27 Април, 2024
0.0265

КОЛУМНА ЗА ПОЛИТИЧАРИ

Објавено во: Колумни 08 Март, 2024

Добивај вести на Viber

Треба да преовладуваат три сценарија или проекции за македонската економија во оваа и наредната година.

Првото, би го нарекол оптимално сценарио и истото се темели на поголема внимателност при давање на оценките за домашната економија. Имено, таа треба да се движи во рамките на проекциите дадени во извештаите на ММФ и Светска банка, каде се проектира раст на македонскиот БДП од нешто повеќе од 2 отсто.

Второто сценарио, треба да биде оптимистичко и истото да проектира раст на македонската економија во согласност со проекциите на домашните релевантни институции над 2 отсто.  

Третото и последно сценарио го нарекувам песимистичко и најмалку го сакам неговото елаборирање. Но, доколку се остварат ваквите претпоставки за него, може да очекуваме побавно закрепнување на македонската економија, со особен осврт на послабиот економски раст кој би се движел околу 1 отсто, ако се имаат во предвид состојбите во Германија и малиот раст, да не речеам рецесија на економијата за 2024.  

Растот на економијата, без разлика на трите сценарија погоре, се очекува да биде подложен на неколку клучни работи. Имено, клучна работа на која е подложен домашниот раст е германската економија. Таа, иако се оценува со карактеристики на побавно закрепнување на услужните дејности, сепак, за нас најважно, германската економија има забавено темпо на раст во индустријата, посебно автомобилската индустрија, при намалени извозни нарачки од источните пазари. Ова, за македонските компании во зоните, кои се поддршка на германската автомобилска индустрија ќе значи намален раст во производствените капацитети, а со тоа и помал раст во извозот на државата за 2024 и 2025 година. На крајот, тоа ќе има намален импакт во компонентите на БДП.

Дополнително на тоа, давам уште еден фактор во функција на растот на БДП, кој, за жал не го користиме, а тоа е зајакнувањето на надворешната позиција на македонската економија. За таа цел, ние не можеме да направиме засилување на врската со дијаспората, како што беа моите очекувања дека после пандемијата би можело да се очекува силен придонес да имаат приватните трансфери од странство. Имено, бев на мисла, во пост-пандемискиот период дека брзо ќе се вратиме на добрите денови кога приватните трансфери од странство изнесуваа близу 2 милијарди евра или над 20 отсто од БДП. Значи, некаде грешиме. Каде?

Успехот на силни стапки на приватните трансфери од странство за државите матици се состои во тајната на негување на силната врска со дијаспората. Еве избори се, очекувам силна стратешка определба кај политичките партии во оваа насока. Имено, ако размислувам да дадам пример за една таква силна врска, нема подобар од врската на Евреите и државата Израел. Тие ја негуваат една од најсилните врски со дијаспората. Повторувам, нивната врска со дијаспората е основата на многу успеси на државата. Таа конекција со матицата земја, тоа чувство на патриотизам, современ - да се вложи во државата матица, да се биде секогаш тука кога е тешко, да се враќаат парите од надвор, па макар биле и нелегално стекнати, а ги легализирале недвор во т.н. „држави со даночен рај“, сепак, тие мора да бидат во оптек во матицата земја... А ние, ние сме се од ова спротивното. Имено, сите сме тажни, несреќни и си велиме: „ни оди малдината, ни одат умовите...“ Да. Така е. Тоа не може да го спречиме. Тоа е регионален процес, за жал (па и во земји кои се млади членки на ЕУ - Храватска, Бугарија и Романија). Но, тука дома како поединци може да го промениме и тоа драстично нашиот пристап во односот кон дијаспората. Ние резидентите, а не тие од дијаспората, мора да покажуваме многу повеќе почит... Треба, да покажеме дека ни значат и дека ни требаат, тука. Поточно, потребно е да покажеме дека немаме проблем со нивните карактерни карактеристики и особесности на т.н. традиционален патриотизам (кој претставува нивна емотовна потреба за придобивање и канализација на нова енергија во борбата за успех, таму во туѓина). Легитимен е тој нивен традиционален пристап во емоциите. За таа цел, треба да се пронајдат форми на соработка, или да се направи т.н. Секретаријат за дијаспора (Читај: трет пат го пишувам ова, а разузнавачите служби треба да го поттикнат проектот. Така се гради силна Држава) каде ќе го води човек со многу високо ниво на ЕИ (емоционална интелегенција), љубов и убедителна моќ.

Заклучок: нам, во македонската држава ни требаат многу повеќе работниците кои ќе ја изразуваат личната иницијатива како поединци и подоцна за остварување на целите ќе се групираат, во состојба на алтуризам (читај: спротивна состојба од егоизам) како групи со синергија, а потоа како групи поради сигурност и заштита на корпорациите, со капиталот кој самите ќе го создаваат ќе ја унапредат вештината – продажба (sales). Со таа техника ќе се создадат „современти воини“ на македонската економија кои ќе војуваат на теренот за раст на БДП преку механизмите на извозот. За тоа, секако ќе треба колективно изобилие од позитивни мисли во сетот од мисли кај македонските граѓани.  

Друг одоговор на прашањето: Зошто?; се крие во фактот кој вели дека многу успешни нации кои се во континуирана војна, а еве и денес, единствен начин преку кој се одржуваат силни е базиран на вложување во знаење, поточно во вложувања во умствен и духовен развој. Многу едноставно, на прво место да вложувате во знаети (знаење) кои носат приходи и се неопходни за опстанок на луѓето или т.н. егзистенционални занаети. Имено, каде и да живеат на земјинава топка, таквите мудри нации пребегнувајќи од местото на жариштето (кризата) тие со себе ги носат вредностите (знаењата) и занаетите. Знењето не може да се уништи со ниту еден вид на оружје. Тоа е неуништливо!

Но, кај германците од Хајделберг, постојат два вида на знаење - општо и специјализирано.

Општото знаење, колку и да е големо и разновидно, е од мала полза кога станува збор за акумулација на парите, со цел - младите да бидат успешни после дипломирањето. Факултетите и Универзитетите во светот, особено во регионот, располагаат практично со сите форми на општи знаења што ѝ се познати на цивилизацијата, концентрирани на едно место. Повеќето професори како единки на високообразовните установи не располагаат со големи пари. Тие се специјализирани за предавање на знаењата, а не и за организација или користење на знаењата. За таа цел, ние сме убедени дека знаењето нема да ги привлече парите доколку не е организирано и интелигентно насочено со посредство на практични планови за акција кон крајната цел - акумулација на парите за сите млади студенти после нивното дипломирање. Недоволното разбирање на овој факт е причина за конфузијата на милиони студенти, после завршување на студиите кои погрешно веруваат дека „знаењето е моќ“. Тоа е сосем погрешно! Знаењето е само потенцијална моќ. Тоа станува моќ дури кога ќе се организира во рамките на дефинираните планови за акција и ќе се насочи кон крајната цел.

Оваа „алка што недостасува“ во сите образовни системи може да се сретне во неуспехот на нашите образовани институции, кои, своите студенти треба да ги научат како да го организираат и да го користат знаењето откако се здобиле со него.

Јас милувам да го цитирам, Роберт Кенеди. Кој на еден собир, ќе истакне: “Некои луѓе ги гледаат работите такви какви што се и прашуваат: зошто? Јас сонувам за работите какви што никогаш не биле и се прашувам: Зошто да не?“

Прашање кое ми се врти во главата е: Како ќе се снајде ЕУ во економски поделен свет? Одговорт е чуден но едноставен: Само со силна Германија, пак, како во времето на Меркел, ЕУ ќе се снајде во новите услови. Друго прашање, кое ми се наметнува, додека трае процесот на проширување (еве нека е до 2030 оптимистично, во што верувам, но само и само сериозно си поработиме самите како држава во поглед на институционална промена и зајакнување), е сленово: Како е состојбата со миграцијата на младите од Хрватска и Бугарија, после зачленувањето на нивните држави во ЕУ?

Одговорв го напишав во некоја од претходните колумни, годиниве назад, но е многу важен, така што ако се повторам, сакам да се извинам однапред кон читателите. Имено, после три години од зачленувањето, во Хрватка и Бугарија, се појавува фаза 1, во која, опстојува засилено и интензивно иселување на младите во развиените западно-европски земји. Значи, полоша фаза од состојбата на кандидати, каде сме сега ние. (Читај: од ова се плашат домашните фирми). Но,  потоа, кога младите ќе се интегрираат рамо до рамо со нивните, веќе сега сонародници, Европејци, состојбите се подобруваат. Понатаму, после третата година од членството, еве нека биде 2033 година, кога ЕУ фондовите ќе почнат да пристигнуваат назад и тоа со засилена динамика, во новата земја членка ќе се почувстува „медена доба“. Е тогаш, реално ќе се почуствува некаков благодет од членството во ЕУ, за сите граѓани. Но, таа под-фаза е кратка. Затоа, ние самите, дома треба да си ја одработиме работата, а тоа значи да се натпреваруваме со сите членки, со нови механизми за подобрување на нивото на продуктивноста кај вработените во компаниите и комплетно да си ја промениме структурата во македонската економија, и тоа со нивните (европски) пари за помош во т.н. „медена доба“. Фаза 2, настапува во оној момент (читај: кај Бугарија не настапила оваа фаза, а во Хрватска има оптимизам и изгледи за тоа) или после петтата година од членството (среднорочно), во која фаза, дел од младите се враќаат дома и состојбите почнуваат да се стабилизираат. Исто така, ако зборувате со пријателите од Хрватска, тие ќе ви кажат дека во нивната економија, по разни основи за развој, внесени се десетици милијарди евра, како поддршка од ЕУ, за целиот тек на времетраење или од денот на зачленувањето во унијата. Од друга страна, пак, повратот на младите е тежок процес. Но, си велам, сега, каков е пак сега повратот на младите, кај нас? Секој оној, кој, барем има повеќе искуство со работа на компјутер, преку него, како прозорец, гледа и сонува да замине од тука.

Ете, затоа, се појавува една состојба на крик во стопанството за нова работна сила, а работници нема и ќе нема сѐ повеќе. Токму, затоа коморите се претерано активни во насока на алармирање на состојбите.

Како до нови и продуктивни работници? 

Прво,преку образованието, веќе напишав неколку пати. Тука, сум и прилично активен со германците. Имено, компаниите ќе мораат самите да ги креираат таквите профили на луѓе, и тоа преку нивна регрутација и работа на нивна психолошка трансформација, уште од најрана возраст (читај: после завршување на матура). Ова, во Германија се вика дуално високо образование. Ние, овде, со толку Ректори и Академици, природно е сите да докторираме, со синтагмата: „Учи мајче да не работиш“. Е сега, нема кој да ни работи. Сите села станаа универзитетски центри. Егото – најголемо. Тоа е другари. Како понатаму?

Еве како, подолу:   

Второ, на прв впечаток ова може навидум да изгледа налудничава идеа, но да ја подразмислиме. Тоа е директната поддршка на државата преку давање на дозвола за увоз и трансфер на работна сила. Сега, се поставува прашањето, од каде? ОдФилипини. Америкаците ја поддржуваат оваа држава. Да бидам објективен, ваквата идеа ја слушнав, на едно предавање во АБИТ, во 2019-тата. Таму, како службен јазик, покрај домашиот е англиски, што е доволен показател, зошто ДА на идеата за внесување и позајмување на неколку илјади млади и продуктивни работници од Филипини. Ете, нека се внесат неколку илјади нови работници и сите проблеми ќе се завршат, а македонската економија ќе расте со 8 до 10 отсто во БДП. Како? Ќе имаме двојно повеќе фабрики (во Охрид, Кичево, Битола, Кавадарци, Куманово, Штип, Скопје и т.н.), силно земјоделско производство и силен туризам. Како што вели Мајкл Ајснер: „Не постои добра идеја што не може да се подобри“.

PS:

За мене има една и единствена поделба на луѓето: добри и лоши! Секоја друга е неважна, според мене. Оттука, во таа насока, јас им давам приоритет на луѓето „работохолични“ и добри, а во Македонија ги има доста, и мажи и жени. Искуството ми вели дека сум имал низа одлични моменти со жени „работохолични“ и добри, кои преку работа успеваат, а не преку лукавост. Оттука, денес е голем ден за жената. Во насока на тоа, ја користам приликата да им го честитам 8-ми март на сите жени, со следната порака:

Почитувани жени,

Вие сте чудо од упорен карактер, дури и тогаш кога ние мажите сме се откажале од некоја цел. Тука, би додал дека сите успеси на мажите, колку ние да не го признаваме тоа, сепак, се темелат на искрената и силна поддршка од жената. Затоа, жени, инспириран од денот, јас овој дел од писаниево ви го посветувам токму ВАС - на сите жени верници во успехот на својот партнер, дури и тогаш кога тоа изгледа речиси невозможно. 

Синиша Наумоски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД