26 Април, 2024
0.0270

Maкедонската храна на светскиот пазар

Објавено во: Агробизнис, Колумни 08 Февруари, 2020

Добивај вести на Viber

 Извозот на храна е од особена важност за македонското земјоделство и за вкупниот извоз на земјата, чиј дебаланс извоз-увоз има сериозно влијание врз развојот на економијата.

Македонија е релативно голем производител на храна, бидејќи е во просек по жител  во производство на храна во Европа.

Благодарение на природните услови, што ги има  Македонија, како што е рељефот, влијание на три климатски зони  и особено  влијанието на медитеранската клима, македонските земјоделски производи и храна се карактеризираат со висока содржина на хранливи елементи, арома, вкус и тоа на широк асортиман на храна и земјоделска суровина.

Поради неконзистентна аграрна политика на државата, ниско ниво на инвестирање во агрокомплексот, хронично заостанување во неискористување на ИПАРД програмите и националните финансиски средства  за рурален развој поради што не се достигна пософистицирано ниво во производство за извоз, затоа нашата храна на Светскиот пазар се предлага со пониско ниво на финализација што ја прави послабо конкурентна, бидејќи нашата извезена храна остварува пониска цена  од увезената храна во РМ за 349 уса долари по тон (просек од 3 год.)

Во структурата на извезената храна (по вредност) доминира учеството на овошје, зеленчук и преработено овошје и зеленчук со близу 55%. На второ место е учеството на житата и преработки на жита со 21,1%. Според стандардната меѓународна трговска класификација, во храна спаѓаат уште осум групи производи со учество во вредноста на извозот од 0,2% до 7,3%, а тоа се: живи животни, месо и преработки, млечни произоди и јајца, риба, шеќер, кафе, чај и зачини, добиточна храна и разни производи.

Вредноста на извезената храна на светскиот пазар има постојан раст. Денес (2018) вредноста изнесува 377милиони долари, а пред десетина години изнесуваше 280 милиони долари.

Извезената храна учествува со 60% во вкупниот извоз на земјоделството, додека во вкупниот извоз на Македонија учествува во последните години околу 6%, а пред десетина години со 8,3%, бидејќи вредноста на вкупниот извоз на РМ растеше побрзо.

Македонските извозници на храна ги освоиле сите континенти. Покрај Европската Унија, во која се извезуваат 43,8% од македонската храна, во Западен Балкан се извезува над 158 милиони долари или 42,0%. Во релативно најразвиените Европски земји (Шведска и Норвешка)  кои не се членки на ЕУ, извозот изнесува близу 40 милиони долари.  Сепак најголеми извозни вредности македонската храна остварила кај соседните држави (после ЕУ) и тоа во Србија со учество во вкупната вредност од 14,4%, потоа во Косово со 12,4%, во БиХ со 7,4%.  Високо учество извозот на храна остварил и во Хрватска, Италија, Бугарија и Грција. На ниво на континентите односно некои асоцијации како што е Заедница на независни држави, Северна Америка, Азиско пацифистички регион и Медитеранската унија, највисока вредност е остварена во заедницата на независни држави со близу 30  милиони долари. Покрај овие асоцијации извозот од 2018 година се вршел во 57 земји во светот. Од земјите на ЕУ највисоки извозни вредности се остваруваат од Хрватска, потоа од Италија, Бугарија, Романија, Германија итн.

На Светскиот пазар се тргува со стоки , услуги и исхрана од агрокоплексот, кои се високо супсидирани (поддржани) од одделни земји. Тоа ги искривува светските цени, особено кога супсидите се остваруваат преку пораст на внатрешните откупни цени. Дурга причина за деформација на Светскиот пазар со храна се високо софистицираните технологии што доведе во создавање  на големи залихи на разни видови на прехрамбени производи. 

Протекциите во земјоделството и постојаното обединување на неразвиените земји се причина за ограничувањето на увоз што се одразува негативно на стабилноста на пазарот. Покрај тоа и многу други политички и економски фактори доведоа до заострување на спротивностите помеѓу извозниците. Условите за зачувување на постојните и освојување на нови пазари ја заострува конкуренцијата и ја отежнува реализацијата на земјоделските производи и особено храната.

Аграрната политика на големите економски системи и асоцијации стана насочувач на производството на храна. Така денес скоро цела Европа има заедничка аграрна политика (САР), а кон неа се ориентирани сите останати Европски земји кои се надеваат на членството во ЕУ.  Слична аграрна политика со висок протекционизам во произвоството на храна се разви и во САД, Јапонија, Австралија. Тоа секако е резултат на развиените други стопански области, кои алиментираат големи средства за поддршка на производството на храна. Таквата финансиска поддршка доведе до развој на високо интентизивна технологија во земјоделството и прехрамбената индустрија. Од кога се направија сериозни штети по животната средина, развиените земји започнаа поддршка со исти или повисоки суми на средства, но сега се трошат средствата за други цели. Се докажа дека аграрната политика мора да го поддржува одржливиот развој, кој има за цел да ја заштитува животната средина, и природните ресурси за идните генерации, а да произведува здравствено безбедна храна. 

Проф.Д-р. Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади