05 Мај, 2024
0.0294

Колективна параноја

Објавено во: Колумни 28 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Аферата со прислушувањето и самото објавување на разговорите направи земјотрес на политичката сцена. Но покрај политичарите , засегнати беа и граѓаните. Се наруши приватноста на голем број на граѓани (помалку или повеќе познати) што предизвика многу поголеми промени во нивниот живот отколку што може да се замисли. Имено речиси и да нема човек кој додека разговара по телефон со некого во еден момент да се сецне и да каже, леле доста зборуваме за ова по телефон, некој може не прислушува! И додека муабетите се за политика и да најдеш некоја логика зошто некој би прекинал разговор, но смешно е кога станува збор за обични, секојдневни теми . Интересно е што иако помина доста од аферата и првите т.н. бомби на опозицијата, перцепцијата дека некој не слуша по телефон подеднакво е присутна. Смешно е што во таа колективна параноја секој си придава важност и мисли дека ете баш тој е на листата  прислушувани и треба да внимава што зборува. И сега многу муабетџии се приморани да ги скратат разговорите, луѓето да се подзамислат што и со кого ќе зборуваат...”бидејќи нели некој не слуша”. И така многу мисли, заклучоци и ставови ги пренесуваме во шифри, за да не си наштетиме себеси и на другите. Многу забранети разговори или ситни манипулации не ги правиме, или ќе се подзамислиме дали ќе ги направиме, бидејќи не сме сигурни кој се не слуша. Станавме граѓани на општеството кое стравува и е под контрола на една машинерија која не пропушта буквално ништо, каде желбата за моќ поради самата моќ не бира начини за самоостварување. И така фризерката од мало, таксистот, службеникот на шалтер, сите се воздржани и внимателни некој да не ги слушне како нивните муабети да се државна тајна. Смешно, но вистинито.! Колективна параноја! А Македонија е толку мала што кога нешто поголемо ќе се случи не може а да нема реперкусии врз животите на поголемиот дел од граѓаните. Како сите да сме дел од едно големо риалити ТВ шоу, каде се снима и следи животот на неговите учесници. Изразот„Големиот брат те гледа“ влече корени од романот 1984 —напишан од англискиот писател Џорџ Орвел, објавен во 1949, а во кој случувањата многу потсетуваат на она што се случува кај нас. 1984 е политички фиктивен, научно фантастичен роман кој изразува страв, фобија од тоталитаризмот. Сосема се сложувам со една реченица од книгата "Луѓето ќе веруваат во она што медиумите им кажуваат во што да веруваат." А поголемиот дел од луѓето навистина им веруваат на медиумите и  информациите ги прифаќаат слепо и површно без критичко толкување. Тоа за жал е така, и тоа не само кај нас ,туку секаде во светот. Токму затоа е голема борбата од страна на политичарите и големите компании да контролираат што повеќе медиуми, и да ги остварат своите цели. Денес ништо не е случајно, ретко која информација да нема позадина. А прислушувањето е нов метод на контрола на луѓето и состојбите во државата, кој дава информации кои можат да се искористат за да се искомпромитира кој било, бидејќи и никој и не е совршен, и во одреден моментможе да звучи и да се однесува неприродно и несвојствено и тоа да се искористи против него.. Колку ли само политичари се стресоа да не излезат на површина нивните љубовни згоди или незгоди, тајни или јавни! Приватноста е нешто што е драгоцено и многу интимно, и токму затоа секое нејзино нарушување e кршење на човековите права. Нарушувањето на приватноста расте со развојот на новите технологии, а најсвеж пример е големата афера која ја откри Викиликс, според која Американската Национална безбедносна агенција шпионирала се и сешто па дури и тројца француски претседатели Жак Ширак, Никола Саркози и Франсоа Оланд, а таква афера ја тресе и Германија. Но разликата помеѓу овие афери и нашава е тоа што според кажувањата на опозицијата прислушкувањето е масовно над 20 000 броеви. Историјата покажува дека тие што се најгласни за теми поврзани за демократија и човекови прави, се и најголемите злоупотребувачи на слободата и приватноста. Прислушувањето е експлоатација и чин на претворање на луѓето во робови на политичките елити. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина