09 Мај, 2024
0.0246

Македонскиот морално – политички БОН – ТОН!

Објавено во: Колумни 04 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Вистина наспроти лага, доблест наспроти дволичност, чесност ви за ви манипулативност, искреност ви за ви полтронство, праведност наспроти манипулација, едноставно моралност наспроти хипокризија.  Исконски вредности, кои треба и посакувано е да го красат секој човек се чесност, почит, доблест, вистинитост, искреност, и тие треба да бидат дел од вредносниот дискурс на секој граѓанин. Моралниот хабитус ни е оплеменет и изграден кога не само што ќе говориме за морални доблести и морални скрупули, туку и кога истите ќе ги практицираме во нашето секојдневие. Бидејќи чуму ни е моралот внатре, ако надвор го забораваме и оставаме. Моралот не подразбира пазарење Моралот не подразбира двојство, моралот не подразбира ценкање, пазарење и уценување, моралот не подразбира дволичност и озборување, моралот подразбира исклучивост, доследност и вистинитост. За моралот важи максимата:Вистината пред се и над се. Со моралот не може да се игра, да се преговара, да се договара, да се подзаборава и исклучиво во одредени ситуации да се воспева. Моралот го имаш или го немаш, трето не постои. Моралните вистини се едни и единствени и со нив не можеш да тргуваш, тие не се за продавање и разменување-како добрата и стоките на пазар, не се за уценување и добивање бенефити, не никако, тие се исклучиво за почитување и практицирање-секогаш, секаде, во секое време и на секое место. Затоа и личностите кои се морално изградени ја говорат само вистината, доблесни се, чесни и почитувани, луѓе со респект-како народски се вели. А оние другите, моралните двојници, тие се морални олоши, иако прегрубо звучи овој назив, и во социјалната морална патологија за ними истиот стои. Дали политиката оди рака под рака со моралот? БОН-ТОН или убавото однесување, од естетика и есенција, се однесува на секој поединец кој во својот вредносен дискурс ги вткајува оние вредности кои се срж на моралноста и кои го обликуваат човековото битисување и го втемелуваат она најдоброто, посакуваното и правилното. Да се однесуваш во склад со БОН-ТОН подразбира во секоја ситуација и при секоја активност, без исклучивост, да се однесуваш според правилата и вредностите кои него го чинат. Добрина, чесност, правичност, доблесност, мудрост, е тоа се дел од вредностите кои се суштествени за него. БОН-ТОН  е присутен во човековото секојдневие, во сите сфери на човековото однесување, го има во уметноста, во културата, образованието и во секој сегмент на општеството. Но едно од клучните прашања, кое често научниците и духовниците си го поставуваат е дали политиката оди рака под рака со моралот, вредностите и БОН-ТОН-от? Онаму каде политиката ја отвора вратата, моралот ја затвора Еден од најпознатите, признати и познати умови од областа на етиката, Живкович, често пишува за политиката и моралот, и читајќи ги неговите врвни писанија, често преовладува една сентенца - Онаму каде политиката ја отвора вратата, моралот ја затвора. Полемики често постојат и оние душегрижници кои се дел од политичката елита и го критикуваат, потенцирајќи дека сите политичари не се исти, сите кои се во политиката не ги кршат вредностите и моралот и сета политичка елита не е морално неписмена.  Се согласувам до одредена мера со забелешките, посебно од аспект на моралното легитимирање на секој чинител на политичката елита, но од друга страна, и се сомневам во потполноста на тие забелешки. Зошто-едноставно и лесно, бидејќи праксата илјада пати покажала и докажала за морална некредибилност на одредени политичари. Деновиве сме сведоци на одредена морална компресија и хипокризија. Секој обичен добронамерник би се фрапирал од речникот на одредени носители на високи политички функции, речник кој, простете ми на изразот, е речник на кочијаш, на човек кој нема морален кредибилитет и изграден осет и вкус за политички коректен вокабулар. Секој доброчинител би бил згрозен од моралната двојба на луѓе од политичката елита, посебно од дискрепанцата на нивниот говор и однесувањето во праксата. Навистина е запрепастуваки речникот и зборовите изустени од образовани и европски ориентирани политичари, кој вулгарностите ги изговараат со посебен наплив на задоволство. Страшно и срамно, а уште полошо е одобрувањето на таквото говорење од страна на политички врхушки. Во тие мигови ти доаѓа да воскликнеш и гласно извикнеш-па добро бре луѓе малолетници слушаат, свесни ли сте што говорите, какви модели за идентификација и имитација на младите ќе бидете?   И во тие мигови   си го поставувате прашањето- Дали одредени членови на политичката елита го допреа моралното дно? П.С.1 Совеста, свеста, чувствата и вољата се елементи на моралот, внатрешни обврзници и за да имаш морален кредибилитет треба истите и да ги поседуваш, бидејќи внатрешниот морален судија нема да остане нем сведок на моралното разнебитување ако постојано ги негираш истите.... П.С.2 Шу прајш, шу да прам, шу ќе прајш…..Една од најцитираните реплики овие денови на социјалните мрежи, сентенца која од една страна предизвикува низа насмевки и извици на восклик, смеење до солзи, и континуирано повторување, а од друга страна, предизвикува нервоза и критички коментари. Но едно е сигурно, забележана е невидена популарност и изговорливост на оваа антологиска реченица и секако местото и е загарантирано во историските архиви. За арно ли, за лошо ли, не е битно, битно е да се споменува.... Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина