Ќе биде ли конечно пуштена во употреба пруга од 22 милиони евра во Македонија?
Објавено во: Економија 27 Април, 2022 07:30
По повеќе од три години откако е направена, Железници - Инфраструктура најавува пуштање во употреба на пругата Битола - Кременица со која треба алтернативно да се поврземе со Грција.
Делницата е завршена уште во јануари 2019, три месеци подоцна беше направен технички прием, а од јаавното претпријатие во својот бизнис план за 2022 најавуваат дека ќе биде пуштена во употреба оваа година и дека финансиската конструкција со која е завршена чини 22 милиони евра.
„Во текот на 2022 се планира и пуштање во употреба на реконструираната делница Битола - Кременица во износ од 1.351.700 денари (21,97 милиони евра) финансирана преку ИПА, со што ќе биде предадена целокупната документација од страна на Министерството за финансии“, се вели во бизнис-планот на ЈП ЖРСМ - Инфраструктура.
Тестирањето на пругата и исполнувањето на обврските од грчката страна досега беа единствените изговори за стагнирањето. Пругата Битола-Кременица повеќе од 30 години беше запоставена и низ неа не помина воз. Битолчани, но и бизнис секторот, уште го чекаат денот кога ќе се воспостават првите линии на пругата со која Битола железнички се поврзува со Грција. Големите предизборни ветувања на власта не се исполнети докрај.
Во Пелагонискиот регион, Битола, Ресен, Демир Хисар, над 160 извозно ориентирани фирми го користат пристаништето во Солун. Околу 40 фирми кои работат во Пелагонија, вклучително и Прилеп, а кои се со грчки капитал, исто така сега го користат грчкото пристаниште. Голем бенефит од оваа пруга треба да има и индустриската зона Жабени.
Инаку во инвестициската програма амбициозно се најавуваат реконструкции на пруги и изградба на делници во вредност од околу 40 милиони евра, главно финансирани од меѓународни грантови и заеми, а за Битола - Кременица единствено стои дека треба да се исплатат само уште 200.000 денари за експропријација на земјиште.
Пругата од Битола до пограничното село Кременица, на самата гранична линија со Грција е во должина од 17 километри. Крак со станица за претовар има и во индустриската зона „Жабени“ кај Битола, покрај која минува пругата. Со проектот се изградија 9 мостови, 38 пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и објект за сигнализација и телекомуникации на потегот меѓу Битола и Кременица.
Проектот за нејзино обновување беше едно од големите ветувања на претходната власт, но тогашниот бугарски конзорциум не ја изгради пругата, ги проби роковите, а подизведувачите ги остави со празни џебови. Инвестицијата треба да го забрза и транспортот на стока и патници.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември
Кинеската економија во 2025 година и предвидувања за 2026 година
Тактики, а не паника, ја создаваат моменталната вредност на криптовалутите
Страв од вештачка интелигенција: Младите луѓе се префрлаат во квалификувани занаети
Кока-Кола добива нов извршен директор: Енрике Браун ќе ја преземе функцијата во март
Индустријата и потрошувачите можат да здивнат: ЕУ се согласи да ја укине забраната за бензин и дизел автомобили до 2035 година
СЕ ЗГОЛЕМУВА ЦЕНАТА НА БЕНЗИНОТ: Оваа земја прв пат по 2019 година ја качува цената на горивото
ТАЈНО КУПУВААТ РУСКА НАФТА, А НАС НЕ КРИТИКУВААТ: Сијарто со обвинувања до западноевропските земји




