Кои се господарите на октаните? На големо или на мало, вртат тешки милиони евра!
Објавено во: Економија 21 Јуни, 2022 07:55
Животот се тркала и тоа е реалноста. Македонскиот пазар на нафтени деривати лани конзумирал дизел, бензин, метан, керозин, мазут и ТНГ вредни повеќе од половина милијарда евра. Тоа е бизнис на големи играчи без разлика дали тргуваат на големо или на мало на нивните бензински пумпи. Резултатите од лани покажуваат дека индустријата закрепна од корона кризата. ОКТА останува неприкосновена во трговијата на големо, каде во меѓусебната конкуренција особено се истакнаа „Супертрејд“, „Црна река Петрол“ и „Дади Оил“. Најпрофитабилна компанија е „Пуцко Петрол“ од аспект на добивка во приход од продажба. „Макпетрол“ и понатаму е гигант и доминантен учесник во трговијата на мало со горива. Со своите 126 бензински пумпи оствари приход од 330 милиони евра и држи над 50 отсто од целата малопродажба на нафтени деривати. Неговиот конкурент „Лукоил Македонија“ има 32 пумпи на кои лани направил приход од речиси 100 милиони евра. Третиот играч на пазарот на продажба на мало е „Детоил“ со 44 милиони евра, а има осум бензински пумпи
Октаните го движат животот и тоа е факт. Повеќе од 650.000 возила на моторен погон ја диктираат потрошувачката, животот и економијата. Колку пари врти бизнисот со продажба на нафтени деривати и кои се најголемите играчи? „Фактор“ ги рангираше најголемите компании за трговија на големо и за малопродажба на нафтени деривати. Бизнисот со трговија на големо и мало со горива лани направи барем половина милијарда евра. Еве ги лидерите во пазарните сегменти:
Кои се лидери во продажба на големо?
ОКТА останува лидер на пазарот на големо со нафтени деривати. Со поддршка на фирмата – мајка и со комплетната инфраструктура, знаење и ресурси со кои располага овој гигант, останува број еден на нашиот пазар и според приходите од продажба како и според остварената добивка. Приходот од продажба надмина 420 милиони евра, а добивката е повисока од 6 милиони евра.
Значаен напредок има компанијата Супертрејд која минатата година ја заврши со приход од 127,5 милиони евра и добивка од 3,2 милиони евра. Профитот на Супертрејд е дуплиран лани во споредба со 2020 година. Оваа компанија беше доста успешна и во добивање зделки на тендери за јавни набавки од државни институции и буџетски корисници.
Дади Оил ја зголеми продажбата за 45 отсто лани во однос на претходната година и се најде на третата позиција на најголеми трговци на деривати. Неговиот приход достигна речиси 88 милиони евра, а добивката изнесува неполн еден милион евра. Ова друштво заедно со кавадаречката компанија имаат најслаб сооднос меѓу добивка и остварените приходи.
Најголем конкурент на виничката компанија лани беше Црна Река Петрол. Оваа компанија од Кавадарци оствари приходи од продажба во износ од 74 милиони евра и добивка која е нешто пониска од половина милион евра.
Пуцко Петрол има најдобар скор на добивка од остварени приходи лани во конкуренција на сите други големи трговци со нафтени деривати. Добивката е 3,6 милиони евра, а приходите од продажба изнесуваат 48 милиони евра.
Кој е кој во трговијата на мало?
Трговијата на мало со моторни горива е еден од најголемите бизниси во секоја пазарна економија. Македонија има нешто повеќе од 200 бензински пумпи, а повеќе од 150 од нив или две третини поседуваат две најголеми компании специјализирани за трговија на мало со горива. Тоа се гигантите Макпетрол и Лукоил, далеку позади нив, но пред сите други е кумановски Детоил, кој иако е семејна фирма сепак има одлична пазарна позиција.
Минатата година помина во сенка на корона кризата и покрај присутните олеснувања на мерките и делумно укинување на забраните за движења. На нашиот пазар на трговија на мало со моторни возила не се промени ништо значајно. Доминантен е домашно поседуваниот трговски гигант „Макпетрол“, а единствен негов конкурент е руско поседуваниот ланец на бензински пумпи Лукоил.
Во Македонија лани, според официјални и јавно достапни податоци, има регистрирани 650.000 возила на моторен погон од кои најголем број се автомобили и ги има повеќе од 540.000. Флотата на автобуси е 3.500, а на товарни возила е над 56.000. Во земјава лани биле регистрирани и повеќе од 30.000 моторцикли и скутери. Сите овие возила за дотур на гориво ги опслужувале домашните над 200 бензински пумпи. Повеќе од половина од пазарот покрива „Макпетрол“ , а зедно со „Лукоил“ покриваат повеќе од две третини од потребите на домашниот пазар на мало со нафтени деривати.
„Макпетрол“ ја има убедливо најголемата позиција на домашниот пазар. Својата продажба ја остварува на 126 бензински пумпи во земјава, што е на пример четири пати повеќе продажни места во споредба со најголемиот ривал „Лукоил“.
Приходот од продажба на „Макпетрол“ лани изнесува 365,5 милиони евра и тоа е за 34 отсто повеќе од претходната година. Во овој приход со 32 милиони евра учествува и продажбата на акциите во преносниот гасоводен систем ГА-МА, кои лани ги откупи Владата. Најголем дел од приходите на „Макпетрол“ се од продажба на нафтени деривати на бензинските станици, а делумно учествува и продажбата на стоки за широка потрошувачка кои се нудат на рафтовите во овие бензински пумпи. Добивката на оав друштво лани изнесува 22,3 милиони евра.
„Лукоил Македонија“ лани на своите 32 бензински пумпи ширум земјава оствари приходи во вредност од 96,5 милиони евра што е за 36 отсто подобар резултат од корона – годината 2020 во која еден квартал бевме ограничени со движење и продажбата беше исклучително намалена. Добивката на „Лукоил“ лани изнесува 2,7 милиони евра што е за солидни 37 отсто подобар резултат во пост-корона годината.
„Детоил“ од Куманово е семејна фирма на браќата Тони и Дејан Каранфиловски. Во состав на оваа фирма работат 8 бензински пумпи од кои 5 во регионот на Куманово и по една во Скопје, кај Велес и кај Демир Капија. Лани ова друштво од малопродажба на нафтени деривати остварило приход од 44,4 милиони евра што е за 12 отсто подобар резултат од претходната година. Солиден раст е остварен и кај профитот кој пораснал за 4 пати во однос на 2020 година и лани достигнал 418.000 евра.
Р.Ф.
Можеби ќе ве интересира
Цената на среброто скокна над рекордните 65 долари за унца
Фатих Шахбаз е нов главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје
„Бауер БГ“ ја реконструира Палата АСНОМ по стара шема, со нови анекс-договори од 700.000 евра засега
КУПЦИТЕ НА СТАНОВИ МОЖЕ ДА ЗДИВНАТ – повластената даночна стапка останува и следните три години
Кончар потпиша договор со позната американска компанија
ВАЛУТАТА ПОТОНА: Се тргуваат 1,3 милиони риали за еден американски долар
Најскапиот град во светот за излегување е во Азија
Сијарто: Унгарија потпиша договор со САД за снабдување со течен природен гас




