07 Март, 2021
0.0220

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот

Објавено во: Колумни 18 Јануари, 2021

„Болниот од Берлин“, како што милува Кремљ да го да го нарекува Алексеј Наваљни, чие име не сакаат да му го споменат таму, по пет месечно отсуство се врати во Москва. Слета синоќа на аеродромот во Шереметјево и веднаш го притворија. Враќањето во Москва беше циркус. Авионот според планот требаше да слета на аеродромот во Внуково, но „поради“ четка од возилото за чистење снег, која заглавила на пресекувањето на двете писти, неколку летови и оној на Наваљни, беа пренасочени на Шереметјево.

Инаку приврзаниците на Наваљни дојдоа на Внуково, каде што имаше и големо обезбедување, уапсени беа  над 40 луѓе и новинари, но не можеа да го дочекаат Наваљни. Сепак властите не можеа да ја избегнат медиумската врева. Во авионот од Берлин со Наваљни патуваа други новинари и практични тие ги пренесоа првите изјави и беа сведоци на неговото апсење. Ништо не беше оставено на случајноста, ниту од власта, ниту од страна на  Наваљни и луѓето кои патуваа со него од Берлин. Власта апсеше, а другите ја исполнија целта за медиумско покривање на враќањето на Наваљни во Москва.

„Ова е мој најдобар ден во последните пет месеци“, рече Наваљни, после приземјувањето на авионот. Претходно тој истакна дека враќањето или не враќањето во Русија, како прашање не се поставувало никогаш и „тоа покажува како треба да се бори овде...Ова е мој дом. Јас дојдов овде и не се плашам. Знам дека не сум виновен, кривичните дела против мене се фабрикувани“. Јулија Наваљна, сопругата на Алексеј, по неговото притворање, изјави дека и таа не се плаши и ги повика сите да не се плашат.

ПОДГОТВЕН ДОЧЕК

Враќањето во Москва од Берлин, Наваљни го најави уште на 13 јануари. Демек, чекајте ме  на 17 јануари, ќе долетам со авион. Тој во Берлин беше уште од август минатата година. Го донесоа на клиниката „Шарите за лечење по труењето со отров од групата „Новичок“, како што соопштија експерти од Европа. Наваљни соопшти дека во Германија бил дојден во кома, затоа што сакале да го убијат. Но овој пат во тој контекст не го спомена Владмир Путин, рускиот претседател. Тој додаде дека  нему „не му се многу интересни“ дејствијата на „слугите на Путин“ кои „фабрикуваат нови кривични дела“ против него 

И нормално властите се подготвија за дочекот. Уште пред да дојде, кон крајот на декември отворија кривично дело за измама од особено големи размери. Според истрагата од собраните, од 2016 година 588 милиони рубљи( едно евро 90 рубљи), доброволни прилози за работење на Фондот за борба со корупцијата, Наваљни за лични потреби потрошил 356 милиони рубљи. Втора работа е фактот што тој на 30 декември 2014 година беше условно осуден за грабеж на 26,8 милиони рубљи на 3,5 години затвор,  условно за пет години. Во 2017 условот му беше продолжен уште за една година. И истекуваше на 30 декември лани. Ова дело Наваљни не го признава и го смета за политички мотивирано. Во октомври 2017 година Европскиот суд за човекови права оваа пресуда ја призна за неоснована. Управата на Федералната служба за извршување на санкции во соопштение од ноември лани кажа дека Наваљни уште пред евакуацијата во Германија ги нарушувал правилата на условната казна. Управата по напуштањето на Наваљни на болницата „Шарите“ очекувала тој да се јави кај соодветните органи. Но по еден месец пратил потврда дека се лечи амбулантно. Управата ова не го признава и започнала потрага по Наваљни. И токму ова е причината за притворот на Наваљни, па сега тој ќе чека одлука на судот за неговата иднина.

