Што поскоро Македонија да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15%, смета Мизо
Објавено во: Економија 28 Март, 2024
Македонија треба час поскоро да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 отсто.
Претседателот на Советот на странски инвеститори Виктор Мизо открива дека минатата година на ова тема разговарале со Министерството за финансии. Тој се надева дека домашните економски политики ќе се сменат, за да не дојде до тоа големите странски компании да плаќаат данок и кај нас, но и во нивната матична држава.
Првите плаќања на овој данок ќе се случат во 2026-та, а ќе се однесуваат на 2024 година.
Триесет милиони евра годишно од даноци може да загуби државата, ако не се адаптира на новиот глобален минимален данок на добивка од 15 отсто, кој Меѓународната организација за економска соработка и развој ОЕЦД од 1 јануари им го наметна на компаниите кои имаат годишни приходи од над 750 милиони евра.
Педесетина компании кои работат во земјава и кои во најголем дел се странски, ќе бидат опфатени од оваа нова глобална давачка, покажале симулациите на една од најголемите сметководствени фирми во светот „Прајс вотерхаус куперс“.
Овој данок веќе е имплементиран во Бугарија и Хрватска кои се членки на ЕУ.