Мицкоски поднесе законски измени за да не поскапи струјата во првиот и вториот блок
Објавено во: Економија 20 Јуни, 2024
Мандатарот и пратеник Христијан Мицкоски заедно со група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Собрнаието поднесе предлог измени за Законот за енергетика, со кои од 1 јули нема да може да се зголеми цената на електричната енергија за првите два од четирите блок тарифи за домаќинствата.
-Со предложените измени треба да се овозможи да нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, за кои се подготвува нов ценовник од 1 јули, рече Мицкоски на прес-конференцијата.
Измените ќе се носат по скратена постапка, а ќе биде дозволено поскапување само за третата и четвртата тарифна блок-група и тоа од 1 до 2 проценти.
Тој ги повика сите пратеници да гласаат за законските измени затоа што така ќе се спречи и инфлаторната спирала.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, претходно рече дека струјата за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар мора да поскапи од 1 јули, затоа што ЕСМ на ЕВН Хоме ќе му понуди повисока цена и само 85 отсто од потребните количини.