16 Октомври, 2021
0.0243

Квалитет има, количини има, но за ајварката ќе плаќаме поскапо

Објавено во: Агробизнис 30 Август, 2021

Оваа година има доволни количини на пиперки за ајвар, квалитетот е добар, но цената ќе биде повисока.

Земјоделците од струмичко се задоволни од текот на продажбата. Очекуваат дека за неколку дена луѓето ќе се растрчаат по пазарите за да набават пиперки за подготовка на зимници.

„Штом ќе почне учебната година, по 1 септември, секое домаќинство подготвува ајвар. Цената е добра, задоволни сме. Јас имам 24 пластеници, и 3 декари на отворено, односно 6 декари вкупно засадени со ајварка“, вели Бончо Божиков, земјоделец од селото Дабиле.

Најголем дел од македонското производство ќе заврши на странските пазари, во земјите од поранешна Југославија, а дел во Романија и Бугарија. Ајварката се бара за во индустријата. Неа веќе ја има на пазарите во земјава, но најголема побарувачка ќе има кон средината на септември.

„Ајварката се продава цел август, но пикот ќе биде околу 15 септември. За откуп на големо цената е 25 до 30 денари, а на пазарите цената ќе изнесува над 40 денари. Цената мора да биде повисока од претходните години, затоа што на истите површини поради климатските промени имаме послаб род. Сепак, ајварката е поисплатлива од доматот и краставиците, затоа што се бара секоја година, има пласман и стабилна цена. Многу земјоделци во фолиите садат пролетни култури, а потоа истите ги користат за ајварка“, рече Борче Јанев од претседател на Здружението на земјоделци Проагро фармери од Струмица.

Јанев објаснува дека и покрај исплатливоста на овој вид на пиперки, македонските земјоделци сепак не можат да се пофалат дека финансиската состојба им е подобрена, затоа што другите култури не секогаш имаат добра цена и сигурен пласман. Дополнително, вели дека возрасната граница кај земјоделците е околу 55 години, а поради иселувањето на младите, за 10 години Македонија ќе има драстично помало земјоделско производство. Оние кои ќе останат да се занимаваат со оваа дејност, ќе садат помалку површини, толку колку што ќе можат да обработуваат, затоа што и работници тешко се наоѓаат.

Сања Атанасовска