27 Април, 2024
0.0296

На продажба ли е „Фруктал“ во Македонија?

Објавено во: Анализа 04 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Вкупните обврски на „Фруктал“ се поголеми од вкупните средства на компанијата, покажуваат официјалните податоци. Акцијата нема книговодствена цена. Последната пазарна цена на таа акција е 100 денари, а почетната цена по која ќе се нуди акцијата во јавната понуда е 315 денари

Македонската аквизиција на словенечкиот прочуен бренд „Фруктал“ наскоро ќе понуди на продажба 783.000 акции со право на глас со вкупна почетна вредност од 4 милиони евра. Ова е многу храбар и пионерски чекор на македонскиот пазар на капитал затоа што компанија одлучи да емитува нова емисија акции преку јавна понуда и да го зголеми бројот на акции за 84 отсто во случај на целосен откуп на јавната понуда на акции.

Останува да видиме како ќе реагира пазарот и дали инвеститорите ќе бидат заитересирани за оваа акција и по која цена би ја купувале односно дали би наддавалае за купување на акцијата. Почетната цена по која ќе бидат понудени новите акции со право на глас се 315 денари односно 5,1 евро за акција. Јавната понуда ќе биде отворена на 12 декември и ќе трае до 10 јануари идната година. Во овој период можно е бројот на акции ако бидат продадени да се зголеми до 1.724.530 и доколку само еден купувач ги купи сите понудени акции, сегашниот најголем акционер „Фруктал“ од Ајдовшчина, Република Словенија ќе се сведе на 54,6 отсто и пак ќе остане најголем акционер и ќе одлучува за деловната политика на компанијата. Ако само еден инвеститор ги купи сите понудени акции по почетна цена, тој за 4 милиони евра ќе стане сопственик на 45,4 отсто од акциите. Сега во „Фруктал“ освен словенечката компанија сопственик на брендот, која поседува 92,5 отсто акционери се и 221 домашно физичко лице кои поседуваат 7 отсто од акциите и едно домашно правно лице кое поседува 0,4 отсто од акциите. Последната пазарна цена на таа акција е 100 денари и е постигната на 28 октомври 2016 година.

Како работи „Фруктал“ во Македонија?

За првите девет месеци годинава компанијата има приход од продажба во износ од 4,1 милиони евра. Оперативната добивка за овој период е нешто пониска од 251.000 евра, финансиските расходи се 60.000 евра за девет месеци, а нето добивката во првите девет месеци е 190.000 евра. На полугодие годинава акумулираната загуба надминува 6,3 милиони евра, а обврските надминуваат 9,5 милиони евра.

Лани вкупниот приход за цела година е 6 милиони евра, а оперативната добивка е помала од 400.000 евра, добивката по оданочување надминала 300.000 евра и ова е најголема добивка во последните три години.

Што работи „Фруктал“ во Македонија?

Ова е цитат од официјалните податоци достапни на Македонската берза: основна дејност на компанијата Фруктал Мак АД Скопје е производство на високо квалитетни овошни сокови, нектари и пијалаци изработени без конзерванси притоа користејќи го најдоброто и најсочното овошје од Македонија, споено со знаењето и технологијата на стручњаците на Фруктал од Словенија. Фабриката Фруктал Мак а.д. Скопје е лоцирана на патот кон Зелениково на 15 км од Скопје, во еколошки чиста околина. Се простира на површина од 192.000 м2 од кои голем дел се овоштарници насадени со праски, кајсии и јаболки. Денес фабриката брои 70 вработени. Се произведуваат готови производи за домашен и странски пазар (Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Црна Гора). 


Р.Ф.