Комисија од Јавното обвинителство будно ќе следи дали има неправилности
Објавено во: Македонија 30 Септември, 2018
Јавното обвинителство будно ќе го следи референдумското гласање.
Привремена комисија формирана од Јавното обвинителство на РМ ќе ги следи можните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.
Во Комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.
„Дадени се задолженија на денот на гласањето покрај редовните да има и дополнителни дежурства, со цел навремено делување ако има евентуални кривични дела“- изјави за медиумите јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, додавајќи дека со тоа се покрива целата територија на државата
Тој посочи дека е воспоставена комуникација со сите обвинителства и со припадниците на МВР, кои ќе бидат на терен и ако има некое кривично дело да ги известат за да можат да делуваат навремено да собираат докази.
Јавното обвинителство на Република Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организизирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса: referendum@jorm.gov.mk.
Целта на ЈОРМ е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.