06 Мај, 2024
0.0334

Интервју со Д-р Александар Стојков Професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Националната развојна стратегија е обединувачка платформа за поодговорно создавање на иднината

Објавено во: Интервјуа 23 Август, 2023

Добивај вести на Viber

Продолжуваме со серијата интервјуа посветени на процесот на креирање на Националната развојна стратегија - визионерски стратешки документ кој ќе го утврди развојниот пат на државата во следните 20 години. Подготовката на овој сеопфатен стратешки документ се одвива преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители, како и преку градење меѓу-генерациски, меѓу-етнички, меѓу-партиски и родов консензус помеѓу клучните општествени чинители.

Професоре, учествувате во процесот на креирање на Националната развојна стратегија (НРС) како суштински документ кој треба да ги постави основите, да биде еден вид патоказ за нашата земја за следните 20 години. Вашето знаење, професионално искуство и експертиза во областа на економските науки и финансиите е од исклучително значење за понатамошната надградба на оваа стратегија, што е всушност и повод да поразговорараме на оваа тема.

Речиси и нема област во нашиот општествен и економски живот за која во изминатите три децении не беше изработена одредена стратегија или некаков вид програма. Искуството покажа дека на сите им недостасува „сврзно ткиво’’, односно имаат само фрагментиран пристап поради што беше оневозможена нивната меѓусебна соработка, а со тоа и целосна имплементација. Какви ќе бидат придобивките на НРС како стратешки документ, кој има целосно различен пристап?

Веќе стана редовна практика да „произведуваме“ секторски стратегии и акциски планови, кои не комуницираат доволно меѓу себе. Кога би направиле аналогија со уредувањето на домот, тоа би било како да купуваме нови кујнски елементи, без да имаме целосен увид во нашите финансии или во поставеноста на водоводните и електричните инсталации во кујната. Сосема легитимно прашање е и дали реновирањето на кујната било највисок приоритет. Сличен проблем имавме и досега со секторските стратегии, кои немаа доволно информации и увид во другите сродни сектори и во расположливите извори на финансирање. Идејата е преку инклузивен процес, во кој се вклучени сите засегнати страни, да се направи „чадорска“ стратегија, која ќе ги опфати сите стратешки области, приоритети и политики. Целта на НРС е преку синхронизирани и кохерентни политики да се скицираат насоките за изградба на пристојно општество за нашите граѓани и за идните генерации. НРС се води од мотото дека најдобриот начин да ја предвидиме иднината е да ја создадеме. Од тие причини, сите идни секторски или повеќесекторски стратегии треба да бидат усогласени со Националната развојна стратегија за да имаат поголем ефект.

НРС успеа да обезбеди позитивна средина за национален консензус, што е само по себе нешто во кое до сега никој не успеал. Покрај власта, овој документ е максимално  поддржан и од опозицијата, па оттука, дали ова значи дека без оглед на тоа која ќе биде актуелната партија на власт, неговата мисија и приоритетни цели ќе продолжат да се реализираат?

Особено радува фактот кога на една маса ќе видите претставници и од власта и од опозицијата. Веќе одамна дојде времето заедно да се разговара за клучните приоритети и реформи, кои треба да ги спроведе било која власт во следните две децении. На пример, подигнувањето на квалитетот на образованието и воопшто, човечкиот капитал треба да биде главна програмска определба и искрена цел на секоја политичка партија. Освен тоа, многу владини инвестиции во крупни инфраструктурни објекти мора да се спроведуваат во периоди подолги од изборниот циклус и тоа наметнува обврска за општествен консензус и континуитет во политиките. На тој начин, конечно ќе расчистиме со практиката, според која речиси секоја влада го почнува мандатот, како дотогаш да немало корисни стратегии, политики и и иницијативи. Присуството на претставници од повеќе политички партии и инволвираноста на експерти со различна политичка ориентација дава надеж дека ќе има континуитет и прифаќање на новата развојна платформа. Таа е замислена да биде адаптибилна кон промените на контекстот и повремено да се ревидира, доколку е потребно.

Илјадници граѓани, претставници на институции, експерти од различни области учествуваа на Визионерските работилници, давајќи свои предлози и идеи на  теми од суштинско значење за нашето опшетство. Која ќе биде коалицијата на поддржувачи на овој стратешки документ, кој самиот по себе има максимално инклузивен карактер? 