Овде треба да се каже дека тој не може да смета на праведно правосудство и правна заштита од државата. „Системот него го смета за клетка од рак и постепено го труе создавајќи неиздржливи услови за живот, во тие рамки и за неговите роднини и соработници“, пишуваше Татјана Становаја од Карнеги фондацијата.

ЛАЖГОВЦИ И КРАДЦИ

Во август во Фактор пишувавме дека Алексеј Наваљни не го сака власта, не го сакаат олигарсите, не го сакаат дури и некои опозиционери и либерали. Зошто? Затоа што на сите има ја кажува вистината за нивното коруптивно однесување. Било во политиката, било во клиентелизмот. Тој има најлоши зборови за партијата на Путин „Единствена Русија“. Таа, според него, е легло на лажговци и крадци. Наваљни не се плаши да оди на протести и е во првите редови. Шета низ цела Русија и агитира за опозиционерите на локални  или парламентарни избори. И ден денес ги подржува луѓето што протестираат во Русија. Противниците на Наваљни, го обвинуваат дека добива поддршка од Западот, за да работи за смена на режимот во Русија.

Сега, ова последново како да се потврдува. Не дека тој не сака да се смени Путин. Има мечта да му биде противкандидат на Владимир Путин. Но за тоа не е доволна само мечтата. Ако на Запад порано Наваљни и не го сметаа како лидер на опозицијата, сега по труењето тој стана тоа. Европа дури воведе и санкции против Русија. Америка молчеше. Се чини молчењето завршува. Синоќа идниот советник на Џо Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен побара од руските власти веднаш да го ослободат политичарот Алексеј Наваљни. Според Саливен: „Наваљни треба веднаш да се ослободи, а виновните за обидот за убиство треба да одговараат. Нападите на Кремљ не се само нарушување на човековите права, туку тие се навреда на народот на Русија, кој сака, да биде слушнат неговиот глас“. Официјалниот претставник на руското МНР Марија Захарова како одговор на изјавата на Саливен му даде совет, нему и на други странски политичари, кои публикуваат однапред подготвени коментари. „Почитувајте го меѓународното право, не навлегувајте во националното законодавство на суверени држави и фатете се со проблемите во вашите држави“, напиша Захарова во ФБ.

КООРДИНИРАНА АКЦИЈА

Претходно се јави шефот на европската дипломатија Жoсeп Борел, кој  ги повика руските власти да ги почитуваат правата на Наваљни и побара негово ослободување. Балтичките земји и се заканија на Русија со санкции од страна на ЕУ, поради притворањето на Наваљни и бараа негово ослободување. „Притворањето на Алексеј Наваљни по доаѓањето во Москва е недозволиво. Ги повикувам руските власти веднаш да го ослободат“, напиша на Твитер, Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет.

Сето ова наликува на координирана акција спроти инаугурацијата на Џо Бајден за американски претседател. Ако се има предвид дека Бајден има намера,а така и го советуваат во односите со Русија да не се напаѓа народот, туку власта и Путин, за непочитување на човековите права , па за слободата на изразување и на медиумите, да се даде поддршка на граѓанскиот сектор, тогаш Наваљни со неговото труење како да си постигна една од целите – вклучување на Западот во неговата борба со системот. Но, барем засега тоа тешко ќе може да се реализира. Иако ова бара посебна тема, сега само накусо. По настаните во САД и она што се случува, Америка му даде подароци на Путин. И во поглед на почитување на човековите права, и во поглед на слободата на изразување, така што тој и Русите ќе ги користат тие адути во евентуалниот дијалог, ако бидат ставени на дневен ред.

Властите во Русија кон Наваљни и во иднина ќе се однесуваат како кон вреќа за боксување. Тие си имаат и други проблеми. На пример неколкумесечните протести на Далечниот исток на Русија, поради апсењето на еден губернатор. Наводно учествувал во нарачани убиства! Ако не го затворат Наваљни веднаш, постојано ќе го гонат, како и досега, за разни „криминални“ активности. Ќе биде постојано под надзор на политичката полиција. Сега реакциите на Западот и апсењето само му го подигаат статусот како политичар.  Но тешко дека ќе му се оствари мечтата да биде противник на Путин на избори. Следните се 2024 година. Иако, за волја на вистината на локални избори негови приврзаници и луѓе што тој ги поддржува, со таканаречено „умно гласање“, успеваат да влезат во локалната управа. Но на парламентарните или претседателските засега не успева да направи ништо.

РЕАЛНА ИЛИ МЕДИУМСКА СМРТ

Што е најважно кај Наваљни? Губењето на стравот. За разлика од Михаил Ходорковски, кој беше затвор 10 години, од Гари Каспаров кој со децении е надвор од Русија или други опозиционери, Наваљни не се плаши да се врати на местото на злосторството. Се разбира не неговото, туку на оние кои му го направија. Тоа е голем квалитет во борбата со системот. Но за победа требаат илјадници како Наваљни, ако не и милиони. Милиони борци против корупцијата и клиентелизмот.

Некои опозиционери зборуваат, но не дејствуваат како Наваљни. Па велат:„ Тој сепак за себе си избрал совршени идиотска професија и соодветно, страшна судбина. Бидејќи од неговиот пример добро се гледа  колку е ужасно, неприродно и глупаво да бидеш искрен и доследен. Искреноста секогаш мириса на идиотизам, а сега особено силно. Во принцип добро е да се биде подлец, пират, наемник и многу е лошо да се биде благороден рицар, кој треба да прави самоубиствени обиди, затоа што ако тој не ги прави, тогаш ќе р’ѓоса во сите негови делови...Секако, тој нема друг избор, затоа што подобро е реалната смрт, отколку медиумска. Политичарот не смее да си дозволи да исчезне освен на неколку месеци“.

И навистина за да бидеш политичар во Русија, како и во други корумпирани и клиентелистички држави, на пример нашата, доволно е да си дел од бирократска структура, дел од мафијашко-олигархиски систем, од неизживеани  поединци желни за власт и зависни од неа. А да бидеш во опозиција, вистинска, во Русија треба да си подготвен на секој чекор да те демне изненадување. Во најмала рака ќотек од полиција, неколку дневен затвор, а може и со години, па се до смрт. Наваљни е доказ за тоа. И не само на зборови. Затоа некои политичари доаѓањето на Наваљни го означија со зборовите:„ Кај нас доаѓа Претседател“. Додавајќи дека тој е единствената алтернатива на Путин, како Нелсон Мандела во свое време кога стана алтернатива на Фредерик Де Клерк и режимот на апартхејдот во Јужна Африка. Наваљни е човекот кој што може да го победи Путин, но не на избори, бидејќи такви ќе нема, туку како прв човек на некаков Комитет за национален спас, кој би се формирал на урнатините на режимот, а потоа да биде избран.

Убави се мечтите на политичарите, но реалноста е многу посурова. Во Русија уште долго, ако не се случи нешто вонредно, ќе владее Путин. До 2024 сигурно, а можеби ќе ги искористи мандатите за да владее до 2036 година. Вчера кога го прашаа Димитриј Песков, прес секретарот на Путин, за притворањето на Наваљни, тој нагласувајќи дека е последен ден на одмор и не ги следи многу работите, рече:„Извинете, него во Германија го задржале? Не сум во тек“. Тоа е власта. Ем има информации од прва рака, ем се прави недоветен. Цинизам. Е, со такви луѓе треба да се бори Наваљни. А што се однесува до Западот, тука работите се јасни. Тој е ветер во грбот на Наваљни, но овој мора сам да си ја заврши работата. Типично за Запад. „Ние ве поддржуваме, ама сами треба да си ја завршите работата“. По цена и на затвор.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Вирусот, банките и копнежот

Вирусот, банките и копнежот

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Односите на Русија и Европската Унија во лер

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!

Бугарскиот пасош, остана последната надеж за Македонецот!