26 Април, 2024
0.0266

Макрон го предава Западен Балкан на неевропските сили

Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2019

Добивај вести на Viber

Многу врева се крена околу ставот и решението на Франција, поточно нејзиниот претседател да стави вето на започнувањето на претпристапни преговори со Македонија и Албанија за членство во ЕУ. Одбивајќи да го направи бенигниот чекор Макрон, според се, го прави она против што се залагаше кон крајот на август годинава. На традиционалната средба со француските дипломати тој, зборувајќи за Западен Балкан, побара изработка на европска стратегија за границите на Европа. Во спротивно, според него тие ќе паднеле во рацете на неевропските сили. Сега, после самитот во Брисел, може да се очекува тоа, не одеднаш, да стане стварност. Макрон им даде сигнал на неевропските сили дека можат да настапат.

Што всушност им кажа Макрон на своите дипломати? Гавно зборуваше за европски стратегии, а во тие рамки и за Западниот Балкан. Според медиумите во кои е публикувано неговото обраќање, Макрон ги замолил дипломатите да се зафатат со „разгледување на географските прашања на Западниот Балкан“. Па кажал дека во јули бил во посета на Србија. Прва посета на таа земја од страна на претседателот на Франција од 2001 година. Што било неверојатно. „ И јас гледам што правиме ние, на пример во областа на културата, во општествената сфера, многу помалку, отколку држави со многу помали стратешки интереси и многу подалечни, отколку ние, без оглед на тоа што од нас тоа го очекуваат. А да се разработи европска стратегија – значи да се замислиш над европските граници. Тоа се наши граници, наши соседи и тоа се земји, уште повеќе, кои не’ сакаат и со кои треба да имаме односи, за да не одиме на рака на неевропските сили“, рече Макрон. А тие неевропски сили, кои би ја решавале судбината на Западен Балкан,  според него се, САД, Русија  и Турција. Макрон тврди дека во тој поглед, Германија има поактивна и стратешка замисла, отколку Французите.  „Би сакал да можеме да ги преразгледаме средствата и степенот на ефикасност околу тоа прашање“, рече Макрон, завршувајќи го пасажот за Западен Балкан.

Од искажаното на францускиот претседател произлегуваат неколку работи. Прво „географските прашања на Западниот Балкан“ и Европа. Второ силниот впечаток што му го оставила посетата на Србија. Трето да не се допушти делување на неевропските сили. И четврто зависта од тоа колку Германија е поефикасна.

Што подразбираат „географските прашања“? Според него, „да се замислиш над европските граници“. На Западен Балкан границите се утврдени, освен меѓу Косово и Србија, Босна и Србија, Хрватска и Србија. Најгорливо прашање е она што се случува меѓу Косово и Србија. На маргините на 74. заседание на  Генералното собрание на ОН, наводно Макрон му рекол на Ивица Дачиќ, во неформален разговор, да му пренесе на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека само чека да завршат изборите на Косово, па потоа активно ќе се вклучел во дијалогот меѓу Белград и Приштина.  А тој знае дека околу косовското прашање, како и во Македонија главни се Американците. Дали неговото вклучување ќе биде дел од стратегијата и Франција да се прикаже како играч на овој терен?  Дали најавеното доаѓање во Македонија и Албанија значи исто така дека тој сака да се покаже како нов, но и одлучувачки актер во нивното доближување кон Унијата? Дали вклучувањето во косовското прашање е последица на силниот впечаток што му го оставила посетата на Србија, каде што видел колку ги сакаат Французите?. Дали сето погоре кажано ќе значи дека сега Макрон, а не канцеларката на Германија Ангела Меркел ќе биде тој што ќе биде поактивен и поефикасен на Западниот Балкан?.

Со ветото во Брисел Макрон се покажа неконзистентен. Устата му е полна со Европа, па дури и Русија до Владивосток ја вградува во Европа, а од друга страна ја вбројува во неевропски земји, заедно со САД и Турција. Ако тој со својот став и со своите изјави ги затвора вратите на ЕУ за Македонија и Албанија, тогаш што да се зборува за Украина и Молдавија, каде што Европа е исто така активна. Па тогаш до каде се и до каде ќе одат границите на Европа?.Макрон знае дека големите играчи на Западен Балкан главно си ги имаат поделено работите. Погоре спомнавме дека САД се главни за Македонија, Албанија и Косово. Дека Русија е главна за Србија и Република Српска. А Турција е присутна насекаде во регионот каде што смета дека има простор за афирмирање на неоосманизмот. Степенот на влијанието се гледа според бројот на изградените џамии со нејзина помош, помошта во културата, како и според инвестициите во одделни земји. Така што за Макрон останува сосема малку простор, освен ако не почне да се заканува и да уценува.

Сето ова не значи дека „неевропските“ земји нема да прават обиди уште повеќе да влијаат врз Западен Балкан. Особено сега врз Албанија и Македонија. Една мала дигресија. САД го реализираа својот проект да ја оттргнат Русија од Македонија. Тие ветија дека ако го промени името Македонија ќе стане членка на НАТО. А тоа беше и желба на мнозинството македонски граѓани. Сега со сигурност може да се каже дека за Македонија ќе нема бриселско сценарио. Ќе нема некој Макрон да стави вето на влезот на Македонија во Алијансата. А тоа значи дека САД го исполнуваат ветеното. За разлика од ЕУ. Па затоа неевропските земји се повеќе присутни во регионот отколку Франција. Не дека и ЕУ не помага. Помага многу, но очигледно е дека таа е болна и и’ треба лечење. Дали она што го предлага Макрон е вистинскиот лек, ќе видиме во наредните месеци. Се разбира дека и очите на Москва и Анкара нема да бидат затворени за она што ќе се случува во регионот. Рускиот премиер Димитриј Медведев денес е во Белград.

Медиумите од Брисел вчера пренесоа дека францускиот претседател во првото обраќање пред јавноста, откако ги блокираше преговорите со Македонија и Албанија, порачал дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ, доведувајќи ја за прв пат, јавно, во прашање европската иднина и перспектива на земјите од западниот Балкан дадена во Солун во 2003 година. Во таков случај двете земји, па и цел западен Балкан, треба да си тргнат по свој пат. Некои веќе им предлагаат решенија. Македонското радио вчера пренесе предлог за „Норвешка на Балканот“, повикувајќи се на ставови на Гералд Кнаус, директор на Европската иницијатива за стабилност. Како што пренесе радиото:„Кнаус предлага вниманието да се посвети на заедничкиот балкански пазар и на реформирање на балканските земји. Македонија, Албанија, Босна, Србија, Црна Гора и Косово би добиле членство во „Економската зона на Југоисточна Европа“ која би имала однос кон Европската унија каков што сега има Норвешка – без членство, но со пристап до пазарот на Европа“. Значи нема членство во ЕУ, но би било клучно за економијата, за животната средина, за јавните набавки. „Ова е позитивно за Норвешка и ќе биде добро и за Балканот и ќе носи повеќе средства за најдобрите членки“, напишал Кнаус во низа коментари објавени на Твитер. Според него, ваквиот пристап би можел да ја добие поддршката на Франција и би ставил крај на отворањето на поглавјата за членство според сегашниот пристап.

Сигурно е дека вакви и слични сценарија ќе се јавуваат во наредниот период. А токму тие ќе и ги одврзат рацете на Македонија, после влезот во НАТО, сама да си ја гради својата иднина. На исток, на запад, на југ, на север, каде што ќе смета дека е најдобро за неа. А не да биде зависна од еден политичар кој „има“ проблеми со мигрантите, особено Албанци, кои биле втори на листата на баратели на азил во Франција. Неговиот однос кон Албанците загрижува. „Отварањето преговори со Северна Македонија, а не и со Албанија ќе беше многу лошо за регионот. Мислам дека тоа би било смртоносна политичка грешка. Ќе бевме сведоци на политички, економски и социјални немири не само во Албанија, туку и во сите земји во кои живеат Албанци. Ќе имаше последици врз Косово, врз соседите“, рече Макрон. Со слични изјави, не за Албанци, се среќаваме во Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, каде што сум ангажиран, и за медиумите кои ги пренесуваат носиме одлуки дека го нарушиле Кодексот на новинари. Зашто не може еден народ да се стереотипизира. Макрон го наруши непишаниот политички кодекс. Нема кој да го осуди.

Ова што се случи во Брисел за некого ќе личи повторување на Букурешт од 2008 година кога Македонија отпадна од „јатото“ за НАТО. Тогаш беше популарен изразот „Со јато во НАТО“. Демек трите земји, Хрватска, Албанија и Македонија да станат членки на Алијансата на Самитот на НАТО во Букурешт. Грција тогаш стави вето на нашиот прием. Не го есапеше претседателот Џорџ Буш и неговото залагање и најава дека и Македонија ќе стане членка на НАТО. Не е познато какво било тогаш однесувањето на Франција. Грците имаа храброст и на прагот на истекувањето на мандатот на Буш ставија вето. Проценија дека тој ќе нема време да преземе нешто во тој поглед против нив. Се чини сега и Макрон, кој знае дека Меркел е на заминување, сака да си отвори простор за доминација во ЕУ. Британците, најверојатно ќе заминат, па ќе нема некоја сила која би му ги скратила амбициите да биде европски лидер. Веројатно мечтае да биде нов Де Гол. Па затоа се однесува  - „еден против сите“. Зашто Меркел или нејзиниот зменик/чка, тешко дека ќе можат да му се наметнат. Се разбира дека се’ ова важи доколку Макрон добие уште еден мандат на изборите. 

Во сето ова што треба да прави Македонија? Ако политичарите сметаат дека треба избори нека ги стокмат. Но, со тоа само ќе се изгубат драгоцени месеци пред новата средба на врвот на ЕУ во Загреб. За кога е најавено ново разгледување на кандидатурите на Македонија и Албанија за почеток на преговорите и покрај макроновите навестувања дека и од Загреб не треба да се очекува многу во тој поглед. Во политката се вечни само интересите. Се друго е менливо и минливо. Па и Макрон. Политичарите треба да седнат, пред се’ од владеачката коалиција, која и покрај желбата и најавите „лако ќемо“ не успеа да го реализира ветеното. Да седнат и да ја проценат моментната ситуација и потезите што треба да се преземат. Да се утврдат приоритетите краткорочни, среднорочни и долгорочни. А не како во изминатите три години, под надворешен притисок тие да се измешаат, па да се дојде до сегашната ситуација. Ниту правда, ниту „шутка“, ниту преговори, а многу политичка и друга корупција...А пред се да го утврдат интересот на државата. И од него да почнат да ја градат стратегијата за и до Самитот на ЕУ во Загреб. А со оглед на тоа што Макрон ги препушти на неевропските сили, да разгледаат и  варијанти на соработка со нив.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД