Кој е напаѓачот од Лувр?
Објавено во: Свет 04 Февруари, 2017
Maжот кој вчера со мачета нападна војник пред влезот на Лувр, пред да биде застрелан, е египетски државјанин кој пристигнал во Франција кон крајот на јануари.
Ова го соопшти близок извор до истрагата, цитиран од агенциите.
Изворот додаде дека ова е прелиминарна верзија на истрагата.
Напаѓачот викал „Алах е голем!" на арапски и се упатил кон војниците и полицајците на влезот, по што бил застрелан и ранет тешко крај продавница до музејот.
ТАСС цитираше француски медиуми дека кај повредениот напаѓач е пронајден мобилен телефон, чија SIM картичка припаѓала на 29-годишниот Египќанец на име Абдула. Француските истражители стапиле во контакт со египетските колеги за расветлување на случајот.
Според извори блиски до истрагата, напаѓачот бил непознат на полициските служби во Франција. Тој пристигнал во земјата со лет од Дубаи на 26 јануари, пренесе Франс прес. Ова го покажуваат податоците од визата.