24 Април, 2024
0.0718

МАКЕДОНЦИТЕ ПОДИГААТ НАСАДИ СО ОРЕВ: Колку садници се продаваат во сезона?

Објавено во: Агробизнис 13 Февруари, 2023

Добивај вести на Viber

Македонските граѓани се фокусираат на засадување на насади со орев. Солиден интерес има и за бадемот и лешникот.

Скоро една деценија овие агробизниси се во подем. Од Опитно Поле ФЗНХ Дооел Скопје објаснуваат дека во текот на една сезона продаваат голем број садници од орев.

„Во последните десетина години во нашата земја се зголемува интересот за подигање на насади под јаткасти плодови (орев, лешник, бадем и слично). Економично е да се посади орев од сората Чендлер ( потекнува од Калифорнија ). Инаку, садниот материјал кој  го продаваме е увезен од Турција. За успешно производство е најдобро да се има здрав саден материјал и садникот да одговара на сората (да поседува сортна чистота). Наназад повеќе години сме присутни во Турција, за време на целата вегетација за да можеме да ги воочиме сите важни работи. Ние во  текот на една садна сезона продаваме повеќе од 20.000 садници, односно има повеќе насади кои се над 10 хектари површина“, додаваат од Опитно Поле ФЗНХ Дооел Скопје.

Најдобар период за почнување на активности во овоштарство е летото. Најважна активност е подготовката на почвата.  Сите кои сакаат да почнат со одгледување на орев, пред почетокот на садната сезона, најдоцна до крајот на август треба да си обезбедат садници. Овоштарите за да имаат добар род, освен квалитетен саден материјал, потребни им се плодна почва, наводнување, ѓубрење и заштита од штетници.

Лидија Бурназова, раководител на Опитно Поле вели дека луѓе од различна возраст и од различни краеви на Македонија подигаат насади со орев. Објаснува дека сортата Чендлер успева на надморска височина до 900 метри, а над 900 метри, погодно е да се одгледува сортата Лара. Таа вели дека и младите се доста посветени во работата и ги следат советите кои ги добиваат од неа. Бурназова раскажува дека многу е важна резидбата на оревот, таа треба правилно да се изведе, а за садниците, по 4 години  може да се берат плодови, додека после 6 или 7 години имаат полн род. Во овоштарникот, од една до друга садница мора да има растојание од 5 до 7 метри. Во овој агробизнис се впуштаат и луѓе кои претходно не работеле земјоделска работа. 

„Го сакаат овој тип на овошје, затоа што јаткастите плодови имаат добра цена, можат да ги продадат кога сакаат, а исто е важно дека тие можат да стојат, за разлика од другите овошја. После собирањето не мораат веднаш да ги продаваат. Оваа сорта е многу квалитетна, затоа што кога ќе го скршите оревот, јатката останува цела. Постарите луѓе кои садат орев, го прават тоа за да им го остават насадот на идните генерации“, рече Бурназова.

Статистиките покажуваат дека во 2021 година во земјава се произведени 4.667 тони ореви.

Во Македонија во 2016 година имало 458.437 стебла ореви, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Тоа се 1.763 хектари под орев. Ако се спореди со претходните податоци од 2013 година, има пораст на површините и секако на бројот на стебла.

Сања Атанасовска

фото опитно поле

Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари