28 Април, 2024
0.0263

Ким во Русија – Зеленски во САД

Објавено во: Колумни 18 Септември, 2023

Добивај вести на Viber

Неделава што помина, а и оваа што почнува од денес се во знакот на две посети. Првата на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун на Русија, која заврши вчера. А од денес украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе биде во неколкудневна работна посета во САД. Ќе учествува во работата на Генералното собрание на ОН, може да се обрати и во Конгресот, а најавена е средба и со американскиот претседател Џо Бајден.

За ефектите од посетата на Зеленски ќе може да се зборува кон крајот на неделава. Но, имајќи го предвид досегашното негово однесување на вакви настани и средби, јасно е дека тој ќе бара оружје за да ја победи Русија, зашто ако тоа не се направи тогаш следна жртва ќе биде Европа.„Во Украина се брани Европа“, повторуваат официјалните украински претставници. Втора работа сигурно ќе биде натамошната промоција на неговиот  „План од 10 точки за мир“. Зеленски ќе сака кон неговите гледања да привлече што е можно повеќе држави, особено оние од „Глобалниот Југ“, кои никако да воведат санкции кон Русија. Трето би било мобилизирањето околу кривичното гонење на рускиот претседател Владимир Путин. Покрај ова тој би можел да разговара и за „зделката со жито“, која во моментов е „парализирана“.

Во очекување на вестите од Њујорк и од Вашингтон, има конкретни работи од патувањето на Ким Јонг Ун во Русија. Тој на Далечниот исток на Русија допатува во оклопниот воз, а ако сакаше со него да дојде до Москва тогаш сигурно ќе патуваше со недели, велат дека возот се движи со брзина од 50 километри на час. Замина дома вчера од градот Артјом, кој е на 200 километри од единствениот граничен премин со Северна Кореја. Ким во Русија допатува во вторникот на 12 септември. Неговото патување беше помно следено од медиумите, кои од час во час јавуваа, пишуваа детали за него и за посетата, за оклопниот воз...Последен пати Ким во Русија беше во 2019 година и тоа во Владивосток.

ИНТЕРЕС ЗА ОРУЖЈЕ

Веќе утредента Путин и Ким го посетија космодромот „Источен“. Севернокорејскиот претседател во големите хангари беше сведок на реализацијата на некои од руските проекти, вселенскиот ракетен  комплекс „Ангара“, изградбата на нови стартни комплекси и посета на постојни. Потоа двајцата заминаа на преговори. Прво со соработниците, а потоа во четири очи. Во изјава за каналот „Русија 1“ претседателот Путин, зборувајќи за резултатите од средбата,  изјави дека перспективите за соработка со Северна Кореја во воено-техничката област не се лоши. Претходно тој рече дека „има некои ограничувања во таа област, кои Русија ги почитува“. Според него има работи за кои може да се разговара, кои се разгледуваат, за кои се размислува. Работи во кои има перспективи. „Русија е земја доволна сама за себе“, но  Путин вели „дека во рамките на постојните правила, Русија има можности на кои се поцветува внимание и се разгледуваат“. Тој не сакаше да зборува за резултатите од посетата, бидејќи таа беше на нејзиниот почеток. Туку кажа дека за Ким се подготвени неколку програми и настани. Посета на фабрики за производство на воена и граѓанска авијација, запознавање со можностите на Тихоокеанската флота, посета на факултети...„Програмата е голема, па затоа засега е рано да се става црта под резултатите“,  рече Путин. Но тој не испушти да каже дека лидерот на Северна Кореја, „пројавил интерес за ракетната техника и вселенските технологии“.

По заминувањето на Путин, за Ким се грижеше министерот за одбрана Сергеј Шојгу.  Во четвртокот Ким беше во фабриките во Комсомолск-на- Амур. Таму му беа покажани авионите ловци  Су-35 и Су-57. Во петокот имаше преговори со Шојгу во Владивосток. На аеродромот му ба покажани стратешките бомбардери и ракетните комплекси „Кинџал“. Попладнето ја посетија и фрегатата „Маршал Шапошников“, ракетни комплекси и системи за управување со ракетно оружје. Двајцата имаа разговори. Според државното радио „Гласот на Кореја“ Ким и Шојгу ја разгледале ситуацијата во светот, зацврстувањето на соработката во сферата на одбраната и натамошната соработка и размена меѓу вооружените сили на двете страни.

Веднаш паѓа во очи дека Ким најмногу се интересирал за оружје. Бродови, авиони, ракетни системи... Додуша бил и на претставата на балетот „Заспаната убавица“. И со министерот главно е зборувано за воено-техничка соработка. А од средбата со Путин нема ништо конкретно освен фрази. Еден северно корејски медиум ја нарекол средбата меѓу Путин и Ким - епохална. Пренесена е изјава од Путин „дека имале многу отворена размена на мислења за ситуацијата во регионот  и за обостраните односи“. Ако може нешто битно да се каже, а што го потврдуваат двете страни, тоа е согласноста на Путин да ја посети Северна Кореја. Обично Ким доаѓа во Русија. Но сега за прв пат тие двајца ќе се сретнат во Пјонгјанг. Путин во 2000 година бил во Пјонгјанг, на средба со таткото на сегашниот лидер. Централната телеграфска агенција на Северна Кореја(ЦТАК) вели дека „после приемот другарот Ким Јонг Ун љубезно го поканил претседателот Путин да ја посети КНДР во било кое удобно за него време. Претседателот со задоволство ја прифати поканата и уште еднаш изрази готовност без поговор да ја продолжи историјата и традицијата на руско-корејското пријателство“. Според Ким, пак, на преговорите се разгледале прашања за безбедноста на Корејскиот полуостров и во Европа. Двете страни исто така разговарале за соработката во сферата на селското стопанство, туризмот и развој на логистичка инфраструктура.

ПРЕГОВОРИ ЗА ОРУЖЈЕ

Во предвечерието на средбата, а и во нејзиниот тек Западот упатуваше предупредувања до двата лидера. Путин да не дава оружје на Пјонгјан,г затоа што ќе ги наруши санкциите на ОН за Северна Кореја. А на Ким му се заканија дека ќе воведат нови санкции  кон земјата доколку и продаде оружје на Русија. Во почетокот на септември од САД дојде изјавата на Адриен Вотсон, претставничка на Советот за национална безбедност на Белата куќа, која изјави дека дијалогот меѓу Русија и Кина за воена соработка активно напредува. Вашингтон го повика Пјногјанг „да ги прекрати преговорите за оружје“.The New York Times пишуваше дека меѓу интересите на КНДР за воена соработка се напредните технологии за сателити и атомски подморници, а исто така и помошта во храна. Кон крајот на 2022 година Западот, САД, ја обвини Северна Кореја дека предала оружје на ПВК „Вагнер“, што беше демантирано од Москва. И сега исто, дека од големите резерви на оружје Пјонгјанг би можел да испорача на Русија за борбите во Украина. Инаку, санкциите на ОН за Северна Кореја забрануваат секаква испорака на оружје за Пјонгјан. Според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, без оглед на санкциите на СБ на ОН, Русија ќе ги развива односите со КНДР. Димитриј Песков портпаролот на Кремљ вели дека Русија ќе ја држи својата позиција во однос на санкциите на ОН против Северна Кореја. Но тоа не пречи да се развиваат односите. Тој исто така додава дека во текот на посетата на Ким не се потпишувани никакви спогодби за воено-техничка соработка меѓу двете земји.  Јужна Кореја, пак, сака прашањето за соработката на Русија и КНДР да го постави во СБ на ОН со поддршка од САД.

Сето ова погоре зборува за тоа колку Северна Кореја успеа да го сврти вниманието кон себе. Сега уште повеќе, отколку кога лансира разни ракети или кога најавува нови заканувачки оружја. Посетата на Русија зборува дека таа има проблеми. Корејските лидери ретко ја напуштаат земјата. На Ким добредојдена му била поканата на Путин да ја посети Русија. И обратно. Што може да и даде Русија на Севрна Кореја, кога земјата е под санкции на ОН, а Русија, Путин, вели дека ќе ги почитува. Главно,  жито и други прехранбени производи. Не е исклучено зад кулиси,  да се протне и нешто „забрането“. Посетата на вселенскиот центар на Далечниот исток на Русија зборува дека на Ким му се потребни вселенски технологии,особено по неуспехот со лансирање на свои сателити во 2016 година. Северна Кореја има едни од најголемите резерви на муниција која можат да ја користа и советските системи што се’ уште ги има во Русија. Поаѓајќи од своите интереси Русија секако дека може да побара таква муниција од КНДР. Но Северна Кореја е под директна закана од САД за нови санкции. Некои украински медиуми заклучуваат дека со средбата со Ким уште повеќе паѓа меѓународниот авторитет на Путин, што може да доведе до тешки последици на внатрешен план.