Покрај членовите на МАНУ, како и многуте консултанти, кои се активно вклучени во процесот, очекувам поддршка од реформските јадра на политичките партии, градоначалниците, правосудството, невладините организации, стопанските комори и граѓаните-ентузијасти... Тие ги дадоа своите визии и предлози за изградба на просперитетно општество, надевајќи се дека некој ќе ги слушне, прочита и вгради во практиката. Многу значајна е поддршката на меѓународните развојни партнери, особено УНДП, кои посветено работат и целосно се вложуваат во сите фази на подготовката на НРС. Мора да потсетиме дека има и сериозна коалиција на отпорот, на која ѝ одговара сегашната состојба и која не сака чесни и јасни правила на игра. Големата емиграција и намалувањето на работната сила бараат брзи и мудри одлуки, намалување на политичката поларизација, радикални промени и дисконтинуитет со коруптивните практики и со случаите на ненаменско и незаконско трошење на јавните пари во изминатите три децении. Разочараноста од бавниот економски и социјален напредок е огромна, така што и мали промени во вистинската насока ќе се почувствуваат брзо.

Целите на НРС се генерално речено подобра иднина во сите сегменти во државата, но останува дилемата во однос на нејзината имплементација. Според вас, кои се гаранциите дека овој документ сепак нема да остане само на хартија?

Многумина го делат впечатокот дека од осамостојувањето до денес видовме премногу стратегии и планови, но не посветивме должно внимание и време за нивна имплементација. Од тие причини, речиси секоја нова стратегија се дочекува „на нож“ или со потсмев, со неизбежната забелешка дека документот ќе прибира прав на некои канцелариски полици. Единствената гаранција дека овој документ нема да остане само на хартија е огромната и искрената желба на граѓаните да видат дела, а не зборови (res, non verba). Граѓаните треба да ги гласаат оние политички актери, кои ќе градат конкурентна и иновативна економија, ќе спроведуваат владеење на правото, храбро ќе ги прифатат предизвиците на зелената и дигиталната трансформација, ќе го подигнуваат квалитетот на институциите, ќе поттикнуваат порамномерен регионален развој и ќе овозможат безбедност на граѓаните и отпорност на општеството кон идни кризи (шесте стратешки области на НРС). Граѓаните треба да бараат поголема општествена одговорност од фирмите, фирмите и граѓанскиот сектор да притискаат за потранспарентно, поефективно и поефикасно работење на јавниот сектор, а јавниот сектор да сфати дека мора да биде сервис на граѓаните и бизнисот, од каде ги црпи и приходите. Ако е дојден тој момент, тогаш нашата генерација ќе успее да создаде пристојно место за живеење во следните две децении. Со или без ЕУ, нам нѝ се потребни темелни системски промени, нов систем на вредности, повеќе лидери со интегритет, промена на идолите, величење на малкуте херои меѓу чесните и општествено одговорни фирми и поединци, кои работат за јавниот интерес... Но, и ентузијазмот има свои граници и затоа мора да им се помогне. НРС е една голема шанса и обединувачка платформа за поинакво и поодговорно создавање на нашата иднина.

Основниот предуслов за успешна имплементација на НРС се финансиите. Ако тргнеме од премисата дека влогот е голем - обезбедување подобра иднина за сите, за идните генерации, како да се работи на можноста, во финансиската конструкција, покрај Владата, да се привлече, мотивира и приватниот сектор?

Јавните финансии се значаен, но недоволен извор за финансирање на приоритетите идентификувани во НРС. Затоа е и потребен многу подомаќински пристап во располагањето со јавните ресурси и нивно паметно насочување во приоритетните области. Треба да се отвори и дебатата дали е потребно да се редефинира влијанието на државата во економијата и висината на фискалното оптоварување на граѓаните и бизнисите. На пример, живееме во општество каде придобивките од економскиот раст ги ужива мал процент од населението. НРС има за цел да изгради поинклузивно општество, за кое можеби ќе бидат потребни поголеми јавни финансии за подобра мрежа на социјални услуги.

Приватниот сектор е клучен генератор на инвестиции и нови работни места, кој може да нѐ приближи до перформансите на напредните економии. Тој ќе се мотивира и охрабри, доколку се увери дека има поквалитетни јавни услуги, подобра инфраструктура (патишта, болници, училишта, електрична мрежа), поодговорна и потранспарентна власт, а помалку корупција и опструкции од државните органи. Секако, приватниот сектор може да се вклучи и преку јавно приватни партнерства, низ максимално транспарентни постапки. Да не ја заборавиме и дијаспората, која е расположена да помогне, доколку се подобри деловното окружување. Во тој случај, приватниот сектор ќе биде важен сојузник на државата во спроведувањето на НРС, во поттикнувањето на одржливиот развој и во изградбата на европска иднина за сегашните и идните генерации.

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ САЊА БОЖИНОВСКА: Инфлацијата и истрошениот буџет се најголемите предизвици со кои на стартот ќе се соочи новата влада на ВМРО-ДПМНЕ

ИНТЕРВЈУ САЊА БОЖИНОВСКА: Инфлацијата и истрошениот буџет се најголемите предизвици со кои на стартот ќе се соочи новата влада на ВМРО-ДПМНЕ