08 Мај, 2024
0.0238

Кои се поопасни, внатрешните или надворешните  непријатели?

Објавено во: Колумни 09 Февруари, 2015

Добивај вести на Viber

Брзото никнување на друштва и здруженија на граѓани кои ќе ја бранат Македонија, во екот на судирот меѓу лидерите на власта и опозицијата, само потврдуваат дека на македонската политичка сцена пламените јазици добиваат на интензитет. Продолжуваат да се заоструваат поделбите на националното ткиво и по клучните прашања за иднината на земјата, а тоа што може да се очекува е само влошување на состојбите.  Преку ноќ се зголемува бројот на „патриотите“ и, се чини, дека свесно се подготвува судир, судир  со цел да се испровоцираат натамошни поделби, а со намера да се  прикријат  сопствените слабости во работењето и криминогените однесувања. Катастрофално е што сме дојдени во ситуација поделбите да се зголемуваат врз, божем, различни идеи и концепти, а во суштина намерата на засегнатите „партиоти“ е да се заштитат интересите на  налогодавачите. Од кого? Од  надврешните непријатели кои „ги монтирале снимките, или од своите граѓани „кои сакаат да ги слушнат „монтираните снимки“? Ако надворешните непријатели ни се веќе одамна детектирани, тогаш кои се внатрешните? Или тие им се познати само на оние кои имаат интерес да ги зголемуваат поделбите. И не сучајно се  употебува принципот „раздели па владај“. Само така тие можат да го продолжат владеењето без одговорност за стореното и за нестореното, мотивирано од лични и групни интереси. За нив внатрешни непријатели се сите оние кои на било кој начин се спротивставуваат на определени одлуки на власта, кои укажуваат на проблемите во развојот на земјата, кои се осмелуваат да укажат на проблеми во практицирањето на власта, и недај боже, кои директно ќе посочат поединци од власта кои се однесуваат незаконито, насилно, криминално. Иако станува збор за постапки и дела со различна тежина, носителите се сведени на „предавници“, за да кога ќе сакаат да го елиминираат тој што се нашол на патот  на нивниот марш за изградба на светла иднина,  да не мораат многу да објаснуваат.  За таквите не важи ниту уставот ниту законите, а   елиминираните  мораат да испаднат од маршот, иако им се чинат тешки неправди. Од досега осомничените за „пучот“ јасно се гледа дека не станува збор за сила која може да изврши било каков преврат, а камоли со такви димензии. Затоа е симптоматично што се јавуваат толку многу бранители на замјата, а непријателот е минорен. Очигледно, тоа некому му е потребно. И нема сомнение дека тоа се оние кои ќе ги имаат главните улоги во објавените документи од кои ќе се  види, како се најавува, неодговорно и криминогено однесување на некои носители од врвот на власта. Во овој контекст и не е битно кој ги доставил документите, ако има аргументирани наоди со кои ќе се разобличи таквото нивно однесување. Тоа е од поширок општествен интерес, наспроти стравот на поединци и групи да не испливаат на површина нивни недела. Лесно е ако „пучот“ е монтажа на која кумувале  странски разузнавачки служби. Има релеванти институции кои можат да ги проверат евентуалните сомнежи  и доколку се покаже дека  играта на Заев е валкана  последиците се јасни, имате и правна и политичка и дипломатска одговорност. Не само што во тој случај и Заев и СДСМ стануват  политчки одговорни, туку на тој начин произведуваат и неколку кривични дела, чии сторители законот  ги санкционира со казна затвор. Оттука, не гледам потреба од нервоза кај никого. Какви и да се информациите тие треба да се  слушнат, народот може да е сиромашен, мал дел од него енормно богат , голем дел невработен, но сигурно не е наивен, освен се разбира „навивачките групи за спас на Македонија“ кои одработуваат туѓи агенди за сопствени интереси. Нема сомнение дека со „отворањето на картите“ повеќе ќе се придонесе  за зајакнување на одбраната на земјата и за доследно остварување на нејзините развојни цели, отколку со вербална одбрана на Македонија со намера да се  прикрие и забошоти неодговорното и криминално однесување на носители на власта.  Овој зафат кој треба да го изведат надлежните институции на системот  има клучна улога во разградувањето на партизираната држава која е сериозна пречка  и за економскиот развој на земјата. Затоа не треба да се браниме од   намерите да се санкционираат сторителите  на криминални дела. Времените турбуленции во кои ќе влезе општеството, изведувајќи ја вистината за патриотите и предавниците на чистина, моментално ќе го одвлечат вниманието на бизнис елитите, ама ќе ја зацврсти нивната доверба во легалното работење и на државата, и на стопанските субјекти и на граѓаните, која е на толку ниско ниво што се манифестира како напор само да се преживее.   Во таква ситуација и државата ќе си ја најде мерката за нејзино ангажирање во стопанството, а бизнисот ќе се откачи од јаслите на државата и својата економска позиција ќе се бори да ја подобри со економски зафати, пред се’ со подобрување на квалитативните фактори на стопанисување. Тоа, всушност и’ треба на Македонија, а не борба со оние кои укажуваат на незаконити постапки и однесувања на носителите на власта. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина