуди на Трамп, веќе се продадени на странци. Освен ако Украина не ги национализира и им ги даде на САД. Дури 15 наоѓалишта на титан се продадени на азербејџански претприемач, а едно наоѓалиште на литиум е продадено на австралиска компанија. Може да дојде и до судски спорови со САД.

ЕВРОПА КРИТИКУВА

Намерата на Трамп наиде на осуда во Европа. Канцеларот, Олаф Шолц, упати критики до Трамп, нагласувајќи дека тие ресурси на Украина треба да се користат за финансирање на се’ она што ќе биде потребно после војната. Според Шолц, „би било многу егоистично и егоцентрично“ сега добиените пари да се користат за финансирање на поддршката на одбраната на  Украина. А нејзе во иднина ќе и треба силна армија и финансирање на обновата на земјата. Затоа, тој предлага, ресурсите на Украина да се користат за подобра иднина. Шолц смета дека помошта на Киев треба да се дава без секакви услови. За разлика од Трамп, тој вели дека Германија нема да смета на никаква компензација во иднина. И таква позиција треба да имаат сите сојузници.

„Ако сите земји кои и помагаа на Украина посакаат да ги монетизираат своите напори и трошоци за сметка на нејзините ресурси, од земјата „нема да остане ништо, освен коски“. Ова го напиша колумнистот на Bloomberg, Марк Чемпион, анализирајќи ја иницијативата на Трамп за украинските ретки земни метали. Според него, зделката на Трамп треба да биде прифатена и од Украина и од Европа. Затоа што обете зависат од воената моќ на САД. Тој е согласен и со идејата на Трамп, Европа да плаќа и да прави повеќе за Украина поради географската близина до војната. И затоа што Германија, „исто така не избегнува да им даде приоритет на „себичните“ економски интереси“ и веќе разговара за продолжување на купувањето руски гас по завршувањето на војната. Чемпион смета дека „валканиот“ план на Трамп ќе ги унапреди безбедносните цели на Украина и нејзините сојузници, додека германскиот, напротив, ќе го намали притисокот врз Владимир Путин, да стави крај на војната.

Во меѓувреме, прес секретарот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Брајан Хјуз, рече дека на Соединетите Држави им се потребни украинските ретки метали за да ги надоместат трошоците направени во Киев. „Како што вчера рече претседателот Трамп, САД треба да ги вратат сите пари што ги трошат или ги потрошиле за помош за Украина. Дискусиите во текот на викендот се фокусираа на тоа како најдобро да се обезбеди отплатата , а сè уште не е направен план за тоа“, рече Хјуз.

За спроведување на се’ што сака Трамп или Украина најважно е да дојде до прекин на воените дејства. А против тоа, замрзнување на конфликтот, се и Украина и Русија. Доколку нема прекин, тогаш војната ќе продолжи, а цел можат да бидат и американските наоѓалишта на ретки метали во Украина, доколку дојде до договор со САД. Ако има војна, тогаш тешко би се нашол инвеститор. Кој би бил будала да вложува милијарди долари во истражување и разработка на некое наоѓалиште. Што значи давањето право на разработка на наоѓалишта во воени услови? И на кои наоѓалишта ќе се дава право? Оние што се под руска контрола или на оние врз кои може да падне бомба во секое време. Па, кога некој инвеститор ќе го искористи тоа право? 

 ДВЕ ЗДЕЛКИ

Тука се доаѓа до ново прашање. Дали зделката за Трамп е многу важна па да биде постигната по секоја цена? Секоја цена, може да значи и нов воен вител. Бајден на заминување одобри неколку милијарди воена помош за Украина. Тоа сега доаѓа. Дури има најави за нова украинска офанзива. Дали и Трамп ќе игра на таа карта? А, што со дипломатското решение?  Главното прашање е ставање крај на војната во Украина. Зеленски сега вели дека треба да се сочува богатиот Дњепровски регион во централниот дел на Украина. Борбите се доближуваат до неговите граници. Украинскиот претседател како веќе да се помирил со загубата на другите региони под руска контрола. Или, пак, ќе му ги остави на Трамп, тој со Путин да го решаваат тоа прашање. А можеби ќе се зборува и за нова зделка! Во таков случај Трамп би бил главен добитник. Со две зделки.

Во сето ова треба да се води сметка и за рускиот интерес. Но и пошироко. Интересот на Кина, на пример. И на Глобалниот југ. Русија сигурно нема да се откажи од поддршката на „Пријателите на мирот“, група земји предводени од Кина и Бразил, која има план, и е создадена за постигнување мир во Украина. Тие нема да му дозволат на Трамп да се води од политиката „до мир преку сила“. Доколку тоа помине сега со Русија, тогаш тешко на други помали држави, ако сакаат да се самоодржат.

Од друга страна таквата политика на Трамп може да доведе и до изолација на САД. И тоа не само од Глобалниот југ. Европа сега е под голем внатрешен притисок и стрес, и се’ уште не знае што да прави и како да одговори на најавите на американскиот претседател, иако е многу зависна од САД. А и Трамп не ги есапи многу европските лидери од Брисел. Сегашниот приод кон Украина е и сведоштво за тоа, како Америка во иднина ќе ги гради односите со своите сојузници. Па и тие од Европа. Мора да дадеш за да добиеш. На пример воена заштита. Притисоците врз Канада и Данска се доволен пример на новата американска политика. Излегува дека за Трамп има знак на равенство меѓу надворешната и економската политика. Но најважно е „Америка над се’’. Ова ме асоцира на „Deutschland über alles“.

РЕВОЛУЦИЈА ВО УКРАИНА

Што се однесува, пак, до Украина нејзините граѓани осознаа дека парите и помошта што ја добиваа од САД, сега ќе мора да ги враќаат преку природните богатства. Трамп идната недела со Зеленски ќе има што да поразговара. Последниов постојано настојуваше тој прв да се види со Трамп за да му ја каже „вистината“ за Украина. Сигурно ќе сака Трамп да го „искара“ Путин. Како Американците да не ја знаат вистината подобро од него. Најверојатно од Зеленски ќе се бара прв чекор ќе бидат отстапки кон Русија, па по нив прекин на огнот. А ако нема војна тогаш ќе мора Зеленски да организира избори и за претседател и за парламентот, што може да доведе до негов пораз и пораз на неговата политика. А потоа преговори со Путин, независно дали тој или некој нов претседател.

Во меѓувреме некогаш блискиот соработник на Зеленски,министерот за надворешни работи, Димитриј Кулеба, како да го предупредува претседателот. Па во едно интервју вели: „Лицето кое ќе потпише документ, да речеме, со кој се откажуваме од НАТО, сè уште има шанса да преживее физички и политички, но оној што ќе потпише договор за откажување од територии или ќе биде убиен или отстранет од политиката“. И најавува револуција: „Сметам дека е исклучително тешка задача да се најдат формулации кои ќе го опишат територијалното прашање на таков начин што ќе ја запре војната и во исто време нема да доведе до внатрешна револуција“.

Во меѓувреме, Трамп и Путин, ако се договорат, ќе седнат да пијат чај. Гледано според она што допира до јавноста, договарањето не оди баш глатко. И нормално кога односите меѓу двете држави се на најниско можно ниво. А и темата е сериозна. Иако, според изјавите, Трамп делува оптимистички. Епилогот од чаепитието ќе го дознаеме некаде во март, април.

Мирче Адамчевски