КРЕДИТ ПОГОЛЕМ ОД 2 МИЛИОНИ ЕВРА: Јавно претпријатие загубата „ја покри“ со задолжување кај деловна банка
Објавено во: Економија 03 Март, 2025 07:50
Јавното претпријатие „Национални шуми“ се задолжило кај домашна деловна банка со кредит од 130 милиони денари во последните денови од минатата година, за да може да го продолжи своето тековно работење.
Ова е забележано во кварталниот извештај на „Национални шуми“ за работењето во последните три месеци од 2024, каде пишува дека од Комерцијална банка им е одобрен кредит од околу 2,13 милиони евра.
Јавното претпријатие остварило помали приходи во овој период споредбено со последниот квартал од 2023, а загубата изнесувала околу 1,2 милиони евра. Приходите се намалиле за 12 отсто, односно за 47 милиони денари.
Договорот за кредит бил склучен на 16 декември 2024, со грејс период од четири месеци на 56 месечни рати во следните пет години. Референтната каматана стапка е 3,9 отсто зголемена за каматна маржа од 1,7 процентни поени.
Во извештајот на претпријатието пишува дека економскиот резултат од продажбата на огревно и техничко дрво е споредбен и не е толку важен колку што е првенствената функција да се зачуваат шумите, па од таму се оправдува и работењето со загуба.
Владата пред два месеци на седница ја разгледуваше можноста јавното претпријатие „Национални шуми“ да се задолжи со кредит кај домашна деловна банка за да ја подобри ликвидноста во своето работење. Ова е запишано во записникот од седницата, но не се споменуваше за колкава сума на заем станува збор. За таа цел било решено да биде одобрена и државна гаранција.
Претходно најголемото задолжување било на крајот во 2019, кога „Национални шуми“ за два кредити кон НЛБ банка должел 104 милиони денари, а тоа било 1,71 милиони евра вкупен заем во еден момент. Во тој период друштвото се уште работеше позитивно на годишно ниво.
Покрај „Национални шуми“, со кредити од комерцијални банки се задолжуваa и АД Пошта и АД ЕСМ. Некои јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост се задолжуваат со позајмици на други места, а некогаш вонредно добиваат и директна неповратна помош од буџетот.
Инаку на крај на август минатата година, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од државниот буџет во еден ден му префрли 250 милиони денари (околу 4 милиони евра) на „Национални шуми“ за да може да додели плати за вработените и да продолжи да работи. Тогаш министерството префрли и 100 милиони денари за АД Водостопанство, иако овие претпријатија треба да се самофинансираат.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото
ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји
Азески во работна посета со раководството на Филип Морис во Скопје
„ЛЕГЕНДАРНИОТ 'ШПАНЕЦ' СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА - СЕГА Е МОДЕРНИЗИРАН СО НОВ ДИЗАЈН“: Коруновски објави видео од тест возењето на легендарниот воз
(ВИДЕО) СЕ ВРАЌА НА ШИНИТЕ: МЖ Транспорт го претстави целосно обновениот „Шпанец“
Која е најнапредната економија во светот за 2025 година?




