КОЈ ЗАТАЈУВА ДАНОК ВО МАКЕДОНИЈА: Колку пари се сокриени во последните пет години
Објавено во: Економија 04 Јули, 2018
Безмалку 96 милиони евра тежат кривични дела на кои финансовите полицајци им влегле во траг во текот на минатата година. Од овие дела најголем дел се тие во кои фирми и поединци затајувале данок и го оштетувале државниот буџет. Нема податоци за тоа колку криминал е откриен годинава и за колку дела се процесирани тужби. Затајувањето сепак и годинава е најзастапено прекршување. Се прават малверзации со Данокот на додадена вредност, најчесто со повратот, но има криења и кај другите даноци.
Според податоци од Управата за финансиска полиција, таа лани поднела 49 кривични пријави во 77 дела, а пријавени се 111 лица. Од сите дела, најзастапени се или во точно 22 дела се затајувал данок. Останатите се однесуваат за други прекршоци или 14 се за злоупотреба на службена положба и овластување, девет се за фалсификување и уништување деловни книги, шест за непочитување на процедури при јавни набавки, пет за фалсификување исправа, но има и пријави за други прекршоци.
Гледано по години вкупната штета која е откриена во постапките на управата лани била значајно повисока од претходната 2016 година. Тогаш во постапките кои се откриени имало вкупна штета од само нешто над 4,6 милиони евра.
Во 2015 година во 94 кривични дела прекршителите направиле штета тешка 8,3 милиони евра, додека во 2014 година вкупната штета е девет милиони евра. Во 2013 година во 110 кривични дела затаени се над 10, 8 милиони евра. Според овие суми излегува дека за пет години финансиските полицајци откриле дела во кои државата е оштетена за 129 милиони евра.
A.T.