Киријакидес предупреди на нов бран на ковид кој се очекува во есен и зима
Објавено во: Свет 19 Јули, 2022
Koронавирусот и натаму останува закана за луѓето. Комесарката за здравје и безбедност на храна на Европската комисија, Стела Киријакидес вчера ги повика 27. членки на Унијата да го искористат летото за да се подготват за нов бран на зараза во есен и зима.
Според неа, луѓето во Европа уживаат во летото без ограничувањата што беа на сила во претходните две години.
„Со оглед на можното влошување на епидемиолошката состојба, од клучно значење е да се задржи будноста. Летните месеци мора да се искористат за преземање на неопходните активности во јавното здравство за следната фаза на пандемијата во есен и зима“, додаде таа.
Киријакидес повика на зголемени напори за примена на првите дози и дополнителни вакцини (т.н. бустери), потоа за подготовка на идната кампања за вакцинација против варијантата омикрон и за следење и тестирање во текот на целата година. Здравствените власти треба да имаат сè подготвено за безбедно враќање на работа и на училиште по распустот. Во Австрија, Србија, Грција и други земји расте бројот на заразени со коронавирусот. Србија вчера објави дека има над 3.000 заразени за 24 часа.
foto freepik.com