05 Мај, 2024
0.1527

Монетарците ги стегаат вентилите за нови задолжувања

Објавено во: Колумни 07 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Монетарците од Македонија си заминаа, но ни го оставија извештајот. Прво што „боде очи“, е што за прв пат овој извештај не го презентираа јавно заедно со министерот за финансии, како што впрочем досега беше практика. А, дека ваквиот развој на настаните не е случаен, говорат и сознанијата според кои преставниците на ММФ им пратиле јасна порака на нашиве трошаџии, „вака веќе неможе, вентилите треба да се затвораат“. Тоа во превод би значело, дека пред  пресушување е еден од главните извори со кој се финансираше досегашното раскалашено трошење на актуелната власт. Дека црвениот картон е веќе покажан потврдува и јавното предупредување од ММФ дека се исцрпуваат можностите за раст заснован врз потрошувачката финансирана со пораст на буџетскиот дефицит и пораст на странски кредити. Не е случајно што сугерираат плафонот на долгот од 60%  да биде надополнет со пониски оперативни прагови, за да не ни се чини дека долгот од 44% од БДП е меѓу најниските пет во Европа, како што мисли премиерот. Да не се заборави дека земји банкротирале и со долг од 20% од БДП. А, ќе беше подобро ако ваквото предупредување дојдеше многу порано. Монетарците, барем досега имаа висок праг на толеранција кон начинот на  трошење на средствата. Но, кога аберот веќе е пратен тоа значи дека одсега па натаму сериозно ќе мора да се редуцираат трошењата и истите сведат  во рамките на можноста за отплата на обврските што достасуваат. Во ваква ситуација и не треба посебно објаснување за да се разбере колку ситуацијата е загрижувачка и колку е неопходно што поскоро да дојде до преструктуирање на буџетската потрошувачка во насока на попродуктивно трошење, бидејќи издашните извори на средства за финансирање на буџетската потрошувачка веќе и со потврда на монетарците се при крај. Фалбата за остварување на една од највисоките стапки на раст во Европа се релативизира радикално кога ќе се земе во предвид дека за таквиот резултат  се ангажирани релативно многу повеќе буџетски средства отколку во окружувањето. Со еден процентен поен пораст на буџетот во  БДП не се остварува ниту еден процент економски раст. Многу се трошело за остварување на мали економски ефекти. Значи се трошело претежно непродуктивно.   Тоа не смее да продолжи. А ако продолжи, неволјите со долговите нема да не‘ одминат. Само да се потсетиме дека и Грција додека трошеше туѓи пари (преку кредити) бележеше највисоки стапки на раст во Европа. Но, бидејќи не ги употреби како што треба, западна во криза од која ни партнерите не можат да ја спасат без радикални редукции во потрошувачката и вработувањето. А кај нас слабостите од непродуктивниот начин на трошење веќе испливаа на површина. Се чини дека ќе биде добро дури ако може да се одржи и пораст од 3%, иако се неопходни барем 6-7%  за да се почувствуваат ефекти во стандардот. Индустријата, и покрај повеќе капацитети на странски инвеститори во ТИРЗ-овите, е во застој. Во седумте месеци од годинава, во однос на истиот период од лани, порасна само за 0,2%, додека во целата ланска година оствари пораст од 4,8%. Домашната индустрија, значи,   не генерира раст. Поинтензивен раст не може да се очекува ниту од странските инвеститори и покрај бројните најави, бидејќи не можат капацитетите да ги градат со темпо со кое нам ни е потребно. Тешко е да се очекува дека  градежништвото  ќе може да ги интензивира работите за да го забрза растот. Автопатите и патиштата се дефинирани, а за „неветените“ проекти ќе биде проблем да се најдат средства за финансирање. Изгледа издишува и балонот во станбената изградба. Заради познати негрижи, земјоделството трпи големи штети и не успеа да се пројави како значаен носител на растот. Во тоа не помогнаа ниту огромните субвенции на земјоделците. Потценување на интелигенцијата на народот е ако премиерот навистина мисли дека популистичкиот  пристап и натаму „пие вода“ во јакнењето на довербaта на граѓаните кон него и власта.  Веќе е тешко да се прикажува како неуморен работник и душегрижник на граѓаните, а резултатите го демантираат. Фалбите не држат вода  пред неповолните економски текови и неизвесноста, особено пред упропастените можности за побрз раст. Сегашното брзање низ долго запоставуваните села и населби само открива колку било  нерационално и волунтаристичко трошењето на милијарди буџетски средства, со кои навистина би можело да се оствари и побрз и порамномерен развој. Негова одговорност е што не се случи тоа, а изгубеното не може да се надомести со сегашното непосредно и брзо решавање на  проблеми на граѓаните во одделни населени места и општини. А што се‘ можеше да се направи за тие граѓани кои сега ги посетува и што планира до пред оставката да ги посети, доколку не трошеше „шаком и капом“ на стоки и услуги кои не го подобруваат животниот стандард на населението?! Во тој случај немаше потреба да оди по селата и да ја игра улогата на градоначалник, затоа што со правилно распределување на  огромните  средства ( 7 милијарди евра повеќе отколку што опозицијата потроши во последната година на власт) рурална Македонија би се извлекла од неподносливите услови за живеење и работа, би се сопрело иселувањето во градовите и надвор од земјата, би заживеале селата и селските стопанства. Во тој случај, земјата би изгледала  далеку подобро. Би се намалила зависноста од градовите и интересот за мигрирање, како што со децении прави Словенија. И сигурно, развојот на настаните околу динамизирањето на економскиот раст би бил сосема поинаков. Е тогаш  навистина би била лепена , монтирана и сечена изјавата на кумот на премиерот, кога тврди, дека  ние навистина сме лудаци , трошиме за чоколада, а се нема за леб. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина