08 Мај, 2024
0.0261

Кој може да проверува финансиски информации?

Објавено во: Колумни 06 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Изградбата на соодветни капацитети за спречување на перење пари на национално ниво претставува изградба на соодветни институции и делегирање, односно доделување на потребната моќ, одговорности, персонал и финансиски средства на истите. Единствено на тој начин овие институции ќе можат да влезат во костец со перењето пари и да воспостават ефикасна соработка на меѓународно ниво. Во тој контекст, секоја земја е должна да формира орган за проверка на финансиски информации. Тој орган треба да има соодветна хиерархиска моќ, кадар и финансиски средства за да може адекватно да врши анализа на добиените извештаи од финансиските институции и по потреба, да покренува иницијативи пред истражните и судските органи. Во светот се среќаваат различни видови на органи за проверка на финансиски информации: административни (самостојни или во состав на министерството за финансии), полициски (во состав на министерството за внатрешни работи) и правосудни (во состав на јавното обвинителство). Формирањето на орган за проверка на финансиски информации од административен тип се врши со цел да се направи едно поврзување (мост) помеѓу субјектите и органите задолжени за истражување и прогон на финансискиот криминал. Најчесто, субјектите немаат докази дека активностите и трансакциите на одредени комитенти се поврзани со перење на пари. Отсуството на цврсти докази ги оневозможува овие субјекти директно да се обратат до полицијата или обвинителството. Во таква ситуација, улогата на органот за проверка на финансиски информации е да ги обработи доставените извештаи од страна на субјектите, па доколку се појави сомневање дека станува збор за перење на пари, за истото да ги извести полицијата или обвинителството. Административните типови на органи за проверка на финансиски информации обично делуваат како орган во состав на министерството за финансии, централната банка или одделна регулаторна агенција. Многу ретко на овој орган му е дадена организациона или функционална самостојност. Формирањето на административен тип на орган за проверка на финансиски информации значи дека таквиот орган нема истражна моќ. Покрај регулаторната функција, овој орган врши обработка и анализа на доставените извештаи од страна на страна на задолжените субјекти. Од друга страна, во некои земји акцентот е ставен врз репресивниот сегмент од процесот на спречување на перење на пари. Во тие земји органот за проверка на финансиски информации е орган во состав на министерството за внатрешни работи. Тоа е најлесниот начин да му се даде на овој орган истражна улога, без да има потреба да се основа нов орган или ново правно лице. За разлика од административните органи за проверка на финансиски информации кои по својата функција се поблиски на финансиските институции, полицискиот орган за проверка на финансиски информации е поблизок до органите за прогон на финансискиот криминал. Полицискиот орган за проверка на финансиски информации ги користи информациите и искуствата на службите во состав на министерството за внатрешни работи. Овој процес е реверзибилен, информациите до кои доаѓа полицискиот орган за проверка на финансиски информации можат многу полесно да се обработат од страна на органите на прогонот (МВР), отколку што е тоа случај со информациите на административниот органи за проверка на финансиски информации. Полицискиот орган за проверка на финансиски информации, по дефиниција, ја има истата истражна моќ и улога што ја има полицијата, без да има потреба од донесување на посебни законски одредби. Овој орган може да нареди стопирање на трансакцијата или замрзнување на средствата, исто како што тоа може да го направи полицијата. Тоа овозможува забрзување на постапката и зголемување на ефикасноста во борбата со перењето на пари. Една од слабите страни на полициските органи за проверка на финансиски информации е што тие не се во состојба да добиваат одредени податоци од финансиските институции без судски налог. Во таква ситуација, мора да реагираат државните органи во својство на посредници. Правосудните органи за проверка на финансиски информации функционираат во состав на јавното обвинителство. Такви типови на органи за проверка на финансиски информации постојат во земји во кои обвинителите се дел од судскиот систем и имаат поголема моќ од истражните органи (полицијата). Во овој случај, јавното обвинителство и органот за проверка на финансиски информации кој делува во негов состав, ги прибира и обработува извештаите за сомнителни финансиски активности. Доколку обвинителството оцени дека прелиминарните сознанија упатуваат на криминални активности извршени од страна на одредени субјекти, наредува покренување на истрага. Во текот на истрагата, правосудниот орган за проверка на финансиски информации може да пристапи кон замрзнување на средствата, спроведување на истраги, приведување на осомничени и сл. Основна предност на алоцирањето на органот за проверка на финансиски информации во состав на јавното обвинителство е директното пласирање на информациите и документацијата од финансиските институции до правосудните органи, без да се појави одреден орган во својство на посредник. Ваквиот модел е погоден за земји во кои законите за чување на деловните, односно банкарските тајни се многу силни, па единствен начин да се обезбеди соработката од страна на финансиските институции е да се алоцира органот за проверка на финансиски информации во орган кој има директна истражна моќ. д-р Гоце Трајковски Ставовите изнесени во оваа колумна претставуваат лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институцијата во  која  тој е вработен

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина