27 Април, 2024
0.0255

Леб со девет кори – доаѓаат ли тешки години за македонските земјоделци?

Објавено во: Агробизнис 23 Април, 2018

Добивај вести на Viber

Тешки години доаѓаат за македонските земјоделци, а површините засадени со земјоделски култури ќе се намалуваат.

Вакви „црни“ прогнози имаат земјоделците од Струмичко. Објаснуваат дека секоја наредна година цените на производите се сè пониски, а репроматеријалите се скапи, со што нивната работа станува неисплатлива.  Сметаат дека е можно за неколку години оваа гранка да доживее колапс во Македонија.

Драстично се намалени површините иако струмичкиот крај важи за земјоделски. Тоа е резултат на ниски цени, скапи репроматеријали, даноци. Ретки се младите земјоделци, повеќето се над  50 години. Во 100 луѓе се наоѓа еден млад земјоделец. Доматот и краставицата  оваа година помалку се засадени, а некои луѓе кои се оптимисти се одлучија да садат зелка. Кај мене нема промена на површините, јас садам 2 декари домати и пиперки. Луѓето си бараат работа во други сектори, не сакаат да се занимаваат со земјоделство“ – вели Ристо Велков, претседател на Сојуз на синдикат на земјоделци.

Данаил Паланков, земјоделец од истиот крај потврдува дека состојбата во аграрот е лоша.

„Што се однесува до градинарството и земјоделството во Македонија воопшто, состојбата станува крајно сериозна и алармантна.  Земјоделците го трчаат својот последен круг со надеж дека нешто ќе се смени, во врска со земјоделството, тоест со продажбата на земјоделски производи. Меѓутоа оваа година сме сведоци на катастрофални состојби. Зимската зелка ја жртвуваа без некој да реагира за пласманот, оставија стихијно како и претходните години, ги пуштија низ вода, а сега со пролетната зелка е иста состојбата“- раскажува Паланков, земјоделец од село Муртино.

Вели дека надлежните не реагирале навремено, иако производителите барале предвремена стратегија, а сè останало на анализа. За цените на зелката додава дека се многу ниски.

„Зелката ја откупија по цена од 10 денари, а имаше обиди за симнување на цената на 8 денари. Но, ете денес сме  сведоци дека зелката стигна во магацините и прв ден денеска веќе им недостасува за полнење на камионите, и најверојатно ќе оди по 12 денари, но за тоа ќе видиме затоа што производителите не се многу по качување на цените. Во секој случај оваа цена е под производствената“ – рече Паланков.

Тој вели дека луѓето се во грч, не знаат како ќе преживеат, посебно оние кои веќе се задолжени со кредити.  За себе вели дека имал 22 декари површини, а сега има 12 декари, и од 300 тони сега се свел  100 тони производство годишно. Паланков додава дека на есен ќе ги намали површините, а за луѓето од неговото село вели дека бараат работа во градот или надвор од државата затоа што од  земјоделство едвај се егзистира. 

Сања Атанасовска

Можеби ќе ве интересира

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ВО МАКЕДОНСКИТЕ ПЧЕЛАРНИЦИ СÈ ПОЧЕСТО ИМА ДРВЦА ПАУЛОВНИЈА: Кој е бенефитот од нив?

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади