08 Мај, 2024
0.0273

Колку вреди детскиот живот?

Објавено во: Колумни 10 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Болка, тага, жал, јад и чемер ми го тиштат срцево, гнев ми ја исполни душава, ниту мисла ниту размисла, само нем и тап поглед од утрово, ова злокобно утро, кога ја чув веста за смртта на малата убавичка и умничка Тамара.  Во ушиве постојано ми одѕвонуваат стиховите на ненадминливиот Коневски и постојано и постојано си ги повторувам...О тешкото...во градиве зошто жал лута ме стиска, во очиве зошто ми навира река  и ми иде да плачам ко дете...да превијам раце, да прекријам лик,та гризам јас усни, стегам срце клето, да не пушти вик. Некогаш и зборови не се потребни... Некогаш и зборови не се потребни, онемувате пред фактите, а тие чисти како солза, говорат за безволноста и индолентниот однос на институциите кон болеста на едно дете. И постојано се запрашувате, себе си и ближните и постојано се навраќате на едно и единствено проклето прашање - која е цената на детскиот живот? Можеби погрешно го поставувам и треба да го корегирам како Дали детскиот живот има цена? Да драги мои верувам дека денес, секој оној кој барем малку има емоции, секој оној кој во својот вредносен дискурс има малку морална доблест, си го поставува истото прашање и знам, едноставно знам дека нема одговор. Моравме и можевме многу повеќе Не е важно дали сме или ќе бидеме родители, не е важно дали сме нечии деца, не е важно какви личности сме, едно е важно па побогу пред се и над се луѓе сме.  Верувам и знам дека денес секој добронамерник сочувствува со семејството на Тамара, секој доброчинител гласно или во себе тагува за згаснатиот детски живот, секој добродетел се прекорува себе си со забелешката - дали можевме да направиме повеќе. Не се изземам и себе си и велам да можевме, само требаше да бидеме погласни и похрабри, требаше да застанеме пред министерството и фондот за здравство и да не мрднеме оттаму додека не ни кажзат готово е замина малечката Тамара на операција. Самата себе си си се прекорувам, а пишував, донирав, постирав, но очигледно и храброста до крај не била моја доблест, да почитувани, поаѓам од себе си, моравме и можевме многу повеќе. До кога стравот ќе ни е главна емоција во нашиот ментален и карактерен дискурс Но чуму сега прекорувања, чуму сега јадосувања, чуму сега жалосувања, чуму сега пишувања кога едноставно доцна е. Немир ќе ме следи со денови а верувам и вас, добродетели и добронамерници, немир ќе не следи сите бидејќи од ден на ден стануваме само неми сведоци на бескрупулозните дејанија кои ни се случуваат во нашата ни мила држава. Од ден на ден сме само неми посматрачи на урнисување и разнебитување на кревките делови на нашето ни општество. Дел по дел се кине, како свилен конец, дел по дел се уништува, дел по дел се гази, дел по дел се разнебитува, а ние чмаеме и молчиме, понесени од стравот, стравот за сопственото битисување, стравот за позицијата наша и на нашите најблиски, стравот за опстанокот. Па до кога стравот ќе ни е главна емоција во нашиот ментален и карактерен дискурс, до кога тој ќе не води, нели веќе потонавме и се загубивме во шумата наречена живот? Ако малку имате скрупули понесете си ја одговорноста А колку малку требаше и колку тоа чинеше за едно искрено, младо и невино детенце, за еден живот кој што допрва требаше да ги вкусува плодовите на битисувањето. Исто онолку колку што чинат патните трошкови на една позната народна избраничка, разбира се во матичната држава - не надвор од неа, исто онолку колку што чини рогот на бикот поставен на славната ни скопска улица, исто онолку колку што чини (простете ми не е мој стил но револтот во мене избликува и вулгарно ќе се изразам) едниот тестис од коњот на славниот воин, ништо повеќе од ташната што ја носи шмизлата - олицетворение не знам чие, ништо повеќе од четката на онаа склуптура за кондури се разбира, ништо повеќе од ореолот на ангелот и од гаќите на Прометеј. Е толку господа е вреден животот на едно дете. Срамно и одвратно е тоа што се направи и ако малку имате скрупули понесете си ја одговорноста. Та нели битката е за трето дете... а ни за едно не можете да се погрижите. П.С. 1  Секоја солза капната од окото на ближните на Тамара ќе не запече, секој збор изговорен од устите на нејзините ближни ќе не заболи, да нас, кои директно или индиректно се боревме и апелиравме, а вие другите, е за вас е прашањето дали може да ви се препише епитетот луѓе и дали сте достојни да се наречете човек во вистинска смисла на зборот. П.С. 2 Кој ќе се врти на вртелешката која чини неколку пати повеќе од средствата потребни за операција, кој ќе се врти на тоа панорамско тркало, кои деца, оние кои умираат незгрижени и оставени сами на себе, чиј џагор ќе се слуша, сте се запрашале ли или тоа не е битно важно е само нешто да се врти.... Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина