27 Април, 2024
0.0288

Кремљ ги лади вжештените глави на Кавказот

Објавено во: Колумни 20 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Кавказот е како Балканот. Планини и долини. А тие си имаат свои држави.  Колку планини и долини, толку држави. И колку има држави, има и толку конфликти меѓу нив. Најчесто воени. Некои замрзнати, некои со корени длабоко во минатото, но не избришани од колективната меморија на народите,  но и потенцијални.

Доволно е да се споменат државите на Кавказот или републиките во состав на Руската Федерација. Современите конфликти настанаа по распадот на Светскиот Сојуз, кога Борис Елцин им рече на некогашните федерални единки од СССР „земајте суверенитет колку што ви треба“. Го послушаа, си зедоа суверенитет, но и сите темпирани бомби со него, а кои не можеа да експлодираат во времето на социјализмот. Една од бомбите беше  судирот меѓу Азербејџан и Ерменија, кога автономната област Нагорно Карабах, и таа земајќи си суверенитет, објави дека излегува од составот на Азербејџанската ССР. Есента 1991 годинана во главниот град на Нагорно Карабах беше објавено основањето на Нагорно Карабахската Република. По ова дојде до воен судир во кој Ерменија застана во одбрана на Ерменците од автономната покраина, а Азербејџан ја загуби контролата врз Нагорно Карабах. Од 1992 година под капата на ОБСЕ се водат мировни преговори, но без резултат. Ерменија ги заштитува Ерменците, а Азербејџан својот територијален интегритет. Двете земји формално се наоѓаат во состојба на војна.

Пред една недела имаше вооружен конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан, кој во моментов е прекинат, но тлее со спорадични престрелки. Конфликтот се случи не на границата на Нагорно Карабах со Азербејџан, туку на северната граница, меѓународно призната, меѓу Ерменија и Азербејџан. Некој решил да си ги испроба мускулите,  па се случи тродневен артилериски дуел со десетици загинати. Меѓу кои и еден азербејџански генерал. Беа користени топови, тенкови, беспилотни летала...

Ова не е прв судир. Се случуваат на неколку години. Во изјавите за него ставовите се сосема спротивни. Ерменците тврдат дека азербејџански воен џип УАЗ се доближил до ерменските позиции, по што бил отворен оган против него, а азербејџанските војници побегнале оставајќи го џипот. Наводно, по ова,  азербејџанските сили отвориле артилериски оган, а ерменските морале да одговорат. Азрбејџанците не спомнуваат џип, но тврдат дека Ерменците отвориле артилериски оган по нивните позиции, на што морало да се одговори.

Како се случи да дојде до конфликтот кога во последниве две години немаше воени судири? Згора на тоа претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан имаа меѓусебна средба, па се договорија да нема воени судири. Очигледно договорот е нарушен.

Експерти од двете земји различно ги толкуваат причините за судирот. Се’ се сведува на внатрешни проблеми во едната и другата. Па така Иљгар Велизаде, политолог од Баку, тврди дека ескалацијата е обусловена од внатрешната политичка криза во Ерменија. Во прв ред конфликтот на Пашинјан со опозицијата, неисполнувањето на изборните ветувања, а исто така и кризата во државата предизвикана од коронавирусот. Освен тоа, според него, со доаѓањето на новата власт во Ерменија односите меѓу Москва и Ереван се нарушени. Зашто на сите им е јасно кој го довел Пашинјан на власт(се мисли на САД), кои сили стоеле зад него. Па сега најверојатно тој сака со еден куршум да убие два зајака. Да остане на власт и конечно да ги раскине односите со Москва, како што е барано од него од самиот почеток. Во поткрепа на ова Велизаде вели дека Ереван ги игнорира и повиците на Москва да сопре со воените дејства.

Од друга страна Александар Искандарјан од Институтот за Кавказ од Ереван вели дека ноќните напади од азербејџанската армија биле предизвикани од неуспесите кои таа ги претрпела во првиот дел од воениот конфликт, во нападите од 12 и 13 јули. Затоа што на Азербејџан му се потребни победи за внатрешна употреба во земјата. Тоа го потврдуваат и демонстрациите во деновите на конфликтот во Баку. Кога илјадници демонстранти повикуваа на војна со Ерменија и за општа мобилизација.  За последиците од неуспехот на Азербејџан, Искандарјан вели дека ситуацијата во таа земја е доволно напрегната уште пред пограничниот конфликт. Во Азербејџан има реваншистички настроен потенцијал, и посебно, тој се јавува во исламски форми. Други коментатори велат дека Алиев е под притисок од „генерали“ и одделни влијателни групи во Азербејџан за некаков воен одговор на Ерменија. За брзи и силни воени дејства на карабахскиот фронт со оглед на внатрешната ситуација во Ерменија. И „влошените“ односи меѓу Ереван и Москва. Големите патриотски митинзи во Баку, посебно, на кои учесниците бараат објавување мобилизација, не се организирани од власта. Не се нејзин пропаганден чекор. Тие се резултат на долгогодишното формирање на ликот на непријателот  и антиерменските настроенија и милитаризацијата на земјата.

Како и на Балканот и на Кавказот за создавањето на ликот на непријателот се потребни години. А некогаш тоа е вткаено во потсвеста на поединци. До каде се стигнати работите меѓу Азербејџанците и Ерменците покажува фактот дека во Лондон дошло до меѓусебен судир на двете групи. Морала да интервенира и полицијата. Во Москва и во Санкт Петербург на „азербејџанските“ пазари не било дозволено прием и продавање на ерменски кајсии и праски. Стотици камиони чекале за истовар. По реакција на властите тоа било дозволено. Закрвеноста е длабока.

Можеби е шеговито, но некои коментатори сметаат дека конфликтот и да бил случаен, е од полза за двете земји. Зашто и двете страдаат од последиците од коронавирусот и бараат нешто за да го одвлечат вниманието на јавноста од нив. А  префрлањето на вниманието од лошата економија и здравствените проблеми врз безбедноста е од полза за нив. Европа се јави со порака двете земји наместо да водат борба една со друга, да водат борба со коронавирусот.  И римскиот Папа Франциск ги повика Баку и Ереван да поведат дијалог за постигнување на „долготрајно мирно решение“. Со поддршка од меѓународната заедница.

Свој влог во настаните даде Турција. Таа застана во целост зад Баку. И претседателот Реџеп Таип Ердоган и министерот  за одбрана Хулуси Ахар. Како што пренесоа некои медиуми, тој изјавил: „Ние ќе бидеме заедно со армијата на Азербејџан, ќе ги поддржуваме нашите браќа во согласност со принципот „една нација, две држави“.

Сето ова тие го прават и го искажуваат знаејќи дека Ерменија е членка на ОДКБ(Организацијата на договорот за колективна безбедност). Мала алијанса на другата страна од Европа. Во неа, покрај Русија,  членуваат Белорусија, Казахстан, Таџикистан и Киргистан. Во еден член од договорот стои дека членките ќе и дадат воена помош на некоја од нив доколку е нападната од надвор. Ерменија побара вонредна седница на ОДКБ, но таа, по најавата, беше одложена. Веројатно Москва успеа во меѓувреме да ги среди работите. Со дипломатски чекори дојде до прекин на воените дејства. Веројатно на Азербејџан му беше пратена порака за споменатиот член од Договорот за колективна безбедност. Одлуката да не се одржи вонредна седница на ОДКБ во некои кругови во Ереван, пак, беше прокоментирана дека Ерменија треба да размисли за членство во таква организација.

После повиците за мобилизација во Баку, според азербејџански извори, 38 илјади државјани на Азербејџан дале изјави дека сакаат доброволно да стапат во вооружените сили на државата. Дури и Азербејџанци што живеат во Русија пројавиле иста желба. Секако ова може да се смета и како државна пропаганда, Но, како што пренесе ТАСС, повикувајќи се на курдски извори, Турција подготвува префрлање во Азербејџан востаници-припадници на сириската опозиција. Е ова веќе нема да биде шега. Дотолку повеќе што Турција веќе ја обвинуваат за префрлање на такви трупи во Либија.

Сето ова доведе до загриженост во Русија од развојот на настаните. Реагираше министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Имаше разговори со својот азербејџански колега Закир Аскер огли Хасанов. Во Русија во тек беше ненадејна проверка на борбената готовност на Јужниот и Западниот воен округ Таа се совпадна со конфликтот меѓу Азербајџан и Ерменија. Шојгу го уверувал својот колега дека проверката е однапред планирана. Но нема да е чудо и да е намерно направена во тие денови. Да се покаже дека мора да има мир во регионот и меѓу двете држави. Освен тоа во Русија е предвидено одржување на воени маневри „Кавказ 2020“ кои ќе се одржат од западниот дел на Русија, па се до Сибир. До септември постојано некаде ќе се вежба. А маневрите, покрај тоа што се користат за вежбање, служат и за покажување на воената подготвеност. А ако се има предвид Грузија 2008, тогаш тие се од полза и за ненадејни ситуации. Грузинскиот претседател Михаил Саакашвили тогаш се обиде по воен пат да враќа одвоени територии. Руските војски кои имаа маневри во близина, веднаш се вклучија во заштита на своите мировници во Јужна Осетија и за малку, да не сопреа, ќе влезеа во Тбилиси, главниот град на Грузија. Можеби маневрите се и знак дека Русите очекуваат некакви ненајавени ситуации во регионот!

Па затоа на Русија многу и е важно да ја има под контрола ситуацијата во регионот на Јужен Кавказ. Владимир Путин одржа седница на Советот за безбедност. Па повика на примирје, а Русија се понуди за посредник. И министерот Сергеј Лавров ги повика двете земји да си ги исполнат преземените обврски. Ерменија покрај што е членка на ОДКБ е членка и ва Евроазискиот Сојуз. Азербејџан, пак, историски е поврзан со Русија, иако последниве години се повеќе кокетира со Турција.

Кај Русите сомневање предизвикува политиката на Турција на Кавказот. Таа ги помага Азербејџан и Грузија. Таквата нејзина политика е насочена кон промена на статус квото во регионот, смета Андреј Арешев експерт за Јужен Кавказ. „Турција има голем желба да го смени status quo, но засега Русија останува на Јужен Кавказ и ја продолжува политичката и воено-техничката соработка со Ерменија и води дијалог со Азербејџан,за да има стабилност во регионот. Но ние гледаме како дејствува Турција во Сирија и Либија. Таа со помош на авантуристичка политика сака да ги добие лостовите на влијание“, вели Арешев.

Според политологот Владимир Брутер, новата фаза на азербејџанско-ерменски конфликт е предизвик за Русија. Бидејќи Москва останува гарант на деескалацијата во регионот. „Доколку судирите продолжат постои голема веројатност од мешање во конфликтот на Турција и САД. А ако тие дојдат, тогаш нема да заминат. Повеќе од тоа, ако Американците им дадат гаранции на едната или на двете земји, тогаш тоа ќе ги ослаби позициите на Русија, нагласува Брутер.

По сето ова јасно е дека Русија ќе мора, како и досега, со превентивна или „подземна“ дипломатија да ги лади вжештените глави на Кавказот. Во спротивно и неа може да и стане жешко.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД