ЌЕ СЕ ДЕЛАТ НОВИ 11,3 МИЛИОНИ ЕВРА ОД СТЕЧАЈНАТА МАСА НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА - ќе земаат „заглавени“ фирми, но и физички лица со повластени камати

Објавено во: Финансии 28 Март, 2023
Штедачите на Еуростандард банка, и тоа главно фирмите чии пари останаа заглавени во пропаднатата банка, тријат раце.
Ќе поделат нови 11 милиони евра, пари кои се собрале во стечајната маса, што всушност ќе значи дека сразмерно ќе добијат по 21,5 отсто од вредноста на нивните поединечни депозити кои ги чувале во банката, се до моментот кога Народна банка на Македонија и ја одзеде дозволата за работа, по што започна постапката за стечај и ликвидација.
Преку објава во дневен весник, стечајниот управник ги повикува да извршат увид во планот за распределба на овие пари.
Како што е познато, ова е втора исплата од стечајната маса на Еуростандард банка, откако во првиот наврат на штедачите им беа исплатени околу 50 милиони евра, и во која исплата беа подмирени главно сите штедачи физички лица, а останаа за исплата правните лица, кои се сметаат за доверители од втор ред.
Нашите сознанија говорат дека овие 11 милиони евра ќе се распределат главно меѓу компании депоненти на банката, но тука влегуваат и физички лица кои штеделе со повластени каматни стапки, а кои според правилата, не беа подмирени од Фондот за осигурување на депозити, ниту, пак, од втората транша од стечајната маса.
„Се известуваат доверителите во стечајната постапка над должникот Еуростандард банка АД Скопје – во стечај, дека Планот за втора авансна распределба на парични средства на доверителите во стечајната постапка над должникот, е депониран во Стечајното досие ЗСТ 123/20 во Основен граѓански суд Скопје, на ден 22.03.2023 година. Во Планот за втора авансна распределба, предмет на распределба на доверителите во стечајната постапка над должникот, се парични средства во вкупен износ од 697.647.271 денари (11,34 милиони евра – н.з.), со процент на намирување од 21,5 отсто. Се повикуваат доверителите да извршат увид во Планот за втора авансна распределба на парични средства на доверителите, депониран во Судот“, се вели во објавата од стечајниот управник во доверителите, во еден од дневните весници во земјава, која датира од 23 овој месец, практично од пред неколку дена.
Во неа се нагласува и дека доверителите имаат право на приговор до стечајниот судија, на Планот за втората авансна распределба на парични средства, во рок од осум дена од денот на неговото депонирање во судот.
Според информациите на Фактор, во оваа сума од околу 11 милиони евра кои се собрале во втората транша за исплата за Еуростандард банка, не се влезени парите од зградата на Еуростандард банка во центарот на градот, бидејќи таа се уште не е продадена.
Како што е познато, на третата аукција за зградата, компанијата Пантелеон ГС понуди околу 5,4 милиони евра, но стечајниот управник и Собранието на доверители се уште немаат донесено одлука дали ќе ја прифатат овааа понудена цена. Почетната проценета цена беше околу 8 милиони евра и со неа стартуваше проджбата, но на третата аукција највисоката понудена цена за зградата беше 5,4 милиони евра.
Ова беше трета по ред лицитација.
Од компнијата Пантелеон ГС ангажирале независна интернационална ревизорска куќа, која процена на имотот на зградата направила во декември лани, проценувајќи го имотот на 5,3 милиони евра.
Објектот вклучува 1.977 м2 канцелариски простор, 1.512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места, или вкупна површина од 3.489 квадратни метри. Објектот ревизорската куќа РСМ Македонија го проценила на 5,3 милиони евра, додека износот кој Пантелеон ГС го понуди изнесува 330 милиони денари или 5,37 милиони евра.
Пантелеон ГС е брзорастечка македонска аутсорсинг компанија која работи за компании на американскиот пазар, а има 100-тина вработени.
Откако Фактор ја објави информацијата, писмо испрати бизнисменот Трифун Костовски, кој излезе со порака дека зградата на неговата некогашна банка во центарот на Скопје вреди не помалку од 12 милиони евра.
Н.Н.Ф.
Можеби ќе ве интересира
КОЛКУ ТРЕБА ДА ПЛАТИТЕ ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА? Еве детален преглед на цените

ГРСТ НАВРЕДИ ОД АМЕРИКАНСКИОТ РЕГУЛАТОР: Крипто пазарот е како берзата од 1920 година, полн со трговци и измамници

ТУРИСТИ ВО ШОК: Сметка за пијалок, мезе и салата колку цел еден одмор! Цени од 800 евра!

ДУРИ 1,4 МИЛИОНИ ЕВРА СЕ СВРТЕЛЕ СО АКЦИИТЕ НА КОМЕРЦИЈАЛНА ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ - кој друг направи најголем промет на Берзата во мај

ЛИРАТА ПАДНА НА РЕКОРДЕН МИНИМУМ - ригорозната политика на Ердоган продолжува да ја урива вредноста на валутата

ХРВАТСКА ИЗДАДЕ ЕВРООБВРЗНИЦА ОД 1,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА, имаше голем интерес од инвеститорите

ГИ ТУЖИ ЗА КРШЕЊЕ НА ДУРИ 13 ЗАКОНИ - американскиот регулатор им застана на патот на две моќни берзи за криптовалути

ЛАЖНИ ОГЛАСИ ЗА СМЕСТУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА: Луѓе „се тепаат“ да резервираат соба во напуштена куќа

ВО ЕК НА СЕЗОНА И ДО 120 ЕВРА: Еве ги цените за сместување во Грција, добро треба да се олесните за убаво сместување!
