26 Април, 2024
0.0285

МИРИСА ЛИ ПРЕТСТОЈНАВА ЗИМА ОПАСНО НА МАЗУТ - Владата со Србија преговара за „размена на гас за струја“, финален исход уште нема

Објавено во: Економија 29 Септември, 2022

Добивај вести на Viber

Мириса ли претстојнава зима опасно на мазут, е прашањето што почнаа да си го поставуваат граѓаните, откако Владата вчера многу јасно соопшти дека за загревање на скопјани нема да нарачува гас преку „Макпетрол“ од компанијата „Гаспром“, туку преговара со Србија за набавка на овој енергенс, но доколку тоа не успее, топланите би работеле на мазут.

Владиниот советник за енергетика Виктор Андонов вчера на пресконференција информира дека се преговара Србија нам да ни продава гас по пониска цена од онаа која би ја добиле од досегашниот снабдувач, а во замена за тоа Те-то да произведува струја која ние би и ја продавале на Србија.

Она што засега се знае е дека преговорите со Србија не се завршени и не може точно да се прогнозира каков ќе биде нивниот исход, а од Владата дури и без задршка соопштија дека доколку тие не успеат и гас од северниот сосед не се донесе, тогаш топланите би работеле на мазут.

Фактор разговараше со неколку познавачи на состојбите, кои коментираат дека овие владини планови се спорни од неколку аспекти.

Првата работа, како што велат, е дека Србија не смее да реекспортира гас до други купувачи без одобрение од „Гаспром“, а колку што и е познато на јавноста, такво одобрение „Гаспром“ нема дадено на никого, а ниту на таа држава. Затоа е прашање како Србија би ни го извезла овој енергенс, а дотолку повеќе што и тие неодамна јавија дека успеале да ги наполнат своите резерви за сопствените потреби.

Така што, доколку не успее планот гас да се обезбеди од Србија, останува дека топланите ќе треба да работат на мазут, многу штетен енергенс кој исклучително ја загадува животната средина.

А познато е колку земјава имаше низ годините наназад, а и сега, голем проблеми со аерозагадувањето. Според анализи на Светската Здравствена Организација, во земјава аерозагадувањето е главниот причинител на над 1.300 смртни случаи годишно, и зголемен број на лица со респираторни заболувања. Според анализите на Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата околу 2,5 отсто од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно. 

Како што е познато, мазутот во Европа е одамна исфрлен како енергенс, бидејќи е многу штетен, а токму европските земји воведуваат големи даночни и други оптоварувања за оние капацитети што работат на мазут. Токму од тие причини, како што објаснуваат нашите соговорници, овој енергенс во последно време е многу тешко и да се најде за купување, бидејќи го нема на пазарот, со оглед што развиените земји практично го имаат исфрлено од употреба, а рафинериите не го ни произведуваат, бидејќи неговата потрошувачка беше драстично намалена.

Овде би потсетиле на една изјава на првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, дадена на крајот на јули оваа година, за тоа колку е штетно топланите да работат на мазут.

„Мазутот од еколошки аспект, во град кој што еколошки е освестен, ќе претставува сериозен проблем. Тие пари што можеби ќе се заштедат со мазутот, ќе се потрошат во Онкологија, за жал“, предупреди тогаш Бислимовски.

Прашањето што се поставува сега е дали сепак, мазутот ќе мора да влезе во игра.

Исто така, објаснуваат познавачите, мазутот е многу тежок за транспорт, особено во зимскиот период, бидејќи ако не се обезбеди загревање, тој може да се скамени. Многу од возилата со кои се вршел транспорт на мазут се пренаменети за други енергенси, па затоа и е тешко да се обезбеди логистика, односно превоз за овој енергенс. Сето тоа, заедно со бројните давачки со кои е оптоварен во развиените земји, доведува до ситуација овој енергенс да има повисока цена, односно таа не се смета како многу поволна за неговата набавка.

Нашите соговорници предупредуваат на уште една работа, а таа е прашањето како власта во земјава ќе обезбеди мазут во толку голема количина и за топланите, а плус и за ТЕЦ Неготино, која работи исто така на мазут. Така што, велат познавачите, прашање е како Владата дури и ќе го обезбеди потребниот мазут.

На вонредна пресконференција која се одржа вчера во доцните вечерни часови, премиерот Димитар Ковачевски рече дека парно за скопјани ќе има. Забрзано Град Скопје и Регулаторната комисија за енергетика треба да работат на тоа ЕСМ да добие лиценца за производство на топлинска енергија.

Токму на новинарско прашање како од Србија ќе се донесе гасот кога таа не може да го реекспортира, премиерот рече дека Владата ги има донесено сите одлуки, а има и меморандум за соработка.

„Не се работи за купопродажба на гас, туку се работи за размена на гас за електрична енергија, бидејќи ние имаме когенеративна централа која работи на гас, а Србија има резерви на гас, односно складишта за гас кои можат да бидат искористени за производство на електрична енергија во нашата централа. Врз основа на договор кој се преговара, и за кој сеуште не е финално договорено, бидејќи од страна на Србија треба да се проверат сите претпоставки за негово успешно реализирање, ќе се реализира доколку за тоа постојат 100 отсто шанси. Нашите тимови и во моментов преговараат, тоа ќе продолжат да го прават, и штом ќе имаме резултат, тој ќе им биде соопштен на граѓаните“, вели Ковачевски.

Дополнително прашан да објасни, премиерот рече дека Србија ќе треба дополнително да каже што може да реалзира од нејзината конструкција, која што се прави во однос на размена на гас за електрична енергија.

Инаку, преговори се одвиваат меѓу ЕСМ и Адора, но наспроти инсистирањето на компанијата, ќе се оди на закуп на топланите Исток и Запад.

„Согласно Законот за енергетика, топланите ќе бидат ставени во функција за загревање. Државата ќе ги земе согласно член 6 од Законот за енергетика, и нормално дека согласно со закон ќе го плаќа закупот кој следува согласно со методологијата предвидена од РКЕ“, рече Ковачевски.

На прашањето пак дали Адора се сложува со тоа, бидејќи бара продажба, тој вели „Продажбата е нешто друго, таа се прави врз основа на постапка. ЕСМ е АД во државна сопственост, и кога ќе бидат спроведени сите постапки за купување согласно закон, тогаш ќе може да се влезе во финални преговори, потпишување на договор и преземање на сопственоста и управувањето комплетно со топланите, бидејќи тие се дел од еден систем за затоплување на градот Скопје“.

Додаде дека законите за енергетика и за управување со кризи се јасни и преземањето на топланите ќе се изврши врз основа на законски одредби, се разбира со плаќање на сите надоместоци за закуп кои му следуваат на сопственикот. Според премиерот, национализација е нешто сосема друго.

Екепсертите со кои комунициравме велат дека Србија едноставно не може да и продаде гас на Македонија.

Митко Андреевски, поранешен советник за енергетика во Владата, во врска со оваа пресконференција, за Фактор, ја даде следнава изјава.

„Најавата и пресс конференцијата во владата дека Србија ќе и продаде гас на Македонија преку гасоводниот систем со Бугарија се неточни, од причина што гасот купен од Гаспром не може да се препродаде на трета страна. Друго прашање е ако се користи за производство на струја и тој договор е ( гас то пауер) и таков во минатото го имаше направено во Македонија. Останува нејасно од изјавата зошто се потенцираше дека се обезбедени пари за купување на гас и за топланите Скопје Север и Запад кои сеуште на 29.09.2022 се приватна сопственост на Адора. 

Загрижува фактот дека на 14 дена пред официалниот старт на грејната сезона за првпат Скопјани не знаат кој ќе ја врши дејноста за производство на топлина, каков енергент ќе се користи ( гас или мазут) и клучно дали системот ќе проработи!!! 

Пресс конференцијата на Владата доцна синоќа на 28.09.2022 дополнително загрижува бидејќи од истата не се добива впечаток дека се обезбедени материјални средства за топлинска енергија, вклучително и немањето на акциски план кога и како ќе се случуваат дејствата“, изјави Митко Андреевски за Фактор.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Трендафилов: Газдите пријавуваа исчезнување на Непалките зошто им го платија патот до тука

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

Кина има за цел да склучи повеќе договори за слободна трговија, ветувајќи зголемена отвореност

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

Бугарскиот „Флекс Кредит“ ќе врти кај должници и ќе бара наплата за компании

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

СТАНОВИ И КАНЦЕЛАРИИ „ТЕШКИ“ 600 ИЛЈАДИ ЕВРА ОДАТ НА БАРАБАН: еве каков имот нудат банките на продажба

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9