05 Мај, 2024
0.0249

Ќе почне ли Порошенко битка со радикалите?

Објавено во: Колумни 04 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

На овие страници изминативе месеци често пати пишувавме дека, објективно, најтешко во Украина му е на претседателот Петар Порошенко. Растргнат на неколку фронтови дома и надвор. Надвор, меѓу Западот и Русија. Внатре, меѓу потребата да ги спроведе Минските договори, а притоа да бидат задоволени и побунетите Доњецк и Луганск, но и радикалите во земјата, и опасноста од нивното неспроведување, што ќе биде крај на сите напори Украина да стане стабилна држава над која нема да виси неизвесноста од нејзиниот опстанок. Петар Порошенко ја знае точната дијагноза на болеста со која е опфатена државата. Тој тоа го има изјавено уште пред многу години кога беше секретар за национална безбедност по првата „портокалова револуција“, а потоа и министер за надворешни работи, во „портокаловата“ влада на Јулија Тимошено и претседателствување на Виктор Јушченко. Тоа е менталитетот на „хомо советикус“ или како што е одомаќено во постсоветското пространство – „совок“. Се разбира во негативна смисла. Станува збор, спред познатиот руски социолог Јуриј Левада, за типични негативни црти на советскиот човек. Му е гајле за квалитетот на неговата работа, краде на работно место, нема самоиницијативност и одговорност, со мали амбиции, без поговор се потчинува на било кое дејство на власта, се приспособува, подготвен да исполнува било кави, дури и бескарактерни задачи, склон кон пијанство, сомничавост и лукавство. И во нашиот социјализам многумина од луѓето беа со многу од овие карактеристики, а за денес да не зборуваме, како да сме се вратиле во минатото. Е, таква е дијагнозата на Порошенко за Украина. Но, иако тој ја знае болеста, актуелната ситуација во државата не му овозможува да ја лечи. За воља на вистината тој долго време беше во власта, ја знаеше дијагнозата, но не направи ништо да ја лечи. Она што „портокаловите“ не го направија кога ја имаа власта во свои раце, сега им се удира од глава на сите Украинци. Слободно може да се зборува дека и тогашните раководители го имаа тој менталитет на „хомо советикус“, па се однесуваа според тие карактеристики. Крадеа, власта ја делеа со олигарсите, ги товареа самарите. Не ни помислуваа дека може да дојде до сегашната ситуација, иако проблемите беа детектирани уште тогаш. И децентрализацијата и економијата и  поголемите права на рускојазичното население, а дури и Крим. Во Русија влијателни политичари, градоначалникот на Москва, на пример, Јуриј Лужков, во деведесеттите години јавно зборуваа дека Крим треба да и се врати на Русија. И што правеа украинските раководители. Забегани, во периодот на транзиција, сметаа дека доаѓа крај на светот, па ајде да се обезбедиме додека навистина не дошол. Многумина од тогашните политичари навистина се обезбедија. Па дури и доскорешниот претседател Виктор Јанукович, кој сега живее негде во Русија. Па и Порошенко, кој важи за  олигарх. Се разбира и бројни министри, регионални и локални раководители. А да не зборуваме за олигарсите и илјадници други, било бандити или припадници на специјалните служби. Сите се обезбедија, ама Украина денес  е пред крах. И не само политички. Да не зборуваме за надвиснатата опасност од банкрот на државата. Или за распад. Секако во она што е Украина денес свој удел имаат и Западот и Русија. Во право е американскиот помошник секретар, Викторија Њуланд. ЕУ не е способна, или не беше способна да се справи со ситуации кога треба да се носат вистински одлуки. ЕУ е коспонзор на она што е Украина денес. Таа само ги одолговлекуваше работите. Небаре чекаше  тие сами да се решат. Да беше Унијата порешителна сигурно ќе немаше стотици жртви во Киев, и илјадници други по разврската на ситуацијата со демонстрациите на Мајдан, кога почнаа воени дејства на истокот на земјата. Ниту, пак Владимир Путин ќе се обидеше да го врати Крим во Русија. Да не беа Американците, Русија денес ќе имаше голем дел од Украина, а можеби ќе имаше и влада благонаклона кон неа. Но, сето погоре сега е минато. Сега се актуелни Минските договори. Пред две недели напишавме „Каков посебен статус, какви посебни права за проруски настроеното население во Луганската и  во Доњецката област во деловите под негова контрола, велат противниците на Минските договори.“ Токму со ваквите извици на 31 август пред украинскиот парламент се собраа на протести противници на децентрализацијата, меѓу кои и радикали од партијата „Слобода“, која не е во Парламентот. И некој фрли бомба, загинаа тројца припадници на Националната гарда. А на дневен ред, во прво читање беше законот за уставните измени, кои во целост треба да се донесат до крајот на годинава. Тој поминаа со над 260 гласа, но во второто читање ќе мора да се обезбедат 300 гласа. До тогаш се очекува да почне купувањето пратеници, иако некои опоненти на Порошенко велат дека тој таа работа ја почнал уште пред првото читање. Интересно е што во протестите не учествуваа претставници на „Десниот сектор“, кои исто така се против измените во Уставот. Нивниот став е дека во услови на војна не треба да се предизвикуваат судири во земјата. Тие немаат многу пратеници во парламентот, но не се знае како ќе реагираат,  кога на дневен ред ќе дојде второто читање.  Засега се определија за законска борба, со собирање потписи за недоверба на власта.Се чини дека сега е време Порошенко да почне битка и да расчисти со радикалните елементи кои му беа „сојузници“ кои мораше да ги трпи, иако Запад до крај не ги прифаќаше, а Русија ги користеше во тврдењата за фашизација на Украина. Пред се милитантите од „Десниот сектор“ чии воени формации се уште не се под контрола на украинската армија. Тие како да сакаат „трет Мајдан“. Но тоа нема да се случи. Прво, нема да дозволат Американците, бидејќи сега Украина станува американски проект, а второ, украинскиот народ веќе е уморен и не верува дека на таков начин нешто ќе се смени во државата. Особено кога гледа дека власта која дојде на бранот на тие протести не прави ништо да се остварат барањата што беа поставувани на неколкумесечните 24 часовни бдеења, дури и на снег и дожд. И трето, веќе никому не му е до протести кога гледа како тие кои треба да ја водат државата се зафатени со меѓусебни судири и заткулисни игри. Украинскиот претседател ќе треба да води сметка и за владеачката коалиција. Таа веќе се распаѓа. Три од петте партии во неа не гласаа за законот за уставните измени. А за него гласаа опозиционери кои ги сметаат за луѓе блиски до сменетиот Виктор Јанукович. Во ваква ситруација почнаа да се пуштаа и спинови, кои треба да направат раздор меѓу претседателот и премиерот Арсениј Јацењук. На сајтот на украинскиот претседател Порошенко, во делот Јавни инцијативи, се појави петиција со која се бара поранешниот грузиски претседател, а сега губернатор на Одеската област, Михаил Саакашвили, да биде назначен за премиер. Според авторите на петицијата Саакашвили е способен да ги спроведе неопходните реформи во државата, а исто така да се бори со корупцијата. За таа инцијатива досега глас дале околу 700 луѓе, а за да се разгледа се потребни 25 илјади гласови. Самиот Саакашвили, како што пренесоа агенциите, вели дека не може да се претстави себе си на местото премиер. „Јас мислам дека во оваа фаза премиер на Украина треба да биде човек кој во прв ред одлично ги разбира финансиите и треба да биде искрен. И во целост заштитен од интересите на олигарсите. А јас тоа го поседувам. Но, сметам дека има луѓе кои подобро од мене се разбираат во тие прашања и во многу други детали“. Според негови зборови во моментов власта во Украина „во целост е парализирана“ и има потреба од рестарт на владата на сите нивоа. Првите реакции од руски политичари се дека станува збор за акција преземена од Порошенко. Но има многу луѓе кои сметаат дека и покрај квалитетите на Саакашвили тој во Грузија покажал дека не е демократ, туку авторитарен лидер, кој лесно употребува полиција против опозицијата или народот. Како и да е спинот е пуштен. Некои познавачи на работите велат дека она што се случува во Украина е дел од партиските сценарија пред локалните избори што треба да се одржат во Украина на крајот од октомври. Но тоа се опасни сценарија. Се ќе зависи од тоа колку кај украинските политичари ќе има политичка волја мирно да се направат уставните измени. Ако Порошенко успее во тоа, а патем и да ја добие битката со радикалите, сигурно е дека ќе  може до крај да го истера својот петгодишен мандат до средината на 2019 година. А со тоа и шанса да ја почне битката за менување на менталитетот на украинскиот „хомосоветикус“. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина