27 Јули, 2024
0.0293

Кој „ископа“ џек пот во РЕК Битола? Ќе наплати 97 милиони евра од тендери во 2 години!

Објавено во: Економија 11 Декември, 2023

Добивај вести на Viber

Копањето крипто валути е еден од најпопуларните начини за брза и лесна заработка иако многумина не видоа аир од тие активности. Но има пари и во копањето буквално. Тоа подразбира копање, риење и товарење земја, јаловина, а и јаглен. Машка и тешка работа која многупати е и ризична затоа што се работи во тешки услови во утробата на рудниците во РЕК Битола. Но пари има. Еве, една локална битолска фирма специјализирана за копање во две години фати десетина тендери во рударскиот комбинат вредни 97 милиони евра. „Марковски компани“ иако не копа бит-коин, но јаловина во РЕК-о, лани оствари профит поголем од 6 милиони евра. Таа фирма ангажира повеќе од 300 вработени чија просечна нето месечна плата е повисока од 600 евра. Друго прашање е тоа што на акционерот во РЕК Битола „не му пука“ за тоа што нема тешка механизација па приватна фирма му зема 45 милиони евра за наем на тешка градежна механизација во само 2 тендери!

 „Марковски компани“ е убедливо најуспешната локална фирма на тендер листата на РЕК Битола, најголемиот државен производител на струја. Во последните две години (декември 2021 – декември 2023 година) „Марковски Компани“ од РЕК Битола доби тендери вредни 97 милиони евра. Листата на јавни набавки кои ги доби оваа компанија е достапна на следниот линк 

„Марковски компани“ е битолска компанија која е специјализирана за градежна оператива. Има бројни и разновидни градежни машини кои во значаен дел работат за потребите на РЕК Битола. Најголемиот тендер што го доби оваа фирма сопственост на битолчанецот Борче Марковски во овој период е вреден 24,9 милиони евра и договорот е потпишан во октомври годинава. Набавката е за ископ на јаловина во рудниците на РЕК Битола. Во период пократок од една година, пред овој тендер, „Марковски компани“ доби уште една јавна набавка од РЕК Битола вредна 20 милиони евра, а договорот е склучен во ноември лани. И во двата договори клучниот збор е ископ.

„Марковски компани“ врти милиони евра, но не зајми од банките!

Анализата на финансиските извештаи на „Марковски компани“ покажува дека компанијата има постојан раст на приходите во последните три години, а бележи и континуирано зголемување на бројот на вработени во последните 5 години. Нивниот број е зголемен за 34 отсто од 2020 до 2023 година.

Приходите на компанијата во 2022 година изнесувале 30 милиони евра што е најдобар резултат во последните 5 години. Во споредба со 2018 година приходите во 2022 година се повисоки за 5 пати.

Добивката за минатата година е убедливо најдобра во последните пет години и таа изнесува 6,65 милиони евра. Во споредба со претходната година профитот е зголемен за 16 пати, а во однос на 2020 година добивката е поголема за 3 пати.

Најинтересен детал од билансот на состојба на компанијата е тоа што воопшто не должи на деловните банки. Податоците за долгорочните и за краткорочните заеми и кредити се нули. Тоа е реткост на македонската економска сцена особено кога се работи за компанија од градежната оператива.

Според официјалните податоци своите побарувања лани ова друштво ги наплаќало за период од 170 дена, а обврските кон добавувачите и коминтентите ги плаќало за 175 дена. Веројатно дека овие податоци во одредена мерка се рефлекција и на работењето со РЕК Битола.

На крајот на 2022 година друштвото имало обврски кон добавувачи во вредност од 8,5 милиони евра. Нивната вредност е речиси удвоена во однос на претходната година кога изнесувале 4,7 милиони евра.

Има тенденција на силен раст и кај ставката останати краткорочни обврски. На крајот на минатата година тие изнесувале 2,1 милиони евра што е повеќе од двојно повеќе од претходната година, кога биле неполн милион евра.

Индикативен е растот и кај побарувањата од купувачи. На крај на минатата година тие изнесуваат 14,3 милиони евра што е двојно повеќе од износот на побарувања во 2021 година.

Во 2021 година пак во однос на претходната 2020 година побарувањата од купувачи се зголемени за 50 отсто. Дали е тоа цената на успехот? Одговор нема, може само да претпоставуваме чија заслуга е тоа и дали е поврзано со енормно зголемената соработка со РЕК Битола.

Како Борче Марковски ги плаќа своите вработени?

Просечната плата во „Марковски компани“ лани била околу 870 евра во бруто износ, според трошоците за вработените од билансот на успех. Друштвото имало 310 вработени што значи дека нето просечната плата е околу 610 евра. Дали е тоа добра плата за битолски прилики треба да кажат битолчани. Ако се спореди со просекот за претходната 2021 година излегува дека просечната плата во таа компанија е зголемена за околу 100 евра.

Колку данок на добивка плати „Марковски компани“ за три години?

Податоците од билансите на успех за три годишниот период 2020-2022 година покажуваат дека оваа битолска компанија платила еден милион евра данок на добивка за овие три години.

Во тој период (кумулативно) компанијата остварила добивка од 9 милиони евра.

Р.Ф.

Можеби ќе ве интересира

ГРЧКИОТ АКЦИОНЕР ЕЛ.П.ЕТ БАЛКАНИКИ ЈА ЗАСИЛУВА СВОЈАТА СОПСТВЕНОСТ - сега поседува 82,1 отсто од скопската рафинерија

ГРЧКИОТ АКЦИОНЕР ЕЛ.П.ЕТ БАЛКАНИКИ ЈА ЗАСИЛУВА СВОЈАТА СОПСТВЕНОСТ - сега поседува 82,1 отсто од скопската рафинерија

КОМПАНИИТЕ ОД ЛИСТАТА FORTUNE 500 ИЗГУБИЈА ОКОЛУ 5,4 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - причина е грешката во CrowdStrike

КОМПАНИИТЕ ОД ЛИСТАТА FORTUNE 500 ИЗГУБИЈА ОКОЛУ 5,4 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ - причина е грешката во CrowdStrike

ЕВЕ ШТО СЕ СЛУЧИ ДЕНЕС НА РАСПРАВАТА ЗА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ: Лукаревска ја прекина седницата, истата ќе продолжи утре

ЕВЕ ШТО СЕ СЛУЧИ ДЕНЕС НА РАСПРАВАТА ЗА РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ: Лукаревска ја прекина седницата, истата ќе продолжи утре

ИНДУСТРИЈАТА ЗА ЛУКСУЗНИ ПРОИЗВОДИ ПОКАЖУВА ЗНАЦИ НА КРИЗА: Колку познати брендови ќе исчезнат за пет години?

ИНДУСТРИЈАТА ЗА ЛУКСУЗНИ ПРОИЗВОДИ ПОКАЖУВА ЗНАЦИ НА КРИЗА: Колку познати брендови ќе исчезнат за пет години?

ЕВЕ КОЈ ДЕЛ Е НАЈПРОБЛЕМАТИЧЕН ВО ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО - ОХРИД: И покрај проблемите, ќе биде изграден до 2026 година

ЕВЕ КОЈ ДЕЛ Е НАЈПРОБЛЕМАТИЧЕН ВО ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТОТ КИЧЕВО - ОХРИД: И покрај проблемите, ќе биде изграден до 2026 година

КОЈА Е ЦЕНАТА ШТО ЌЕ ЈА ПЛАЌААТ СКОПЈАНИ ЗА ПАРНО? Еве кога ќе се дознае износот

КОЈА Е ЦЕНАТА ШТО ЌЕ ЈА ПЛАЌААТ СКОПЈАНИ ЗА ПАРНО? Еве кога ќе се дознае износот

КОМПАНИЈАТА ВИНОВНА ЗА ОГРОМНИОТ ПАД НА СИСТЕМОТ, НА РАБОТНИЦИТЕ ИМ ДАЛА ВАУЧЕРИ ОД 10 ДОЛАРИ: И тие не работеле!

КОМПАНИЈАТА ВИНОВНА ЗА ОГРОМНИОТ ПАД НА СИСТЕМОТ, НА РАБОТНИЦИТЕ ИМ ДАЛА ВАУЧЕРИ ОД 10 ДОЛАРИ: И тие не работеле!

ГОРДОСТА НА ГЕРМАНИЈА НА КОЛЕНА: 30.000 работници останаа без работа - евидентирана загуба од над една милијарда евра

ГОРДОСТА НА ГЕРМАНИЈА НА КОЛЕНА: 30.000 работници останаа без работа - евидентирана загуба од над една милијарда евра

НЕМА ЛУЃЕ ЗА МЕНАЏЕРСКИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ФАБРИКИТЕ: Производителите се соочуваат со големи проблеми

НЕМА ЛУЃЕ ЗА МЕНАЏЕРСКИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ФАБРИКИТЕ: Производителите се соочуваат со големи проблеми