НБРСМ: Девизните резерви на историски максимум, макроекономската слика во рамките на очекувањата
Објавено во: Финансии 28 Февруари, 2025 10:40
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 27 февруари 2025 година, ги разгледа последните макроекономски показатели, како и информациите за управувањето со девизните резерви во последниот квартал на 2024 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, меѓународните организации очекуваат стабилизација на глобалниот економски раст во периодот 2024 – 2026 година, со врамнотежени краткорочни ризици, но надолни среднорочни ризици поврзани главно со трговската неизвесност и геополитичките тензии, соопштуваат од Народната банка на Македонија.
- Макроекономската состојба кај нас е во согласност со октомвриските проекции, со годишен раст на БДП од 3 отсто во третиот квартал од 2024 година и показатели за продолжен раст во четвртиот квартал. Просечната годишна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5 проценти и целосно е во согласност со последните проекции на Народната банка. Сепак, неизвесноста во однос на идната динамика на инфлацијата и натаму постои, а е поврзана со цените на примарните производи поради геополитичките и климатските фактори, како и поради одредени фактори од домашен карактер коишто можат да влијаат на агрегатната побарувачка. Во декември 2024 година, вкупните депозити и кредити пораснаа над очекувањата, со годишен раст од 11,4 проценти и 11,2 отсто, соодветно. Анкетните податоци укажуваат на олеснување на кредитните услови и зголемена побарувачка на кредити - посочуваат банкарите.
Воедно од НБРСМ дополнуваат дека според Извештајот за управувањето со девизните резерви, на крајот на декември 2024, девизните резерви на земјава достигнаа историски максимум од 5.029 милиони евра, со повеќе од 60 отсто вложени во хартии од вредност, главно државни обврзници од еврозоната.
- Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а балансираниот приод во инвестирањето придонесе за остварување поволни финансиски резултати.
На седницата, Советот ги разгледа и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2024 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување. Во согласност со заложбите за обезбедување транспарентност во работењето, Финансиските извештаи на Народната банка се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, како и на интернет-страницата на Народната банка - се наведува во соопштението испратено до медиумите.
Можеби ќе ве интересира
АЛТА БАНКА ЈА СТОПИРАШЕ ОДЛУКАТА ЗА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ - поранешната вицегувернерка сепак нема да биде дел од УО
СО ИМЕ И ПРЕЗИМЕ ОБЈАВЕНИ ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ ШТО НЕ ПОДНЕЛЕ ИЗЈАВА ЗА ИМОТНАТА СОСТОЈБА: Меѓу нив се и дел од старо новите скопски градоначалници
Ова се просечните годишни плати во европските земји: Разликите се огромни, еве зошто
Рекорд на сите времиња: Илон Маск е најбогатиот човек во човечката историја
„Њујорк тајмс“: Фирмата на зетот на Трамп - Кушнер се повлекува од договорот за изградба на хотел во Србија
Голем скандал во автомобилската индустрија: Возачите плаќале повеќе, производителите на батерии казнети со 72 милиони евра
Димитриеска-Кочоска: Буџетот е во одлична кондиција и обврските нема да останат несервисирани
Европските индекси растат, цените на златото повторно се близу до историски максимуми
Рекорд на пазарот на недвижности: Пентхаус во Дубаи продаден за речиси 130 милиони евра