Сите анализи што се правата околу посетата на Ким на Русија, или најмногуте, почнуваат од фактите дека Русија многу троши оружје и би и било добредојдено севернокорејско, а на КНДР би и била добредојдена храната и друга, не воена помош. А зошто да не се погледне поголемата слика. САД веќе подолго време се обидуваат да создадат ново „НАТО“ во пацифичкиот регион. Со Британија и Австралија веќе направија некаков сојуз, исто и со Индија, Jапонија и Австралија. Се обидуваат да вовлечат и нови држави. Бајден неодамна беше во Виетнам. Му пречи кинескиот комунизам, но не и виетнамскиот. Кога е во прашање интерес, тогаш „не е важно каква боја е мачката, туку важно е да лови глувци“. Така викаше кинескиот лидер, Денг Ксиаопинг. Може ли средбата на далечниот руски исток да се протолкува и како подготовка за одговор на американските намери во Пацификот и Кинеското море. Дотолку повеќе што и таму има можности за ескалации кои би довеле до воени судири. Кина го брани своето право на Тајван. Или пак кавгите околу малите острови во Кинеското море. Во август САД, Јапонија и Јужна Кореја имаа троен самит во Вашингтон. Тема, меѓу другото, Тајван.

ТРЕТ ИГРАЧ

И така сега во целата игра се вклучува третиот играч и главен покровител на Северна Кореја - Кина. Трет играч кој троши огромни пари за вооружување. Северна Кореја е позависна од Кина, отколку од Русија. Кина, пак, му треба на Путин на дипломатски план да ја штити Русија од Западот, САД и Британија. Исто така и на економски, особено по воведувањето на санкциите. Кина сега е главен кредитор на Русија. Од почетокот на војната најголемите кинески кредитори дале милијарди долари на руските банки. Во Русија опаѓаат плаќањата со евра и долари, а растат со јуани. Некои велат дека Кина би требала да биде загрижена од подлабоките врски на Москва и Пјонгјанг, особено можниот трансфер на оружје, кој би и’ ги влошил односите со Европа.  Но има и спротивни мислења. Дека Кина не би имала против Северна Кореја да испорача муниција во Русија. Во еден текст во CNN се пишува дека Пекинг може да  ја гледа потенцијалната поддршка на Москва од страна на Пјонгјанг, „како стимул за своите сопствени геополитички пресметки, каде што Русија останува најважниот партнер на фонот на растечката напнатост во односите со Западот“.  „Доколку Северна Кореја е навистина подготвена да и даде муниција на Русија, за Кина би било полезно да очекува Русија да не претрпи голем воен пораз на военото поле во Украина“, изјавил Ли Минцзјан, од катедрата за меѓународни односи при Сингапурскиот технолошки универзитет.„Тоа е благопријатно за геополитичките интереси на Кина“ додал тој. Исто така на Пекинг би му било добродојдено зацврстувањето на КНДР со руски воени технологии – тоа ќе биде противтежа на „азиското НАТО“, што го создава Запад.

Во очекување на крајот на неделава и вестите од преку океанот за новото оружје за Украина и новата финансиска помош, кои ќе ги бара Зеленски, не може да се исклучи дека потегот на Русија со Северна Кореја е дел и од промената на руската надворешна политика. Промените се резултат на актуелните светски состојби и регионалниот воен судир во Украина. Последиците за Русија се тешки, но се чини дека тоа е и нејзин избор. Како што се избор и промените во надворешната политика. Пред некој месец министерот Сергеј Лавров рече дека не сака да преувеличува, но, според него, Русија сега го преживува преломниот момент, поточно епоха. Што значи дека тоа ќе биде долг временски период. А ако викаат Русите „збогум“ на Западот, тогаш јасно е дека ќе кажат „здраво“ на некој друг. Како што стојат работите тоа е Истокот и Југот. И Русија поголемо внимание ќе им посветува на земјите членки на Шангајската организација за соработка(ШОС), заедничките организации со земјите од средна Азија, некогаш дел од Советскиот Сојуз. БРИКС, земјите од Африка и Латинска Америка. А во тие рамки и Северна Кореја, која не е член на ниту една од овие организации.

За крај, рускиот претседател за неговата средба со Ким, рече дека „порано Трамп пројавил храброст и политичка смелост, кога се одлучил  за преговори со Ким“. Тие двајца за две години се сретнаа дури три пати.  Инаку, Доналд Трамп, во интервју за NBC  за изјавата на Путин рече: „Ми се допаѓа  тоа што го рекол“, додавајќи дека е задоволен од коментарот на Путин, што значи дека „тоа што јас го говорам е правилно“. Во истото интервју тој рече дека е подготвен да ги собере Путин и Зеленски во една соба и да поразговара со нив. Бившиот американски претседател е убеден дека тој може да стави крај на војната за еден ден.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД