ЌЕ СЕ ПРАВАТ И ДОМА - македонските фирми почнаа со производство на заштитни маски
Објавено во: Македонија 20 Март, 2020
Текстилните компании во земјава почнаа со производство на заштитни маски. Станува збор за висококвалитетни маски кои почнаа да се произведуваат во една прилепска фабрика, а денеска првите маски ги произведе и фирма од Македонска Каменица.
Текстилна конфекција од Македонска Каменица, „Текстил М“ почнала со производство на висококвалитетни повеќенаменски заштитни медицински маски, јавуваат медиумите.
Првите 100 произведени медицински маски денеска од конфекцијата биле доделени за потребите на Општина Македонска Каменица.
„Производството на заштитните медицински маски ќе продолжи, како и поддршката кон заедницата во овие вонредно кризни моменти. Со ова сакаме да помогнеме и преку институциите да придонесеме во спречувањето и ширењето на заразата од коронавирусот,“ рекле од текстилната конфекција „Текстил М”.
Еден ден претходно, првите илјада заштитни маски, стерилизирани во прилепската болница, се произведени од прилепската фирма „Гифти Текс”, по што се дистрибуираат според приоритетот во институциите. Производството за заштитните маски ќе се зголеми наредните денови и по неколку илјади дневно, што е донација за градот и ќе има за граѓаните, истакнал менаџерот на фирмата Горан Илијоски.